Архонтите* на Цариградската патријаршија неодамна објавија статија со наслов: „Што значи тоа, дека Вселенскиот патријарх е ‘прв меѓу еднаквите’?”
Во својата статија архонтите ја застапуваат тезата дека Цариградскиот патријарх има првенство во Православната Црква како „прв меѓу еднаквите“. Според нив, тоа првенство, иако не означува „православен папа“, сепак подразбира: универзална право на апелација, посебна улога во решавањето на меѓуцрковни спорови, како и исклучива улога во свикување сеправославни собори и доделување автокефалија.
Како реакција на статијата на архонтите, главниот уредник на веб-сајтот Сојуз на православни новинари на Америка, Мајкл В. Дејвис, објави критички осврт за природата и границите на првенството на Цариградскиот патријарх во Православната Црква.
Во својот одговор, Дејвис прифаќа дека Константинопол има почесно првенство во православниот свет, но аргументирано ги оспорува современите толкувања, кои на тоа првенство му припишуваат надјурисдикциски карактер. Тој потсетува дека првенството на Константинопол произлегува од неговата историска положба како престолнина на Римската Империја, а не од некакво божествено востановено право на универзална власт.
Посебно е критикувана тезата на архиепископот Елпидифор (Ламбриниадис) за „прв без еднакви“ (primus sine paribus), која авторот ја смета за сосема туѓа на православната еклисиологија и опасно приближување кон источна варијанта на папизам. Дејвис нагласува дека титулата „Вселенски патријарх“ почнала да се користи уште во VI век (околу пет векови пред Константинопол да го добие своевидното првенство по расколот со Рим), со што покажува дека титулата не била создадена да изразува некаква универзална црковна власт, туку е историска титула поврзана со политичката положба на градот како престолнина на империјата.
Текстот што го предлагаме застапува соборна еклисиологија: првиот епископ има чест и координативна улога, но нема универзална јурисдикција; автокефалноста е соборен чин на целата Црква, а не привилегија на еден престол. Во таа смисла, авторот ја критикува и интервенцијата на Цариградската патријаршија во Украина, оценувајќи ја како нарушување на канонските граници и мешање во јурисдикцијата на друга помесна Црква.
* Архонт е почесна титула што Цариградскиот патријарх им ја доделува на претставници од народот за особени заслуги кон Цариградската патријаршија.
За првенството на Цариградскиот Патријарх
Пишува: Мајкл В. Дејвис
Многу е пишувано за природата на првенството на Константинопол во Православната црква. Неодамна, архонтите на Цариградската патријаршија објавија статија со наслов: „Што значи тоа дека Вселенскиот патријарх е ’прв меѓу еднаквите‘?“ (Името на авторот или авторите не беше наведено). Оваа статија содржеше многу вистини, но и низа неточности, па дури и неколку лаги.
Наместо да пишуваме демант ред по ред, го претставуваме следново излагање во шест точки, во врска со првенството на Цариградската патријаршија, повремено осврнувајќи се, како кон статијата на архонтите, така и кон други профанарски извори.
Потребно е да се напомне дека она што е кажано во следните редови не е замислено како напад против Цариградската патријаршија или кон Неговата Сесветост Вартоломеј I, кон кого имаме највисока почит. Тоа попрво е критика на одредени теории за Константинополското првенство, од кои многу самиот Цариградски патријарх и не ги истакнува.
1. Првенството на Константинопол беше (и е) засновано на неговиот статус како престолнина на Римската Империја.
Општо е разбирањето дека, како Истокот, така и Западот, го прифаќале Римскиот папа како primus inter pares – прв меѓу еднаквите – пред Големиот раскол. Исто така е општо познато дека Вселенскиот патријарх на Константинопол ја презел таа улога за Православната црква по Големиот раскол, кој ја одвоил Западната патријаршија од четирите Источни патријаршии.
Малкумина, веројатно, разбираат зошто Константинопол се издигнал како прв меѓу еднаквите.
До средината на петтиот век, почесниот редослед на патријаршиите бил следниот: Рим, Александрија, Антиохија и Ерусалим. Константинопол дури и не фигурирал во првичниот редослед, бидејќи не постоел до 330 година. Потоа, во 451 година, Халкидонскиот собор го додал Константинопол во списокот и му го одредил второто место по ранг:
„Бидејќи на престолот на стариот Рим отците со право му дадоа првенства (privileges), бидејќи беше царски град. Водени од истите побуди, 150-те богољубиви епископи му признаа еднакви првенства на најсветиот престол на новиот Рим, расудувајќи праведно дека градот кој е чествуван со присуството на царот и синклитот (сенатот) и има првенства еднакви на стариот царски Рим, и во црковните работи треба да биде издигнат како него и да биде втор по него…“
Против оваа одлука се побуниле и Рим и Александрија. Рим се спротивставил на идејата дека неговото првенство е дадено од Црковните Отци, верувајќи дека нивното првенство е одредено од Бога, додека на Александрија (разбирливо) не ѝ се допаѓало да биде симната пониско во редоследот.
И покрај тоа, во следните векови сите помесни цркви – вклучувајќи ги Рим и Александрија – го прифатиле статусот на Константинопол како „втор престол“.
2. Првенството на Константинопол не е загарантирано.
Во своето добро познато дело „Прв без еднакви“, Американскиот архиепископ Елпидифор тврди дека првенството на Цариградската патријаршија на некој начин е внатрешно својствено на нејзиниот чин. Да го цитираме Неговото Високопреосвештенство: „Ако зборуваме за изворот на првенството, тогаш изворот на таквото првенство е самата личност на Архиепископот на Константинопол, кој токму како епископ е еден ’меѓу еднаквите‘, но како Архиепископ на Константинопол, а со тоа и како Вселенски патријарх, е прв без еднакви (primus sine paribus).“
Но, како што веќе покажавме, првенството на Константинопол не му било одредено од Црковните Отци – уште помалку од Христа итн. Попрво Отците му го одредиле првото место (првенството) на Рим, исто како што му го одредиле второто место на Константинопол. Потоа Константинопол го наследил или го презел првенството на Рим, кога Латинската црква паднала во раскол во XI век. Новото првенство на Константинопол било утврдено од следните собори.
Освен тоа, првенството, како на Рим, така и на Константинопол, било изрично поврзано со нивниот статус на империска престолнина. Тоа немало никаков друг предуслов per se.
Следствено, сосема е можно некој иден Вселенски собор или друго движење на Светиот Дух да доведе до тоа, друга патријаршија да го замени Константинопол како прв меѓу еднаквите.
Повторно, не го велиме ова како „провокација“ кон Цариградската патријаршија. Ова го велиме попрво за да ја разбиеме претставата дека архиепископот на Константинопол некако е изворот на сопственото првенство – тврдење какво што римокатолиците немаат ниту за папата. Сосема е можно Константинопол да ја изгуби својата положба на „прв меѓу еднаквите“, исто како што ја изгубил и Рим.
3. Титулата „Вселенски патријарх“ нема никаква врска со неговиот статус на прв меѓу еднаквите.
Патријархот на Константинопол почнал да се именува „вселенски“ уште во шестиот век, околу петстотини години пред да го заземе местото на Рим како primus inter pares. Титулата едноставно ја одразувала околноста дека Константинопол бил престолнина на Римската Империја.
Придавката „вселенски“ произлегува од грчката именка „οἰκουμένη“ (икумени), која се однесува на целиот населен свет. Таа станала синоним за цивилизацијата и за самата империја.
За да биде јасно: титулата Вселенски патријарх не значи „универзален патријарх“ во смисла на поседување јурисдикција над целата Црква, ниту пак, дека првенството е суштински својствено на Големата Христова црква во Константинопол и/или на нејзиниот архиепископ.
4. Титулата на Вселенскиот патријарх не пренесува никаква посебна власт или авторитет.
Свети Григориј Двоеслов (Римскиот папа Григориј I Велики), како што е добро познато, погрешно ја разбрал таа титула. Тој сметал дека Цариградскиот патријарх претендира да биде еден вид „над-епископ“, со јурисдикција над целата Црква. Во едно свое писмо до свети Јован Постник (Константинополскиот патријарх Јован IV) тој напишал:
„Ова го велам без најмало колебање: кој себеси се нарекува вселенски епископ или ја посакува таа титула, тој поради својата гордост е претеча на Антихристот, бидејќи на тој начин се обидува да се издигне себеси над другите. Заблудата во која запаѓа, извира од гордост еднаква на онаа на антихристот; бидејќи, исто како што лукавиот сакал да биде сметан за превознесен над останатите луѓе како бог, така и секој што би се нарекол единствен епископ, се превознесува себеси над другите… Ти го знаеш тоа, брату мој; зарем достојниот Халкидонски собор не им ја одреди почесната титула ’вселенски‘ на епископите на овој Апостолски престол [Рим], чиј слуга сум јас по Божја волја? Па сепак, никој од нас не дозволи таа титула да му биде дадена; никој не си ја присвои таа смела титула, за да не изгледа дека, присвојувајќи си посебно одличие во достоинството на епископатот, им го негираме тоа на сите браќа.“
Но, повторно, тоа едноставно било погрешно разбирање. Ниту свети Јован, ниту кој било од неговите наследници не тврделе дека нивната нова титула пренесува некаков уникатен статус или власт. Наследниците на свети Григориј го разбрале тоа, и така титулата Вселенски патријарх станала вообичаена одамна пред Големиот раскол.
5. Статусот на „прв меѓу еднаквите“ е почесен и симболичен.
Како што истакнуваат архонтите на Константинополската патријаршија: „Нема и не може да има ’православен папа‘; власта на Вселенскиот патријарх во Православната црква е сосема различна од разбирањето на Римокатоличката црква за власта на Римскиот папа“.
Архонтите продолжуваат: „Вселенскиот патријарх… нема непосредна или јурисдикциска власт над патријарсите и епископите кои не се наоѓаат во неговата канонска територија“.
Митрополитот Калист Вер, со блажен спомен, се согласуваше дека Цариградскиот патријарх не е „православен папа“. Во „Православната Црква“ тој пишува:
„Во Православието нема никој кој зазема позиција еквивалентна на онаа на папата во Римокатоличката црква. Патријархот на Константинопол е познат како ’Вселенски‘ патријарх и од времето на расколот меѓу Истокот и Западот има положба на особена почит меѓу сите православни заедници; но тој нема право да се меша во внатрешните работи на Црквите. Неговата позиција е слична со онаа на Архиепископот од Кентербери во светската Англиканска заедница“.
Повторно, првенството на Константинопол не пренесува никаква особена власт или авторитет во Соборот на епископите.
6. Првенството на Константинопол е ограничено од еднаквоста на епископите.
Архонтите пишуваат дека Цариградскиот патријарх ја има „одговорноста да доделува автокефалност (независност) на области кои претходно биле дел од други црковни јурисдикции“. Ова е најдрската грешка во нивната статија.
Секако, доколку Цариградската патријаршија би можела да доделува автокефалност кому ќе посака, тоа би било во спротивност со претходното тврдење на архонтите: дека Константинопол „нема право да се меша во внатрешните работи на Црквите“.
Всушност, православната традиција не му признава власт на ниту еден епископ еднострано да доделува автокефалност на некоја помесна црква. Таквите одлуки секогаш се носат братски (т.е. соборно – забел на прев.). Тие мора да бидат донесени (или барем потврдени) од останатиот дел на православната заедница. Овој образец беше воспоставен од Третиот вселенски собор, кој ѝ додели автокефалност на Кипарската црква.
Во последните столетија Православната црква прифати помалку формален пристап кон доделувањето автокефалност. Честопати Црквата Мајка издава томос на некоја од своите епархии, создавајќи нова помесна црква. Така, на пример, во 1951 година Московската патријаршија ѝ додели автокефалност на Црквата на Чешките земји и Словачка.
Понекогаш некоја егзархија сама ја прогласува својата независност, па дури по децении Црквата Мајка ја признава таа самопрогласена автокефалност. Ова неодамна се случи со Македонската православна црква. Македонците ја прогласија својата независност од Српската црква во 1967 година; Српскиот патријарх им издаде томос за автокефалност на Македонците дури во 2022 година.
Секако, имало времиња кога Константинопол бил иницијатор за создавање нова помесна црква. Така, на пример, Цариградскиот патријарх издаде томос за автокефалност на Грчката црква во 1850 година. Сепак, дотогаш Грција се наоѓаше под јурисдикција на Цариградската патријаршија. Следствено, доделувањето автокефалност на Грчката црква не претставуваше мешање „во внатрешните работи на други цркви“.
За разлика од тоа, Цариградскиот патријарх немаше (како што тврдат архонтите) право да ѝ додели автокефалност на „Православната црква на Украина“ во 2019 година. Во тоа време Украина се наоѓаше под јурисдикција на Московската патријаршија. Таа веќе имаше своја автономна помесна црква: Украинската православна црква. Украина останува под омофорот на претстоителот на УПЦ, Киевскиот митрополит Онуфриј. Поради тоа, создавањето на ПЦУ претставува мешање „во внатрешните работи на други цркви“ и беше чин на раскол.
Додаток: Султани, Цареви и Фанар
Пред крајот, би сакал да разгледам едно длабоко проблематично тврдење на архонтите. Архонтите тврдат дека Цариградскиот патријарх самиот ја поседува власта да доделува автокефалност на одредена помесна црква. Истовремено, се тврди дека световните влади имаат власт канонски да укинуваат помесни цркви – едно скандалозно тврдење, кое сепак, понекогаш е изнесувано од профанарски извори.
Така, на пример, архонтите тврдат дека Константинопол ѝ доделил автокефалност на Српската патријаршија во 1920 година. А, Српската црква е автокефална уште од 1219 година.
Сега, точно е дека султанот Мустафа III издал ферман со кој ја „укинал“ Српската патријаршија во 1766 година. Точно е исто така дека Османлиите потоа ги ставиле српските православни христијани под власта на Цариградската патријаршија. Што се случило во 1920 година? Светиот Синод на Цариградската патријаршија издал одлука со која ја признава и ја потврдува „реорганизацијата“ на Српската патријаршија. Па сепак, никој не сметал дека новата канонска структура на некаков начин била условена од одобрението на Константинопол.
Српската црква не го прифаќа ставот дека нејзината патријаршија била воспоставена во 1920 година. И тоа не е едноставно прашање на национална гордост: да се каже дека Цариградската патријаршија ѝ „доделила автокефалност“ на Српската црква во 1920 година, би значело премолчено да се прифати власта на османлискиот султан да ја укине српската автокефалност во 1766 година.
Понатаму, архонтите изрично тврдат дека световните влади имаат право да ја одземаат автокефалноста од помесните цркви – наспроти тврдењето дека автокефалност може да биде доделена само од Константинопол. Да ја цитираме статијата на архонтите:
„Цариградскиот патријарх ѝ има доделено автокефалност на Руската црква двапати. Првпат – во 1589 година, кога Московската патријаршија беше воспоставена првпат, илјада и повеќе години откако Халкидонскиот собор ѝ ја довери на Константинополската црква одговорноста да разрешува црковни спорови. Рускиот цар Петар Велики ја укина Московската патријаршија во 1721 година. Речиси две столетија подоцна, Цариградската патријаршија повторно ѝ додели автокефалност на Руската црква, кога Московската патријаршија беше возобновена во 1917 година.“
„Петар Велики ја укина Московската патријаршија во 1721 година“. Архонтите ја прифаќаат оваа одлука како валидна и законита, па затоа Константинопол наводно морал повторно да ја возобновува руската автокефалност во 1917 година.
Повторно велиме, ништо слично не се случило. Односно, во 1917 година Серускиот собор ја реорганизираше Руската православна црква како патријаршија; Цариградската патријаршија формално го призна и го потврди тоа дејство подоцна истата година. Но, никој не сметаше дека одлуката на Серускиот собор некако е условена од одобрението на Константинопол.
Извор: https://uoj.news/defending-faith/87033-on-the-primacy-of-the-ecumenical-patriarch
