Неговото Преосвештенство Епископот Бихачко-петровачки г. Сергиј од Српската православна црква на официјалниот сајт на својата епархија објави свој осврт во врска со најавата од Неговата Светост Патријархот Цариградски г.г. Вартоломеј, дека е добро Православните заедно со Римокатолиците да го прославуваат празникот на Христовото Воскресение – Пасха. Во продолжение, овој осврт го пренесуваме во целост.
„Прашањето за црковниот календар, а со тоа и датумот на празнување на Велигден, е многу комплексно прашање и има многу мал број на вистински познавачи кои можат компетентно да пишуваат и зборуваат на оваа тема, која се обидува (гео)политички да се актуализира во нашето време.
Сепак, Цариградскиот патријарх Вартоломеј, благодарение на чија брзоплетост сериозно се нарушени односите меѓу Помесните православни цркви, сега се обидува, без ничие овластување, да договори заеднички датум за празнување на Велигден со Римокатоличката црква.
Се поставува очигледното прашање: Во чие име мисли, планира и договара Цариградскиот патријарх Вартоломеј? Дали во свое лично име или во име на патријаршијата на чие чело е? Или, не дај Боже, толку се осмелил да зборува во име на целиот православен свет?!
Ако станува збор за ова последното, тогаш ќе имаме, повторно, непредизвикани, непотребни поделби, што не е првпат кога станува збор за сегашниот поглавар на Цариградската патријаршија. Бидејќи, за да се разговара за некое прашање, било кое, со претставници на Римокатоличката црква, претходно е потребно да се има апсолутно единство во рамките на Православната црква, а тоа, по ова, но и по многу други прашања, одамна го нема.
Оној кој суштински ги скара меѓусебно Помесните православни цркви, сега би создавал единство помеѓу Православната и Римокатоличката црква, а притоа не побарал ниту добил согласност од сите поглавари на останатите Православни цркви. Затоа прашањето за заедничкиот календар, за кое сè почесто се зборува во јавноста, е осудено на неуспех.
Православната црква почива на вистината на Евангелието Христово, на догмите кои суштински го определуваат нашето исповедање на верата, но и на преданието кое со векови нè збогатува. Традицијата не е суштина на нашата вера, но без традицијата нашата вера го губи обликот по кој ја препознаваме. Затоа е важно да се зачува она што ни останало од Отците, бидејќи ако денес се согласиме да го менуваме календарот, утре ќе ракополагаме жени, задутре ќе го укинеме постот…
Денешна Украина, разурната од војна, е најдобар пример за духовното сопнување на одреден дел од неканонската хиерархија, која се осмели, на пример, да го помести празнувањето на Божиќ 13 дена порано, така што дел од православните Украинци Божиќ го празнуваат на ден кога никогаш не го празнувале. И што добија со тоа? Едно големо ништо.
Треба да бидеме внимателни, мудри и верни на она што сме го добиле во духовно наследство. Ако се согласиме да ни се откине прст, утре ќе ја изгубиме дланката. Да останеме свои, верни на Бога и Евангелието Христово, па макар и да платиме со глава.“
Извор: https://www.eparhijabihackopetrovacka.org/episkop-sergije-u-cije-ime-govori-vartolomej/