Европскиот суд за човекови права во Стразбур моментално разгледува случај кој може да има далекусежни последици за присуството на верски симболи во јавните институции низ Европа. Случајот, познат како „Сојуз на атеистите против Грција“, е поднесен од страна на грчкиот Сојуз на атеисти, кои бараат отстранување на православни христијански икони од судниците, тврдејќи дека тие го нарушуваат правото на фер судење и слободата на мисла, совест и религија.
Спорот започна во 2018 и 2019 година, кога атеисти учествувале во судски постапки поврзани со верски прашања, како што е прашањето за верското образование. Тие побарале отстранување на иконите од судниците, аргументирајќи дека нивното присуство создава пристрасност и дискриминација, особено во случаи каде се вклучени православни чинители како Црквата на Грција. Грчките судови, вклучително и Врховниот административен суд, ги одбиле овие барања, сметајќи дека иконите се дел од националната традиција и не влијаат врз објективноста на судењето.
Според правни аналитичари, овој случај оди подалеку од едноставното присуство на икона и бара од Судот да појасни што значи „неутралност на државата“ според Европската конвенција за човекови права, конкретно членовите 6 (право на фер судење) и 9 (слобода на религија или верување).
Грција достави свој одговор до Судот на 19 февруари 2026 година, а сега случајот е во фаза на опсудување по разгледувањето на интервенциите од трети страни. Одлуката се очекува во првата половина од 2026 година и може да влијае врз судниците и јавните простории во сите 46 земји-членки на Советот на Европа. Овој случај потсетува на претходни спорови, како оној со крстови во италијанските училишта, и го отвора прашањето за балансот меѓу културното наследство и секуларната неутралност.
Во врска со ова прашање, свој стави изрази и архимандритот Атинагора Супурѕис, професор по црковно и канонско право на црковната академија во Волин, Украина, и вонреден професор на Атинската црковна академија. Во продолжение го пренесуваме неговиот текст кој го објавија грчките црковни медиуми.
Присуството на религиски симболи, како што се светите икони, во просторот на делењето правда повремено отвора прашања што се однесуваат на самата срж на судската функција и на заштитата на основните права. Неговото оценување не може да се врши со поими на идеолошка неутрализација на јавниот простор, туку бара систематски пристап врз основа на границите на верската слобода, гаранциите за судска непристрасност и релевантната судска практика — особено онаа на Европскиот суд за човекови права.
Верската слобода, како што е загарантирана со член 9 од Европската конвенција за човекови права и со член 13 од Уставот, ја опфаќа и нејзината позитивна и нејзината квази-негативна димензија.
Во рамките на судската функција, т.н. негативен израз на верската слобода е поврзан со правото на странката да ѝ суди судски орган кој е и изгледа непристрасен. Клучното прашање не лежи во субјективната вознемиреност на странката, туку во тоа дали присуството на религиски симболи е способно, според објективна проценка, да влијае врз судската функција или да ја разниша довербата во правосудството.
Судската практика на Европскиот суд за човекови права има оформено јасна толкувачка рамка. Централна улога игра начелото на „простор на проценка“ на државите во прашања што се однесуваат на односите меѓу државата и религијата. Во пресудата „Лауци против Италија“ (2011, Голем совет) беше утврдено дека присуството на крст во училишните училници само по себе не претставува повреда на Конвенцијата, бидејќи станува збор за пасивен симбол, лишен од принуден карактер. Судот нагласи дека неутралноста на државата не се поистоветува со целосна десакрализација на јавниот простор, туку со отсуство на принуда. Слична разлика меѓу пасивното присуство на симболи и активното државно наметнување на религиски израз се среќава и во други одлуки, како што се предметите „Далаб против Швајцарија“ и „Евеида и други против Обединетото Кралство“.
Повредата на основните права не се претпоставува, туку претпоставува конкретно и докажливо влијание врз слободата на совеста или врз функционирањето на институцијата.
Во грчкото право, судската практика на Советот на државата на Грција има оформено соодветно функционално разбирање. Со одлуката 2176/1998 беше прифатено дека уставната одредба за „преовладувачка религија“ не воспоставува режим на „државна религија“ ниту ја укинува верската слобода и еднаквост. Слично, со одлуки поврзани со верски акт на заклетва (на пример 2601/1998) беше утврдено дека неговото предвидување не ја повредува верската слобода, доколку постои рамноправна алтернатива на граѓанска заклетва.
Особено значајна е судската практика на Советот на државата во врска со предметот Веронаука (660/2018 и 926/2018), каде изрично се развива теоријата за функционална неутралност. Државата не е должна да ја лиши јавната сфера од секој религиски елемент, туку да ја почитува слободата на совеста и да избегнува прозелитизам или исклучување.
Самото присуство на елементи од православната традиција во јавниот простор — како што се иконите — не беше оценето, само по себе, како спротивно на важечкото право. Овој судски пристап има непосредна примена и во просторот на делењето правда. Присуството на религиски симболи во судниците не претставува вршење судска власт под религиски знак ниту влијае врз судската проценка. Непристрасноста на судијата се обезбедува првенствено преку неговата лична и функционална независност, процесните гаранции и образложената одлука, а не преку симболична неутрализација на судската средина.
Европската цивилизација се гради врз тројна основа: античката грчка мисла, римската правна традиција и христијанското учење. Последното не функционира само како религиска подлога, туку како темелен хуманистички столб што во европската култура ја внесува идејата за човечко достоинство, општествена солидарност и морална одговорност кон другиот.
Во таа перспектива, Европскиот суд за човекови права со пресудата „Лауци против Италија“ (2011, Голем совет) призна дека присуството на крст во јавниот простор не претставува елемент на религиско наметнување, туку културно и вредносно наследство на европското историско искуство. Присуството на религиски симболи во просторот на правосудството, според ова разбирање, не се сфаќа како привилегирање на една вера, туку како потсетување на моралната обврска на судијата да ја врши својата должност со чесност, почит кон човечкото достоинство и целосна посветеност на заштитата на основните права.
Заклучно, и европската и грчката судска практика се согласуваат дека присуството на религиски симболи во просторот на правосудството не ги надминува дозволените граници, доколку не е поврзано со принуда или прозелитизам. Правдата ја црпи својата легитимност од институционалната поставеност и верната примена на правото, а не од симболиката на просторот во кој се врши.
