Фестивал на христијанската култура во Зајечар, Србија

Во дворот на Соборниот храм „Рождество на Пресвета Богородица“ во Зајечар, Србија, на 4 септември 2025 година, свечено беше отворен јубилејниот 10. Фестивал на христијанската култура и духовно-документарен филм.

По воведните композиции што ги изведе хорот на Соборниот храм „Пресвета Богородица“, на присутните им се обрати Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тимочки г. Иларион, кој ги поздрави сите присутни, меѓу кои и Високопреосвештениот Митрополит Нишки г. Арсениј, министерот за култура г. Никола Селаковиќ и поранешниот градоначалник, а денес државен секретар во Министерството за рударство и енергетика, г. Бошко Ничиќ.

Во продолжение на свеченоста, Митрополитот Иларион ги додели наградите на Фестивалот за повеќегодишна поддршка на Министерството за култура, Управата за соработка со црквите и верските заедници и Локалната самоуправа на Градот Зајечар.

Специјална награда оваа година, востановена како награда на Фестивалот за творештво со духовна тематика, беше доделена на книжевникот Љиљана Хабјановиќ Ѓуровиќ.

Во рамките на првиот ден од програмата, по отворањето на Фестивалот, беше одржано предавање „Светосавскиот дух во српската култура и во Матица српска“, кое го изложија проф. д-р Драган Станиќ, претседател на Матица српска, и м-р Милан Радоичиќ. Вечерта заврши со прикажување на документарниот филм „Гората на Преображението“.

Фестивалот оваа година се одвива во знакот на големиот јубилеј — 850 години од раѓањето на Свети Сава, првиот српски Архиепископ, просветител и духовен темелник на српскиот народ. Од 4 до 12 септември 2025 година, овој значаен културен и духовен настан во Зајечар ќе ги собере истакнати писатели, актери и културни творци; претставници на Матица српска, како и познати хорови и музички ансамбли. Исто така, ќе бидат прикажани и најдобрите духовно-документарни филмови од домашна и странска продукција.

Богатата и разновидна програма на фестивалот ја сочинуваат предавања, трибини, книжевни вечери, концерти и филмски проекции, сè со цел да се укаже на значењето на христијанската култура во современото општество и да се зачува духовното наследство на српскиот народ.

Извор: https://spc.rs/sr/news/aktuelno//14732.otvoren-festival-hriscanske-kulture-u-zajecaru.html