Архиепископот Аверкиј за современите предизвици на интернетот и социјалните мрежи

Архиепископ Аверкиј (Таушев)

Претстоителот на Руската задгранична Православна Црква, митрополитот Источноамерикански и Њујоршки Николај, на 7 јули годинава објави послание до свештенослужителите на Руската задгранична Православна Црква. Поводот за ова послание е јубилејот: 50 години од упокојувањето на неколку значајни архијереи на Црквата во дијаспората – архиепископот Аверкиј (Таушев) на Сиракуза, архиепископот Никон на Вашингтон и Флорида, архиепископот Сава Сиднејски и Австралиско-новозеландски и архиепископот Никодим Великобритански.

Во посланието, митрополитот Николај, помеѓу останатото, се осврна и на коментарите на архиепископот Аверкиј (Таушев), кои иако се кажани во времето пред појавата на интернетот и социјалните мрежи, во голема мера ги осветлуваат токму овие современи предизвици за свештенството на Православната Црква денес. Затоа, во продолжение пренесуваме извадоци од ова обраќање, каде се содржат споменетите коментари.


Послание до свештенството

Роден во градот Казан, во Русија, во аристократско семејство, идниот архиепископ Аверкиј (роден како Александар Павлович Таушев) поминал долг пат во прогонство – преку Бугарија и Карпатска Русија до Минхен, а потоа во Соединетите Американски Држави, каде што долги години управувал со манастирот „Света Троица“ во Џорданвил и со неговата богословија. Архиепископот Аверкиј ја стекнал репутацијата на „совест на Руската загранична црква“, стоејќи цврсто како чувар на чистотата на светоотачката вера.

Централниот фокус на неговиот живот бил зачувувањето на духот на вистинското, неизопачено Православие, стекнато преку молитва и пост. Неговото Високопреосвештенство тагувал поради секој чисто формален пристап кон молитвата и го поучувал свештенството: „Молитвата и постот се примарното и суштинско оружје во духовната војна што ја води секој христијанин…“

За архиепископот Аверкиј, Светата Литургија била живо претвкусување на Небото, додека проповедањето на Словото Божјо било света должност која не трпела никаков компромис со духот на времето. Тој учел дека пастирот мора да биде бескомпромисен весник на Вистината: „Никаква лага не му прилега на вистинскиот христијанин – слугата на Вистината. Лагата е уште повеќе неприфатлива од устата на служителите на Христовата Црква“.

Преку своите дела, Неговото Високопреосвештенство се трудел на своите читатели да им ја пренесе полнотата на светоотачката теологија. Тој ревносно го чувал единството на Црквата и без страв ги разобличувал сите струења непријателски настроени кон неа.

Архиепископот Аверкиј се престави во Господа на 13 април 1976 година и бил погребан во криптата под олтарот на соборниот храм „Света Троица“ во Џорданвил. До денес, неговиот пример и неговите дела остануваат извор на духовно раководство за верниците во многу земји.

Ви претставувам неколку теми, извлечени директно од мислите на Неговото Високопреосвештенство, кои се однесуваат на современите искушенија поврзани со интернетот. Бидејќи појавата и еволуцијата на медиумскиот простор се случуваа постепено, некои од трендовите што ги забележуваме денес биле предвидени од архиепископот Аверкиј; така, на некој начин, ние веќе ги поседуваме неговите согледувања за овие современи предизвици.

Не мешајте го присуството во јавноста со пастирското служење.

„Не ‘администрацијата’, туку ‘грижата за душите’ – несебична, ревносна грижа за спасение на душите на стадото – е суштинскиот елемент на пастирското служење“, пишува архиепископот Аверкиј.

Невнимателноста и грешките (а понекогаш и нешто полошо) од страна на свештениците можат да предизвикаат соблазна кај стадото повеќе од кога било досега – токму поради современата технологија.

„О, колку будно современото стадо го набљудува својот пастир, понекогаш не давајќи му мир и барајќи во него гревови кои воопшто не постојат…“ „Современиот пастир мора да биде длабоко свесен за ова и секогаш да го зема предвид тоа, бдеејќи над себе и над сопственото однесување за на кој било начин да не предизвика соблазна кај своето стадо“, вели архиепископот Аверкиј.

Свештенослужителот е повикан да се однесува богоугодно не само во црквата или во приватниот живот, туку и во виртуелниот свет. Архиепископот Аверкиј никогаш не се криеше зад компјутерските екрани, ниту пак губеше драгоцено време во онлајн спорови, анонимни осудувања или арогантни прекорувања на „секого и сешто“. Тој не си дозволуваше несериозно однесување, иронија или грубост, кои не соодветствуваат на неговиот висок чин и го нарушуваат авторитетот на Црквата. Наместо тоа, тој се занимаваше со вистинско апостолско пренесување на зборот до луѓето. Неговото служење беше засновано на жива, срдечна интеракција лице в лице. Доаѓајќи кај стадото, тој олицетворуваше добар и опиплив пример за православниот христијански живот, загревајќи ги душите преку својата лична побожност, смирение и пастирско достоинство. За современиот клирик, онлајн просторот не треба да биде место за самоизразување или суетни дебати, туку платформа за пастирска и мисионерска работа, која го бара истиот страв Божји како и проповедта изречена од амвонот.

Чувајте се од гордоста маскирана во ревност.

„Самовозвишувањето на пастирот е главната пречка за успехот во неговото пастирско служење“. „Вистинскиот пастир мора да биде ‘пример за кротост и смирение’ за своето паство“.

Не поистоветувајте се со Црквата.

„За таа цел, тој не смее да се поистоветува со Црквата. Пастирот не е Црквата, туку само слуга на Црквата…“

„Пастирот мора да повикува на послушност кон Црквата, а не на послушност кон самиот себе“.

Избегнувајте пристрасност, политика и чисто световни содржини на интернет.

„Во вистинската Христова Црква не може да има погрозна или понедолична појава од пастир кои има други интереси… кој се занимава со споредни, чисто световни работи…“ „…како што е, на пример, политичката активност, која без исклучок служи само за разделување и огорчување на луѓето…“

Бидете искрени; не глумете пред народот.

„Вториот квалитет, кој е апсолутно суштински… е искреноста“.

„Нема ништо полошо од тоа кога паството… ќе забележи кај својот пастир несовпаѓање меѓу неговите зборови и дела…“

„Уште полошо е кога кај него ќе забележат неискреност, лажност или преправање…“

Важноста на молитвата (што е повисоко и поголемо: молитвата или социјалните мрежи?).

„Се молам; се молам постојано. Не можам ни да замислам како некој би можел да го поминува времето без молитва. Навистина, молитвата е дишење на душата“.

Ерата на информатичките технологии донесе ново искушение за пастирот: неприметното, но разорно протратување на времето. Потполно недолично е за пастир на Христовата Црква да поминува часови „изгубен“ во виртуелниот свет или бесцелно да скрола низ социјалните мрежи на паметниот телефон, расфрлајќи го богатството на својата душа на минливи световни суети. Мора да запомниме: времето ни е дадено за вечноста. Тоа ни е доверено од Бога за непрестајно служење Нему и на нашиот ближен, за горлива молитва и активно правење добро. Кога свештеникот е обземен од екранот на некој уред, страдаат и неговото стадо и неговиот сопствен духовен труд, дури и во оние случаи кога го користи уредот со добри намери.

Затоа, должност на секој свештенослужител денес е одлучно да ги прераспредели своите внатрешни ресурси. Суштински важно е да се негува длабока, небрзана лична молитва, побожно и без брзање да се чита пропишаното молитвено правило и да се одвои време за задлабочено читање на светоотачки и духовно корисни книги. Духовниот сад на пастирот мора секојдневно да се полни со чистата вода на Светото Предание, а не со информацискиот шум.

Наместо виртуелен сурогат за присуство, потребно е да стапиме во постојан, жив контакт со луѓето. Свештеникот мора да биде среде своето стадо: лично да разговара со парохијаните, трпеливо да ги слуша нивните таги, да соучествува во нивните радости, да им нуди поддршка во моменти на сомнеж и да им дава утеха со благ, татковски збор. Само таквата интеракција – жива, сочувствителна и загреана со љубов – може да ги исцели човечките души и да изгради вистинска заедница.

Извор: https://eadiocese.org/news_260708_1