Високопреосвештениот Митрополит Китирски г. Серафим, од Црквата на Грција, по повод почетокот на Богородичниот пост, според новиот календар, упати пастирско послание до клирот и христоименуваното паство на неговата митрополија на Китира и Антикитира.
Во посланието, со датум 29 јули 2026 година, помеѓу останатото, тој изразува силна загриженост поради промените во грчкото општество кои ги карактеризира како напад на семејството. „Денес традиционалното и благословено христијанско семејство е напаѓано и поткопувано индиректно и на вешт начин“ – вели тој.
„Страшниот ’жежок ветер’ на духовно банкротираната Западна цивилизација, на ’новата ера’ и на ’новиот светски поредок’, ги преврте работите наопаку во нашата грчкa православна татковина“ – нагласува Митрополитот Серафим.
Во посланието тој понатаму продолжува и објаснува:
„За жал, беше законски воведен и официјализиран ’нов тип семејство’ (составено од две лица од ист пол со право на посвојување деца).
И овој новитет навлегува и во училишното образование, почнувајќи со учебниците за основно училиште, кои ќе бидат објавени од септември оваа година.
Нашите деца ќе учат не само за едно семејство, како што беше досега, туку и за уште два ’типа семејство’ (маж со маж и жена со жена), за во иднина да го изберат ’типот семејство’ што им одговара. Страшен пад!
А најлошото: се прикажува илустрација со прегратка и бакнување на човек со животно! Каде се насочуваат нашите деца – кон обожување на животните наместо кон почитување на Бога?“
Неговото Високопреосвештенство упатува зборови на самокритичност, од име на грчкото општество и вели: „наместо да се вразумиме и да го побараме Божјото милосрдие, ние ја ’гориме’ традиционалната и христијанска семејна заедница со сè што тоа го носи со себе.“
И потоа советува како треба да се постапува во едно христијанско семејство: „секое христијанско семејство треба да функционира како ’домашна црква’ и како едно современо ’тајно училиште’“ – алудирајќи на тајните училишта коишто постоеле за време на турското ропство.
„Таткото, мајката и децата, доколку е можно, нека јадат на иста трпеза. Нека се молат заедно. Нека одат во храм. Нека се причестуваат со Светите Тајни.
Нека разговараат со своите деца за она што се кажува и се учи во училиштата и нека ги исправуваат новите и чудни идеи што им се сервираат.
Во минатото христијанските семејства заедно го изучувале Светото Евангелие и житијата на светителите! Колку е неопходна денес оваа духовна будност!“
„Времињата се тешки и непостојани, многу променливи. ’Ете сега е времето благопријатно, ете сега е денот на спасението; да ги отфрлиме, пак, делата на темнината и да се облечеме во оружјето на светлината’ (Рим. 13, 12)“ – завршува во своето послание Митрополитот Серафим.
