Центарот „Св. Фива“ негира вмешаност во „обука за ѓакониси“

Објава на Фејсбук на 12 јануари 2026 година од извесна Варбара Гулина, на која таа се прикажува себеси облечена во богослужбени одежди и со кадилница во рака, почна масовно да се споделува на социјалните мрежи — и во православни и во неправославни кругови. Објавата, поставена со наслов „Идна православна ѓакониса на обука“ за многумина православни верници беше соблазнителна. Објавата ја споделија и многу римокатолици, користејќи ја како аргумент дека православното христијанство не ја сочувало верата, со тоа што воопшто ја разгледува можноста за ракополагање жени.

Варвара Гулина е ќерка на православен свештеник, о. Георгиј Гулин, од Руската задгранична Православна Црква, кој служи во храмот „Св. Варвара“, во Калифорнија, САД. Во нејзината биографија се вели дека е на докторски студии по социјална работа на Универзитетот во Калифорнија Сан Диего и дека е активно вклучена во Центарот за ѓакониси „Св. Фива“.

Сојузот на православни журналисти на Америка стапи во контакт со Центарот „Св. Фива за ѓакониси“, кој силно се залага за „оживување на ракоположено женско ѓаконство во Православната Црква за да се одговори на пастирските потреби на Црквата и светот денес“. Претседателката на Центарот, д-р Кери Фрост, изјави дека Центарот нема никаква поврзаност со објавите на Гулина. Фрост исто така рече дека Центарот не е запознаен со постоење на какви било жени во Соединетите Американски Држави „кои во моментов се вклучени во официјална програма за формација или обука, изрично наменета за службата ѓакониса, која е формално благословена од канонски православен епископ“.

„Мисијата на Центарот ‘Св. Фива’ образува и се залага за обновување на службата ѓакониса во Православната Црква“, рече Фрост. „Многу православни христијани во Соединетите Американски Држави и пошироко ја поддржуваат нашата работа и се наведени како поддржувачи на Центарот. Центарот ‘Св. Фива’ не поддржува конкретни кандидати за ѓаконска служба, ниту пак го поддржува или одобрува ракополагањето на конкретни лица. Одлуките во врска со формацијата, ѓаконската служба и ракополагањето припаѓаат исклучиво на надлежниот епископ, во согласност со канонскиот и пастирскиот живот на Црквата.“

Гулина одби да коментира каде наводно се одвивала оваа обука за ѓакониси, кога Сојузот на православни журналисти побара појаснување. Сојузот дозна дека, иако Гулина ја посетува црквата „Св. Варвара“ поради семејни врски, нејзината редовна парохија се наоѓа на друго место во Калифорнија.

Профилите на социјалните мрежи на Гулина се преполни со фотографии на кои таа е облечена во различни костими.

Извор: https://uoj.news/news/86191-exclusive-st-phoebe-center-denies-involvement-in-deaconess-training