Христијански поглед: Фајловите на Епстин и духовната дијагноза на елитата

Автор: Јеромонах Нектариј (Соколов)

Актуелна тема за која во моментов многу се дискутира денес, па и ние христијаните не можеме да поминеме туку-така покрај неа, туку е неопходно да извлечеме важни заклучоци, се таканаречените фајлови на Епстин.

Објавувањето на фајловите беше предизборно ветување на американскиот претседател Доналд Трамп, кое тој, откако беше избран, долго време се трудеше да не го исполни. Се работи за над 3 милиони фајлови на Епстин, во кои е неговата лична преписка, видеоснимки и фотографии на она што главно се случувало на неговиот познат остров, кој тој го купил за таму да приредува своевидни „забави“ за практично целата светска елита. По покана на Епстин, на тој остров можеле да стигнат луѓето за кои тој бил заинтересиран — луѓе поврзани со власта, претставници на елитите, и тоа најразлични, вклучувајќи американски, европски, па дури и руски елити.

Да потсетам дека самиот Џефри Епстин, откако се случи протекувањето на овие негови тајни материјали (бидејќи таму навистина фигурираат сцени на педофилија и порнографија, односно тој носел на својот остров девојки и деца со кои се вршеле дејствија од развратен карактер), беше осуден и притворен. Во 2019 година, на некој чуден начин, беше пронајден мртов во својата ќелија. Секако, се појавуваат сомнежи дека не починал сам, туку дека му „помогнале“ да замине на оној свет.

Иако објавените фајлови сè уште не се доволна основа за обвинување на конкретни луѓе, сепак сликата што се исцртува е навистина страшна. Како крупен финансиер, Епстин имал пристап до властите и активно се мешал во политичките и општествените процеси, не само во Соединетите Американски држави, туку и во целиот свет.

Што дознавме од овие документи?

Дознавме дека практично целата елита, без оглед на политичката припадност (демократи, републиканци или други структури), на еден или друг начин учествувала во овие дејствија. Можно е Епстин да го правел тоа во интерес на одредени тајни служби за да собира компромитирачки материјали за да управува со политичарите. Но, тоа не е толку важно, затоа што сите тие луѓе доброволно прифаќале да го посетат тој остров.

Првиот важен заклучок што можеме да го изведеме од објавените документи е дека оние кои беа исмевани како „теоретичари на заговор“ се покажа дека биле во право: во владеачките елити се наоѓаат голем број луѓе кои водат апсолутно антихристијански, незаконски и неморален начин на живот, за кои не постојат забрани и кои им се предаваат на своите страсти со чувство на неказнивост и без никаква одговорност пред Бога и пред луѓето.

Врската меѓу развратот и сатанизмот

Друг заклучок е дека претставниците на овие елити се водени од одредена идеологија која не може да се нарече поинаку освен идеологија на сатанизмот. Зошто ставаме знак на равенство меѓу сексуалната распуштеност и сатанизмот? Затоа што тоа е практично истото. Кога човекот се посветува на служење на своите страсти (особено на блудната страст), тој не ја губи само моралната чистота, туку станува соучесник со „поднебесните духови на злобата“. Непријателот на човечкиот род и духовите под него, иако немаат тела, сепак се опседнати со телесни страсти и ги вовлекуваат луѓето во нив за да се хранат со енергијата на тие демонски страсти.

Затоа Господ во Евангелието вели дека секој кој погледнал жена со желба, веќе извршил прељуба во срцето. Во срцето се случува тоа соединување на човечкиот дух со демонскиот дух.

Неволјата е во тоа што страста никогаш не може да се задоволи до крај. Човекот правејќи еден чекор, принуден е да го направи и следниот и наредниот, и тоа води кон противприродно однесување каде што не станува збор за раѓање деца за продолжување на родот, туку само за процес на задоволување на страста.

Патот кон „сатанските длабочини“

Свети Јован Златоуст го нарекува бракот „школа на целомудрие“. Односите меѓу мажот и жената треба да бидат чисти, засновани на љубов и почит. Во спротивно, во односот на двајцата влегува трета, демонска страна. Како да ги разликуваме целомудрените односи во бракот од нецеломудрените? Нецеломудрените односи го претвораат другиот човек во објект на желба. Тој престанува да биде личност, се случува „обезчовечување“. Се јавува интерес за надворешната, физиолошката страна на тие односи и се губи нежноста, наклонетоста кон другиот, а се бара само задоволување на страстите. И тоа го нарушува целомудрието во односот помеѓу сопружниците.

Кога човекот го прави задоволувањето на страстите смисла на својот живот, тогаш патот на извитоперувањето нема крај и го води човекот во „сатанските длабочини“. Телесните односи во суштина се едноставни, физиолошки, и можат да бидат досадни. И човекот почнува да го измачува таа досадност. Посветувајќи се на тој процес, човекот почнува да измислува разни извитоперени форми на задоволување на страстите, кои немаат граници. На крајот, тоа води кон хомосексуалност, педофилија, садизам и мазохизам, каде страдањето на другиот му носи задоволство. Всушност, насладата ја чувствува не самиот човек туку демонскиот дух кој веќе ја истиснал живата човечка личност. Човекот неизбежно станува сатанист, бидејќи станува еден дух со сатаната.

Како еден вид „класик“ на тој разврат, Маркиз де Сад во една од своите книги отворено признава дека секој развратник неизбежно е суров. Тој во своите книги опишува како кога човекот ќе падне на толку ниско ниво тогаш суровоста, повредувањето, предизвикувањето болка и страдање се претвораат во извитоперен начин за добивање задоволство, кое е демонско задоволство. Непријателот постепено го води човекот сè подлабоко во амбисот на пропаста. Најпрвин ја исмева светоста на мајчинството, па ја урива личноста преку хомосексуалност, па ја гази светоста на детството, и на крајот го уништува и самото тело, бидејќи го мрази сето она што е создадено од Бога.

Историски лекции

Луѓето кои доброволно стапуваат на тој пат, во суштина стануваат сатанисти. Во срцата на тие луѓе нема место за Христа. Затоа не е случајно што луѓето кои можат да ги задоволуваат овие страсти и кои во тоа ја гледаат смислата на своето постоење, почнуваат многу да се плашат за својата власт. И тој страв, заедно со навиката постојано да се нарушуваат забраните, ги доведува до тоа тие отворено да почнат да исповедаат луциферијанство, сатанизам и да се обрнуваат кон секакви окултни и магиски практики, па стануваат сатанисти не само по своите дела, туку и по своето убедување.

За жал, гледаме како современата цивилизација го поминува патот од христијанство до сатанизам. И гледаме сè повеќе сведоштва за политичарите, за луѓето во власта, за претставниците на елитите како се обраќаат кон окултни и магиски дејства.

Ова не е ново во историјата. Да се потсетиме на императорот Константин Велики и неговиот противник, тиранинот Максенциј. Максенциј бил претставник на токму таква развратна и сатанистичка елита која принесувала жртви (бремени жени и новороденчиња) за да ја зацврсти својата власт преку демоните. Константин сфатил дека му е потребна поинаква духовна потпора за да го победи Максенциј и ја нашол во знакот на Крстот и во христијанската вера.

Заклучок за денешното време

Ние денес сме во иста таква позиција. Исповедањето на христијанската идеологија, морал и целомудрие веќе не е само прашање на „филозофско истражување“, туку услов за нашето преживување — духовно, политичко и државно.

На спротивната страна ја гледаме сосема јасната сатанистичка идеологија, што ги објаснува постапките во современата политика, цинизмот и омразата кон човечките животи со која се разгоруваат сите овие војни. Сето тоа нè принудува да најдеме потпора не само во некакви размислувања за човековата слобода, демократијата и други општочовечки нејасни вредности кои, како што гледаме, се сосема неспособни да ги задржат нашите идеолошки противници од бездната во која пропаѓаат. Туку, мораме да си признаеме себеси дека основата на која треба да го градиме нашиот живот и нашата државност е христијанството, христијанската вера и на христијанскиот морал. Без тоа не ќе можеме ниту да преживееме, ниту да ја зачуваме државата за која сме одговорни и пред нашите предци и пред идните генерации.

Текстот е скратена верзија од белешките од излагањето на јеромонах Нектариј (Соколов), од Руската Православна Црква, на каналот „Егзегет“. Целосното излагање може да се види на следната видео снимка:

ФАЙЛЫ ЭПШТЕЙНА. Сатанисты во власти. Христианский взгляд. Иеромонах Нектарий (Соколов)ФАЙЛЫ ЭПШТЕЙНА. Сатанисты во власти. Христианский взгляд. Иеромонах Нектарий (Соколов)