На 6 октомври утрото Блаженејшиот Архиепископ Атински и на цела Грција г.г. Јероним ја изврши службата на Малиот водосвет по повод почетокот на новата парламентарна година. Поглаварот на Црквата на Грција го придружуваа митрополитите од Синодот: Полјанскиот и Килкиски Вартоломеј, Драмскиот Доротеј, Парамитискиот Серапион и Флоринскиот, Преспански и Еордејски Иринеј.
Поглаварот на Грчката Црква и неговата придружба беа пречекани од претседателот на Парламентот на Грција, г. Никитас Какламанис.
На крајот од службата, обраќајќи се кон премиерот Киријакос Мицотакис, како и кон сите присутни пратеници, Архиепископот Јероним упати молитвени желби за успешен почеток на новата парламентарна година. Тој ја истакна потребата од сите блага што беа спомнати во молитвите на водосветот, нагласувајќи дека тие се особено потребни во времето во кое живееме. Истовремено, обраќајќи се кон сите членови на Парламентот, тој подвлече дека „нашево време нè повикува сите да бидеме обединети, да ги надминеме разликите. Пред сè треба да ја почитуваме единството и љубовта меѓу нас“, рече Архиепископот.
На крајот, Архиепископот Јероним посака сила, трпение, трудољубивост и добра меѓусебна комуникација меѓу пратениците во духот на соработка за доброто на народот.
„Се молиме, како ваши браќа и соработници на поинаков начин, за нашиот народ, за нашите верници, сите заедно, со заеднички напор. Разликите доаѓаат и поминуваат, но грижата мора да остане. Да се бориме сите заедно за овој народ кој навистина се колеба и има потреба од многу внимание, голем труд и постојана борба. Сите ние отци што сме овде, како и целиот наш народ, токму тоа го посакуваме. Сила на сите, трпение, вредна работа и добра духовна врска меѓу вас. Да имате сила не само денес, туку и целата година.“







