Отворено писмо од редакцијата на порталот Тивериопол до јавноста

Редакцијата на црковниот портал Тивериопол на 10 септември 2026 година објави отворено писмо до јавноста насловено како „Кој лаже, а кој ја зборува вистината?“. Откако Неговото Преосвештенство викарниот епископ Стобиски г. Јаков на 6 септември, преку порталот Тивериопол, објави отворено писмо до министерката за образование и наука, во врска со усвоената образовна програма, за што известивме, Министерството за образование и наука објави дека ја повлекува таа програма на ревидирање, а истовремено се појавија и напади врз епископот Јаков заради ова негово обраќање. Реакцијата на овие напади е текстот што во продолжение го пренесуваме.


Кој лаже, а кој ја зборува вистината?

Соочувањето со вистината стана опасен фронт за оние кои зад затворени врати, со подмолни агенди, ја кројат иднината на нашите деца. Последните случувања околу наставната програма, евтините оправданија на Министерството за образование и наука (МОН), како и координираната харанга врз епископот Јаков, целосно ја соголуваат лагата и јасно ни е барем нам во Црквата дека станува збор за длабоко духовна и морална битка. Токму затоа оти се уверивме на чија страна во оваа борба е министерката Јаневска, реакцијата на Тивериопол.мк не е упатена директно до неа, туку до народот.

Кога Владиката отворено предупреди за новиот родов инженеринг што им се подметнува на децата, институциите и нивните платени НВО-јуришници, колективно молчеа. Програмата стоеше објавена на страницата на Бирото цели осум дена, од 1 септември. Секој можеше да ја отвори и да ја прочита. И во тие осум дена потполн молк. Ниту едно соопштение…

Сè беше во најдобар ред. Семинари, настани, приеми, проекти, агенди… МОН под раководството на Весна Јаневска си спроведува туѓа агенда без ризик од ништо и без одговорност пред никого. Па што има подобро од тоа?!

Но, во оној момент кога Епископот Јаков го објави своето отворено писмо и под притисок на вознемирените и со право загрижени родители, но и целата јавност, министерката мораше да објави повлекување на спорната програма. Окупираниот систем и медиумски простор веднаш ги активира своите лајачи од подземјето на т.н. невладини (мало)граѓански структури. Одеднаш, сите што молчеа се јавија со харанга и тоа не против министерката која ја повлекува спорната програма, туку директно против Владиката. Зошто? Затоа што добро знаат дека народот му верува на својот пастир, а не на нивните безбожни антихристијански, но и дехуманизирачки идеологии. Зошто не видовме од невладините барем одглумен гнев и револт против министерката која што јавно на прес вели дека ја повлекува програмата?! Тактички е сосема погрешно да ги напаѓате своите сојузници, нели?!

Прес конференцијата на министерката, а потоа и статусот на нејзиниот личен ФБ профил преку кои неуспешно се обиде да се продаде како „заштитник на биологијата“, тенденциозно имплицирајќи дека Владиката Јаков „лажел и ширел страв“, меѓу другото вели:

„Оваа учебна година воведовме изборен предмет сексуално образование, со наставна програма во која има теми за семејството, репродуктивното здравје, заштита од сексуално преносливи болести и несакана бременост, рамноправност меѓу половите, недискриминација и слично. Ова се теми кои имавме добра намера – децата да ги изучуваат во период од животот во кој всушност почнуваат да ги засегнуваат.“

Видете ја очигледната манипулација и промена на тези:

  • Владиката во своето писмо тврди дека децата всушност немаат избор и се принудени да го изберат овој предмет во една од четирите години и да го слушаат, а министерката дури и сега тврди дека е изборен што е своевидна аналогија дека владиката лаже. (во прилог докази во коментар од самата програма, па секој сам да утврди процени кој лаже кој ја зборува вистината)
  • Темите што ги набројува министерката звучат научно, разумно, и оправдано, но ниту една од тие теми Владиката не ги критикуваше, напротив. Затоа кога вели дека повлекува програма со теми за семејство, репродуктивно здравје, рамноправност меѓу половите итн., под притисок на јавноста се позиционира како жртва и со прст посочува кон оној/оние што го правеа притисокот. Целта на оваа манипулација и очекуваната перцепција од јавноста е дека сега кутрата министерка мора да повлекува толку добра и од „стручњаци“ изготвена програма само заради притисоците на (како што би се изразиле неолибералите) „еден поп“. Па добро, а каде се „родовите идентитети и родовото изразување“? Каде е родовата флуидност и останатите идеолошки глупости за перење мозок на малолетници, кои не ги спомна? Каде се очекувањата што се мора да прифати ученикот од идеолошките конструкти пресликани од Прирачникот на ХЕРА и да ги изгради во личен став? Исчезнаа преку ноќ со повлекувањето на програмата, па останаа само овие теми против кои нема никој ништо!? Затоа ние ја сочувавме Наставната програма која исчезна преку ноќ и ја нудиме како уште еден доказ во коментари за секој да процени кој лаже, а кој ја зборува вистината. (ВИДИ ВО КОМЕНТАР) https://acrobat.adobe.com/id/urn:aaid:sc:EU:6c3e203d-bcb9-4d09-94fe-daa3093fa52a?x_api_client_id=chrome_extension_viewer&x_api_client_location=share
  • И на крајот министерката растеретена и од најмала одговорност вели дека имале само „добра“ намера, ама ете недобронамерни луѓе ја спречија да ги реализира.

Па кој Ве спречи во „добрите намери“?! Ако цениме по вчерашната реторика на „шарените орди“ веројатно „лошиот и назаден поп“ и „неколку назадни родители или уште пострашно баби и дедовци од претходниот век“.

И ако се е во ред со програмата проникната уште со Вашата добронамерност, што ќе ревидирате?!

Ние како сериозна и одговорна редакција од статусот и од пресот на министерката разбравме дека сака да ни каже оти епископот Јаков лаже и шири страв од ни од што, но со далеку посуптилни зборови наведени погоре. Ова и вакво повлекување на наставната програма, со ваква реторика и посочување со прст кон некого што ги разоткрил и фатил во „злодело“ е директна навреда за интелектот на сите верници и загрижени родители.

Колку за пример, една министерка од претходната влада која се најде во слична ситуација, барем имаше доблест да организира јавни расправи ширум државата.

Човек кој нема доблест да признае грешка, да каже „згрешивме“ и да побара прошка од граѓаните, од родителите, од децата, не заслужува ни трошка доверба и воопшто не смее да му се верува!

Извесно е дека вчерашната претстава и најава за повлекување на програмата, беше доживеана како триумф на родителите и здравиот разум. Веројатно тоа и беше целта на тој реторички маневар. Но да бидеме реални и искрени, поучени од долгогодишното искуство во оваа глобална војна за душите на нашите деца, изјавата за „повлекување на програмата“ е проѕирна манипулација, бидејќи програмата не е фрлена во ќош. Програмата се враќа во истото Биро што ја креираше истата и што со ХЕРА го пилотираше сеопфатното сексуално образование.

Таму пак ќе одлучуваат истите оние „стручњаци“, кои со години ја креираат и шверцуваат оваа идеолошка пропаганда .

Индикативно е како отвореното писмо на еден почитуван духовен авторитет како што е епископот Јаков, доживеа медиумски бојкот, а соопштението на  истите оние „стручњаци“ од Хера осамна речиси на сите медиуми во текот на вчерашниот ден. Под статусот на министерката, Институтот за родови студии веќе понуди „да даде придонес“, и додека се најавува исправка, гледаме во продолжение како се екипира истиот „елитен и стручен“ тим.

Ова е момент што тажно го разобличува системот. Архиереј на МПЦ-ОА пишува отворено писмо, а медиумите скоро и да го бојкотираат. Но пазете, кога организацијата „ХЕРА“ ќе испрати соопштение, сите сервилно брзаат да објават. Разочарувачки е кога ќе видите кои луѓе сѐ уште диригираат со овие структури (од поранешни министерки како Мила Царовска, па сѐ до разни владино-невладини политички фигури присутни паралелно како во државните институции така и во организациите на Сорос), станува кристално јасно каде се парите, медиумскиот монопол и моќта во овој свет.

Се чини дека се бориме со ветерници, но нашата битка не ја водиме за да победиме, барем не во овој свет. Нашето спротивставување на злото е само сведоштво на чија страна сме во оваа исконска борба помеѓу доброто и злото, помеѓу светлината и темнината, која ќе заврши дури тогаш кога повторно ќе дојде Господ. Тогаш победата ќе биде на оние кои се во Него и со Него. Нашата битка како што вели Свети апостол Павле „не е против крв и тело, туку против началствата, против властите, против световните упра­вители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата.“ (Ефес. 6,12)

Тие имаат грантови, медиуми и власт, но ја немаат Вистината. Го имаат „таткото на лагата“(Јован 8,44) и очигледно сите негови ресурси во овој свет што поминува.

Секој може да згреши и да погреши во проценките, да. Да згрешиш е човечки, но да не се покаеш и згора на тоа да манипулираш, лажеш и префрлаш вина на некој друг е демонски. Програмата со прирачникот на Хера нека ја кријат во фиоките на БРО колку сакаат, нека ја ревидираат со тимот на Мила Царовска во БРО заедно со надворешните „стручњаци“ од невладините, колку сакаат. Нека се домислуваат како да ги отелотворат монструозните планови за уништување на децата, колку сакаат. Тие нека си ја работат нивната работа, а ние нашата. Едно е сигурно, немаме и ниту можеме да имаме ништо заедничко!

Ние сме тука, не одиме никаде и што е најважно, иако изгледаме слаби и немоќни во споредба со нивните организации, не сме сами. Со нас е Оној што при Своето славно Вознесение ни рече: „Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот.“ (Матеј 28,20)

Но и нека знаат дека децата си ги сакаме повеќе од животот…

За паметните толку!

П.С. Да нема недоумици и погрешни толкувања, тимот што ја чини редакцијата на Тивериопол.мк е исклучиво составен од родители и оваа реакција, како и сè друго што правиме, ја напишавме со благослов на Владиката Јаков.

исечок од споменатата наставна програма

Извор: https://www.tiveriopol.mk/reakcija-na-tiveriopol-koj-laze-a-koj-ja-zboruva-vistinata/