Протојереј Златко Ангелески
Православниот христијанин со својата смрт не престанува да биде член на Црквата. Преку смртта христијанинот преминува од еден дел на Црквата во друг. Заминува од земната Црква (воинствената) во небесната (торжествената). Но и земната и небесната Црква претставуваат една е единствена Христова Црква, Негово Тело, столб и тврдина на Вистината.
Според тоа, како што Црквата за своите чеда се грижела во текот на нивниот овоземен живот, подавајќи им, како најнежна мајка, полнота на благодатта и благослов преку светите Тајни и Молитвословијата, така таа не ги напушта и не ги заборава ниту во часот на смртта, а ни после тоа. За Црквата, како и за Самиот Господ, „нема мртви“, зашто нашиот Бог е „Бог на живите, а не на мртвите“.
Во предсмртните мигови Црквата се труди преку молитвите, исповедта и причестувањето што подобро да ги подготви своите чеда за излегување пред Божјото лице и преминот во вечниот живот, а по смртта не ја прекинува врската на љубов кон нив, туку ја продолжува преку послесмртните молитви: опело, парастос и помен (трисаѓија, блудец).
Многумина не знаат што претставува парастосот и која е неговата смисла!
Парастосот е еден од заупокоените чинови на Православната Црква, кој во одредени денови и време се служи за покој на душите на нашите починати роднини и ближни. Зборот „парастос“ има грчко потекло и значи: да се даде поддршка некому, да се завземеме за некого, да посредуваме за некого, зашто преку оваа служба Црквата, преку своите молитви се завзема и посредува пред Бога за своите починати членови.
Парастосот, како и останатите заупокоени обреди, всушност, претставуваат посебни чинови востановени од страна на Црквата во спомен на починатите и во себе содржат посебни молитви за нив. Праксата на Црквата да се грижи за своите покојни членови се заснова, од една страна, врз догматски причини, а од друга страна, врз наследството од поранешните претхристијански религии. Пред сè, самиот поим на Црквата како заедница на светите, која се состои не само од живите (според човечкото сфаќање), туку и од нејзините починати членови, како и верата во задгробниот и иден живот, во општото воскресение и судот, како нужна последица имале принесување на молитви за „блажен покој и упокојување на душите“ на оние, кои во Христа починале.
Исто така, и кај древните евреи, како и кај незнабошците, уште во времето кога христијанството никнувало, постоеле посебни обреди и чинови во чест и спомен на починатите, кои, без сомневање, иако надворешни и формални, сепак допринесле за продолжување на најстарите обичаи во врска со погребите, бидејќи тие не само што не биле во спротивност со вистинската вера, туку во христијанството добиле нова смисла.
Таа сличност во посмртните обичаи обично се среќава во книгите на Стариот Завет, каде што се наведува дека Јуда Макавеј, доследен на учењето за воскресението на мртвите, го испратил во Ерусалим она што било потребно за принесување на жртва за оние, кои загинале во војните. Кај незнабошците, пак, имало обичај да се изнесува јадење на гробовите на починатите, зашто верувале дека со пријателите таму јадат и починатите. Раздавањата, пак, кај христијаните, иако по својата надворешност наликуваат на овој незнабожечки обичај, сепак, добиле сосема друга смисла. Кај христијаните, грижата за покој на душите на починатите, особено се покажувала во милостињите и делата на љубовта. За вредноста на таквите дела и молитви за покојните говорат и најстарите христијански списи, како и многу свети отци и учители на Црквата.
Значи, кога некој од нашите ближни ќе се упокои, тогаш е потребно да се пејат парастоси во 3-от, 9-от, 20-от и 40-от ден по смртта, како и за 6-месечниот и годишниот помен. Општите помени, кои се извршуваат за сите „од векови починати отци и праотци“, се извршуваат на задушниците – деновите посветени на покојните, а особено во саботите спроти месопусната недела и спроти Духовден. Сите овие парастоси во христијанството добиле длабоко духовно значење. Така, парастосот во третиот ден го символизира тридневното пребивање на Христос во гробот, а се извршува во чест на Света Троица, Која е самата суштина на нашата вера. Парастосот во деветтиот ден се извршува во чест на деветте ангелски чинови, кои треба да ѝ бидат поткрепа на нашата душа пред донесувањето на посебниот суд; во 20-от ден служиме парастос со кој на душата на покојникот ѝ помагаме полесно да го мине патот низ митарствата; 40-от ден служиме парастос, зашто на тој ден душата ја очекува пресудата од праведниот Судија, која се изрекува на посебниот Божји суд, во очекување на сеопштото воскресение на мртвите и општиот суд, кога секој ќе добие награда или казна, според тоа како го поминал овоземниот живот. Годишните парастоси не се извршуваат на денот на телесното раѓање, туку на денот на вистинското раѓање за вечен живот, односно, на денот на упокојувањето.
Посебно треба да се нагласи дека живите членови на семејствата и роднините честопати грешат во односот кон своите починати. Парастосот, пред сè, е молитва за покојниот, па според тоа треба да се извршува тогаш кога му е редот, а не тогаш кога им одговара на живите. Тоа особено се однесува на 40-дневниот помен, кој треба да се извршува точно во 40-от ден од смртта, сметајќи го денот на смртта пред вечерната богослужба како прв ден, а ако е починат по вечерната богослужба, тогаш наредниот ден се смета за прв ден. Поместувањето на овој помен заради присуство на роднини од подалечни краишта, или во неработен ден, е сосема неоправдано и погрешно според учењето на Црквата. Годишните и полугодишните парастоси можат да се поместат за некој ден порано или подоцна, без разлика, но 40-дневниот парастос не смее да биде поместен ниту еден ден, заради неговото големо значење за душата на покојниот. Потребно е да се знае и тоа дека помените треба да се прават во саботен ден (освен 40-дневниот помен, кој се одржува точно на денот), зашто саботата е ден посветен на покојните, а не во недела, зашто неделата е ден на воскресението и ден на Христовата победа над смртта.
Освен тоа, забележителни се премногу суеверни и неосновани обичаи кога ќе се случи да се упокои некој наш ближен. Покривањето на телевизорот и огледалата во домот на покојниот со платна, ставањето пари и храна во ковчегот, завиткувањето со свеќа на покојниот во ковчегот, одврзувањето на врвки од чевлите и кинењето на копчиња од облеката, ставањето на камен и леб на масата по изнесувањето од домот се СОСЕМА НЕПРИЛИЧНИ РАБОТИ, СУЕВЕРНИ И НЕ ИМ ПРИЛЕГААТ НА ПРАВОСЛАВНИТЕ ХРИСТИЈАНИ ДА ГИ ИЗВРШУВААТ. Кога се служи парастос во црква или на гробишта, задолжително треба да се има приготвено варена пченица измешана со мед (симболика на воскресението), црвено вино (симболика на Христовата победа над смртта), просфора, список со имињата на покојните (прв се пишува покојниот за кој се служи парастосот, а името се запишува веднаш по неговото упокојување, а не по 40-от ден), свеќи за присутните (по можност восочни). Кога се служи парастосот на гробишта присутните роднини и пријатели со лицето треба да бидат свртени кон исток, како што е и положбата на покојниот, а не да стојат свртени кон запад. Ова е премногу грешен обичај и не е во согласност со учењето на Црквата. Сите присутни, заедно со свештеникот кој служи, треба да бидат со лицата свртени кон исток. На гробот треба да биде поставено сè што е потребно за служење на парастосот, а домашните се должни да донесат и мало кадилниче со брикети, за да може свештеникот да го покади гробот на покојниот и ближните кои се собрани во молитвата. Раздавањата на гробот треба да бидат скромни, а не луксузни и во непотребно расфрлање на пари. Убаво и христијански е во тие денови да им се однесе храна на сиромашни, болни и бедни, зашто раздавањето „за душа“ само тогаш има вистинска христијанска смисла.
За покојниот најважни се нашите молитви, а милостињите ќе имаат значење и корист за покојниот кога се направени во согласност со учењето на Црквата, а не во следење на модерни трендови, кои честопати се спротивни со духот и традицијата на Православието.