Митрополит Повардарски г. Агатангел
Откако беше објавен претходниот текст, во кој накратко и аргументирано ја објаснивме правата суштина на нашата автокефалност, првата помисла што ме обземаше беше дека дури сега ќе се возмутат и разбудат духовите на сите фанариоти, кои здружно договорени, како печурки по дожд, ќе пркнат на чистина со своите патетични безобразлуци и манипулации во обид да посеат магла и немир меѓу верниот и богољубив македонски православен народ, кој активно се црквува во автокефалната света Македонска православна црква – Охридска архиепископија. Народот си ја доживува Црквата како своја духовна мајка, преку чија утроба еден ден очекува да се прероди во Царството Божјо, во Небесниот Ерусалим, кој е вистинска татковина за секој верен христијанин. Навистина ми е жал што се оствари мојата помисла. Наеднаш, од никаде повикани, испливаа на површина збунети професори, кои за големо чудо биле шокирани од реалноста, односно од ставот на анкетираните млади свештеници, кои Цариград го доживувале како продолжена рака на грчката шовинистичка политика. Па кој подобро од нас свештениците го познава црковен Цариград?
Од едната страна само грчки народ, а од другата, неименувана и безимена маса!?
Сè уште ги памтиме делата на велешкиот владика Игнатиј, кој во свое време, иако прост и неписмен, организирано ги собрал сите книги на македонски и словенски јазик и ги запалил во Согленскиот манастир. Ги памтиме и делата на костурскиот владика Германос Каравангелис (исто така од Цариградската патријаршија), кој бил директен учесник во убиствата на невини луѓе и во палежите на македонските села во Костурско. Памтиме како на нашите браќа и сестри во Егејска Македонија на сила од грчките попови им беа наметнувани грчки имиња при Светото крштение, а памтиме и дека денеска, во ова време, при богослужбата на еден цариградски владика во еден наш манастир, тој во својата беседа им се обрати на присутните со зборовите: „Се радувам дека конечно грчкиот народ и клирот со верниците од Охридската архиепископија имаат можност да служат заедно“. Шокантното во овие зборови е тоа што за него постои од едната страна само грчки народ, а од другата неименувана и безимена маса. Уште пошокантно е дека самите негови домаќини се потрудиле ова да го преведат како „двата народа“, во обид да го сметат ѓубрето што останало зад него. На крајот на краиштата, апсолутно сме шокирани што самите си ја забораваме и си ја понижуваме својата историја и лесно и без трошка емпатија поминување низ ужасниот геноцид што брутално бил извршен врз нашите сонародници. Што, во меѓувреме, некој да не се покајал, да не си го променил случајно својот негаторски став спрема Македонците, па сега ние да најдеме какво-такво оправдување за нивните недела? Одговорот е се разбира: Не!
Цариград е истиот, каков бил тогаш, таков е и денеска
Цариград е истиот, каков бил тогаш, таков е и денеска. Замислете, да им ја дадеме на управување македонската дијаспора. Како тие ќе постапуваат спрема овие луѓе? Колку Турци има Цариград преобратено во православие? Како ќе им дадеме доверба да ја владеат дијаспората кога дома им е слаба мисијата? Како да им ги довериме нашите македонски заедници? Тогаш многу необични прашања ќе се појават во праксата како проблем. Еве, да речеме, му носат на грчкиот поп македонско дете за крштевка, а кумот му вика на попот: Отче, името на детето му е – Македонка! Кој тогаш ќе биде пошокиран? Родителите и кумот, или грчкиот поп, кој по ниедна цена нема да ја потпише крштеницата. Така ли ќе ја пуштиме низ вода нашата дијаспора, која со децении макотрпно ја собиравме на едно место. Каде ни се сериозноста и одговорноста за тие македонски души? Ако професорот алудира на шокираност од нашиот наводен национализам, ела професоре да го видиш грчкиот! Дури тогаш, и тоа како, ќе бидеш занемен од неговиот пеколен раскош. Еден друг професор, со вмровска провениенција, имплицитно ни праќа порака дека требало да ја следиме траекторијата на Цариград до полноправна автокефалност, без притоа да обрнуваме многу внимание на томосот за автокефалност од СПЦ, кој треба да биде игнориран и невидлив, речиси неважен. Полноправна автокефалност не дава Цариград, професоре! Цариград е само една од еднаквите помесни православни цркви во светот, која единствена од нив има амбиција да го владее православието. Оваа нивна пуста желба е неканонска и по ниеден основ не е втемелена врз апостолското и светоотечкото предание. Според овој професор, добро било тоа што сме го решиле спорот со Грција, така биле тргнати сите лоши вести. Е, ова нека им го каже на оние што бранејќи го името, денеска чмаат по затвори, или на оние што со пиштол на челото беа донесени во марица за на сила да го притиснат копчето во Собранието. По оваа изјава нека биде спокоен професорот, баш е подобен за министер. Искрено, негативно ме изненади неговиот лесен компромис со кобната „северномакедонштина“.
Третиот, пак, професор од сдсмовска провениенција, го поврза НАТО со Црквата. Нашето црковно име, а со тоа и нашата автокефалност, да ти било безбедносно прашање. Ова го доживеав како некој новоговор: „НАТО-вска автокефалност“, која мора да биде одобрена од централниот комитет и по стандардите на „мирољубивиот“ северноатлантски сојуз. Потоа, како од ракав, почна да реди руски шпиони, некакви забрани и директиви, што дури и еден Жданов и Берија ако беа живи ќе останеа зачудени од неговиот страстен настап и отвореност. А, извинете професоре, само да прашам: Каде се американските шпиони? Колкумина од нив седеа на таа маса покрај вас? Простете на мојата иронија, но навистина не можам да сфатам во каква дистопија живеат некои луѓе, во каква психолошка состојба самите се доведени, каква ШТАЗИ логика им минува низ нивните глави!? И на крајот, последно, но незаборавено, морам да го спомнам и дежурниот адвокат на фанариотите, кој преку едно катил-писмо, полно со лични навреди, лицемерство и извртување на фактите, се обиде да парира на моите аргументи, без притоа да каже нешто конкретно и издржано за она што директно и индиректно беше прашан и повикан. Еве, ќе му повторам уште еднаш: ќе покаже ли лична чест и доблест, па да ги врати наградите што му ја создадоа и обликуваа кариерата додека клеветеше и ширеше лаги за нашиот архиепископ? Ќе се извини ли, ќе побара ли прошка од нашиот добар поглавар, која сум сигурен дека ќе му биде дадена како татко што ја дава на синот? Каде е канонот, врз чија основа цариградскиот патријарх е самодржец во православието? На него и на неговите манипулации ќе морам најмногу да се задржам. На паметен и искрен човек доволно е да му се каже еднаш, но еве, јас не губам надеж дека ќе ја заработам неговата разумност. Евангелски е да се оттргне братот од заблудата и да се врати на правиот пат. Се надевам дека правилно ќе ме разбере и дека нема во него да се покренат, под влијание на гордоста и суетата, страшни чемери, јадови и пискотници. Не ми целта да го провоцирам, но кон него ќе бидам брутално искрен.
Мотивот за ова мое повторно обраќање се мирот и спокојот на мојот возљубен македонски народ
Сепак се работи за вистината, а кога е она во прашање, тука нема никакви оправдани компромиси.
Најпрво, коментарот на „експертот“ почнува со некакви мудрости за литургијата и словото, па спомнати се некакви следбеници и некакви несуетни Старци, кои да ти биле Божји пратеници, и за кои се раскажувало насекаде. Во ред, еве, и ние сакаме да знаеме кои се тие Старци, нека бидат спомнати со име и презиме. Што, зар духовното богатство ќе го криеме? Исто така сакаме да знаеме каде ги слушал „аналитичаров“ овие блажени слова, во која црква се црквува? Дали ги слушнал сега од неодамна, или лани за Велигден кога последен пат влегол во црква? Го слушнал директно нивното слово или ги гледал на слики по социјалните мрежи, па преку туѓи очи, си донел лични тези и заклучоци? Ако е точно ова второто, тогаш се претопил во новинарството, кое моментално владее во светот. Сега некој друг мисли за нив, друг им одобрува што е исправно, што може, а што не може да се каже. За современите новинари постои само еден возвишен и неприкосновен извор, кој е сместен на Запад и кој преку својата мембрана ја пропушта „вистината“, која наместо да ослободува, таа всушност заробува, од проста причина што е еден обичен приземен и насилен диктат. Како да го сфатиме ова? Советскиот Сојуз случајно да не се преселил на Запад, а за тоа да не сме информирани? Понатаму, коментарот е исполнет со обид за полемика со моите ставови и искажувања, кој некаде на крајот завршува со поента и подла забелешка дека намерно не сум го спомнал Навални. Бог да го прости, нека даде Господ утеха за неговото семејство.
Но токму Навални, всушност го разобличи авторот. Се виде од каде дува ветерот. Не сакам да ја работам неговата новинарска работа, како што тој од петни жили се обидува да ја работи нашата, но, мене како на обичен човек, навистина ми е чудно и необјасниво од каде истата вечер по неговата прерана смрт, на американските медиуми веднаш објавија дека неговиот убиец е никој друг, туку лично Путин. Како тоа за неколку часа го дознаа убиецот на Навални, а по повеќе од 60 години не се сигурни кој го уби Кенеди? За еден новинар ова треба да е легитимно и логичко прашање. Што е со нашите Навалниевци, со нашите деца, кои неправедно ги фрлија во затворите за да ни ја протнат северната наезда. Постојат ли во светот други Навалниевци? Има ли на Запад затвореници на повеќегодишен притвор и без никакво обвинување? Асанж не ли е човек, со еднакви права и можности? Гвантанамо и Абу Граиб не ли беа концентрационен логор за луѓе со недокажана вина? Што се случи со оној што беше грабнат среде Скопје и што потоа беше подложен на тешки логорски маки и измачувања, за на крајот да се утврди дека само името и презимето му биле исти со некој друг прогнаник од Блискиот Исток? Колку војни во последните сто години има водено Западот, во име на демократијата како лажно оправдување, а реално заради моќ и црпење ресурси? Кој е најголемиот колонизатор во историјата? Престаната ли е американската, британската, холандската и француската колонизаторска политика? Кој со децении поставуваше брутални диктатори низ цела Јужна Америка, што со пари и поддршка од „демократскиот запад“ вршеа невидена тортура врз своите народи? Кој е претседател на Венецуела? Кои корпорации поттикнуваа војни, немири и преврати низ целиот свет? Кои се резултатите од пролетните револуции во Северна Африка и меѓу муслиманскиот свет? Каде се денеска терористите од ИСИЛ, да не се отидени на годишен одмор? Како тоа Америка сè уште има бази исклучиво околу нафтените полиња и рудниците во Либија, Сирија и во Ирак? Ова се смета ли за окупација? Имаше ли кражба на изборите во Америка? Може ли слободно да се зборува за оваа севернокорејска појава? Еве, понатаму немам намера да навлегувам во детали. Јас го направив концептот, па кој има храброст нека истражува.
Аналитичарот дури се дрзна на крајот од својата поента да го спореди и изедначи Навални со Достоевски и со Солженицин. Можно ли е ова да биде кажано!? Точно е дека Достоевски бил затворан од тогашната власт, но на крај памет не му текнало до крајот на животот да ја издаде Русија. Русија за него била идеја и идеал, а не монета за поткусурување. А, исто така, баш би сакал да знам како би реагирал Солженицин кога ќе му кажеа дека Западот ги забранил сите руски медиуми и ги цензурира неистомислениците, или дека главен бизнис на источните интелектуалци им се грантовите од УСАИД и од Сорос, и дека преку тоа основна професија им станал кодошлукот. Ќе го потсетеше ли тоа на тогашната спрега меѓу московската „Правда“ и Политбирото? Еве, одејќи по твојата логика, ако Навални е споредлив со овие прекрасни великани на светската цивилизација, тогаш со кого ќе ја споредиш Дарија Дугина? Можеби со Медлин Олбрајт? Тажно, па и по малку смешно! Поради тоа сметам дека треба јавно на националниот сервис да објавиме дека ти ја даваме титулата „првоврховен манипулатор и по нечест и по власт“.
Време да ги претресеме црковните прашања
Е, сега е време да ги претресеме црковните прашања, кои директно ми ги упати во неговиот коментар. Најпрво, лага и манипулација е дека СПЦ ни дала нецелосна автокефалност и нè упатила кон Цариград – ова е брутална невистина! Авторот во продолжение вели: „по кој канон сме ја добиле ние автокефалноста?“, што беше упатено како контра прашање на моето прашање. Гледам и самиот си се чудам, па зар е можно како „експерт“ да го нема прочитано томосот што го издаде патријархот г. Порфириј. Таму, уште во првата реченица стои дека „автокефалноста се дава во согласност со канонскиот поредок на Најсветата Православна Црква Христова, а посебно врз основа на 34-то правило од Соборот на Светите Апостоли…“. Во ова апостолско правило е буквално напишано дека: „секој народ треба да си го познава првиот меѓу себе и да си го признае како поглавар. Никој да не се меша во туѓа епархија, а првиот епископ ништо да не прави на своја рака и своеволно, туку да биде во содејство и консултации со своите епископи, бидејќи така ќе биде зачувано едномислието“. Еве, ова е дефиниција за автокефалност, искажана лично од устите на самите Свети Апостоли. Подолу во томосот патријархот г. Порфириј повикувајќи се на содржината од ова правило, ја признава, објаснува и објавува нашата полна автокефалија. Тоа е цитат од самиот томос. Ништо не додавам, ниту измислувам. Во томосот, новата автокефална црква го носи името Македонска православна црква, наследничка на древната и славна Охридската архиепископија, а нашиот прв епископ е поглавар со титулата „архиепископ охридски и македонски“. Е, токму ова е шокантно за фанариотите и нивните домашни измеќари. Како тоа наеднаш „македонска“, како тоа титула „македонски“? Е, така, не ве прашавме, ама постапивме, и тоа (замислете!) во интерес на македонскиот народ. Ова ли треба да биде спорно, за ова ли треба да им се лутиме и да ги критикуваме собраќата архијереи од СПЦ. Секој што ова го критикува, омаловажува или не му е драго е промотор на туѓи интереси. Имало во Норвешка еден со чие име се опишуваат ваквите плитки души. На норвешки се вика Квислинг, а преведено на македонски… не знам, кај нас се полиномни овие полковници од петтата колона!
Потоа, се спомнува заклучокот од Шамбези, ама од 2009 година. Таму убаво е кажано сè што треба да знаеме. Авторот манипулантски го забошотува фактот дека тоа е само формална согласност, која чека конечно решение на идниот собор. Тоа моментално не е правило, туку е изразено во форма на идеја што дури ќе треба да се дискутира и усвои. Како и во која форма ќе се усвои, ќе видиме во иднина. Сега, во овој момент, таа форма не може да се користи како аргумент во интерес на Цариград. Таму во цитатот, на еден црковен јазик (неразбирлив за новинарот!), полн со љубов и меѓусебна почит, е кажано дека таа комисија предлага принципот за добивање автокефалност да биде во согласност на мајката црква и на сите помесни цркви. На вселенскиот патријарх му е дадена честа што канонски му припаѓа, а тоа е да биде прв меѓу еднаквите. Никаде не му е дадена власт самиот да одлучува. Ако веќе ја имал власта, како што тврдат нашиве приучени фанариоти, зошто му била потребна соборна согласност и од другите за овој предложен принцип (предложен, а не усвоен!). Овој принцип, односно оваа форма, не поминал ниту во 2011 година, ниту во 2014 година, па на крајот се согласиле да расправаат за неговата содржина на идниот собор во 2016 година. Сите знаеме како заврши тој собор. Сега, согледувајќи ги новите околности, и пројавените намери на Цариград да се зацари и да се претвори во „земна глава“ на православието, сигурен сум дека и оваа предложена форма ќе претрпи извесни измени. Принципот ќе е тој, но измени веројатно ќе има. На овие собори во Шамбези е расправано и за усогласување на диптисите на помесните цркви, што докажува дека кај сите се различни. Ако веќе се усогласуваат диптисите, како тоа за нас да биде единствено важен и валиден само цариградскиот?! Цариград сака така да биде, ама желбите се едно, а реалноста друго. Затоа да не потпаѓаме на евтини манипулации од домашните батлери во бели ракавици. Не одлучува само Цариград, има и некои други што треба да се прашаат. Цариград има амбиција и намера да воведе папизам на Истокот. Тоа не е поткрепено ниту евангелски, ниту канонски, ниту еклисиолошки. А кој не се потпира врз Евангелието и на древното светоотечко предание, а се повинува и им служи на своите страсти и предрасуди, и така ги подучува верните, бил осудуван како еретик со извртена и лицемерна духовност, без разлика дали бил моќен цариградски патријарх, личен пријател на царот и царицата, голем интелектуален ум, вешт државник и дипломат.
За појавата што сè повеќе почнува јасно да се соопштува и да го нагризува телото на Црквата
Бидејќи е релативно нова појава, која сè повеќе почнува јасно да се соопштува и да го нагризува телото на Црквата, ајде да видиме што велат и Светите отци за оваа проблематика. Еве, нека ми најдат еден свет отец, нов или постар, кој го брани ставот на Цариград за нивната првоврховност по власт. Токму за ваквата амбициозна желба на Цариград зборувал и Св. Старец Софрониј Сахаров, наш современик и еден од најголемите светители во 20 век – ученик на Св. Силуан Атонски. Старецот Софрониј директно опоменува на опасноста што ја демне Црквата од неопапизмот на Цариград. Отворено посочува дека тоа е извртување на вистината и полнотата, како и на Богочовечката втемеленост на Црквата. Еве ги неговите зборови: „Прифаќајќи ги римокатоличките принципи, тие објавија дека Цариград има исклучиво право на православната дијаспора во светот, негирајќи им го истото на другите автокефални цркви. Немајќи никаква основа, ни во канонското устројство на Црквата, ни во нејзината повеќевековна пракса, тие како „првиот Рим“ (мисли на католиците), почнаа да тврдат дека овие права не им припаѓаат врз основа на каноните, туку врз основа на заповедта на Самиот Бог“. – затворен цитат. Треба ли да се каже дека овој облик на цариградскиот папизам, исто така претставува еклисиолошка ерес како и римокатоличкиот? Треба ли да се каже дека доколку се оствари и спроведе во животот на Црквата, неизбежно ќе доведе до превртување на целокупниот духовен облик на нашето постоење, поврзувајќи го, како и „првиот Рим“, исклучивото право на власт и владеење во Црквата со локалните прилики.
Ако на сето ова се премолчува, тогаш ќе се појави и подривање на принципот на еднаквото достоинство на помесните цркви, а Цариград отворено ќе почне да се бори против принципот на автокефалноста. Кога Апостол Павле зборува за единството на Црквата, он не го доведува овој принцип во зависност од потчинување на единствена управа, туку го гради врз принципот на причестувањето со Телото и Крвта Господови, значи на Евхаристијата. Евхаристиското сослужување ја прави секоја помесна црква целосен носител на полнотата на Црквата Христова. Ова е принципот и на автокефалноста, а не е Диптихот на Цариград, кој таа намерно се обидува да му даде огромно и непремостиво значење.
„Дури и да се земе, па да се нарече Цариград ’мајка на сите цркви‘, сепак не може од таму да се извлече принцип на потчинување заради фактот на историското мајчинство“. Ова, според Свети Софрониј, претставува „отстапување од православната тријадологија според која Татковството или Синовството не ја укинува полнотата на еднаквоста. Она што се раѓа од суштината е еднакво на Она од што се раѓа или произлегува. Така постои и Света Троица. Неа ја сочинуваат Три лица (ипостаси) што имаат различни својства, но во Неа нема субординација меѓу личностите, туку е запазено единството“.
Според Свети Софрониј, на тие тријадолошки принципи почива и самата Црква Христова. Критикувајќи ја Окружната посланица на тогашниот вселенски патријарх Атинагора, која била исполнета со новите идеи за папизмот на Цариград, Свети Софрониј резимира: „Кој од вистинските христијани што се клањаат во духот и вистината ќе ги прифати овие зборови? А што ако претпоставиме дека заради некоја катастрофа ќе исчезнат од лицето на земјата и првиот и вториот Рим, па зарем тогаш светот ќе остане без вистинската врска со Бога. Ќе остане ли затоа што исчезнале основните алки што со Него нè поврзуваат. Тоа е гласот на туѓиот (Јн. 10, 5). Тоа не е нашата христијанска вера.
Ние го отфрламе секој Рим
Ние го отфрламе секој Рим. И првиот, и вториот, и третиот, доколку се работи за внесување на принципи на субординација во битието на нашата Црква. И римскиот, и цариградскиот, и московскиот, и лондонскиот, и парискиот, и њујоршкиот, и секој друг вид папизам го отфрламе како еклисиолошка ерес, која го извртува и расипува христијанството“. Ете, сега нека најдат фанариотите доволно висок авторитет, што ќе му пркоси на еден од најголемите современи светители и богослови. Еве, гледаме дека оваа сомнителна идеја на Цариград може само да одведе до поделби. Тоа всушност денеска и се случува, по последниот обид за собор на Крит. Цариград тврди дека сака да го обедини раздвоеното, а всушност во пракса ќе успее само да го расцепка од Христа веќе обединетото. Таа на крајот ќе направи пукнатини на Телото, кое до денес постои цврсто и стабилно. Затоа треба вразумување на забеганото, а не негова поддршка во настранатоста. Тие ја разбираат соборноста на Црквата како некаква правна поврзаност, како меѓусебна зависност регулирана со некакви диктирани закони. За нив е Црквата организација со уредби и правилници, а епископите се општествени делатници, кои се строго подредени на Цариград. Меѓутоа тоа не е вистина! Соборноста нема никаква врска со некаква светска организација, како што премолчено тврдат источните неопаписти. Соборната црква е вгнездена во пазувите на секоја помесна црква што сослужува во евхаристијата. Христос е аголниот камен врз кој таа е изградена, а не Диптихот на Цариград, кој ако е пишан без љубов и смирение, тогаш е обично слово на хартија. На секоја помесна црква не ѝ недостига ништо од божествената благодат и Божјите дарови, во неа се чува полнотата на вистината. Секоја Црква, на еден начин по својата природа е вселенска. Таа може како конкретна заедница да се повторува во просторот и времето, а истовремено да биде една и иста. Врската меѓу помесните цркви не е базирана на правни и јуридички закони, туку на врските што произлегуваа од љубовта и благодатта. Една помесна црква е обединета со сите други помесни цркви во светот преку врската на својот богочовечки идентитет, без разлика каде тие се наоѓаат, без разлика дали имаат и слушнато една за друга, дали ги има во Диптихот или не. Диптихот е секако важен, но не е единствено пресуден, како што сакаат тоа да ни го претстават. Не е патријархот оној што ја обединува Црквата. Помесната црква е нешто комплетно, и не е дел од поголемата целина. Сè во Црквата се управува според евангелската љубов. Сета разлика е само благодатна. Тоа не се разлики од правна природа, туку од духовниот авторитет, кој е дар Божји. Единството на Црквата не е прашање на послушноста кон некоја повисока власт. Не е прашање на потчинетост на подредени кон нивните претпоставени. Единството е дар на заедницата во Телото и Крвта Христова, таа е заедница со Светиот Дух. Тоа е литургиско единство, тоа е единство на Светите тајни. Свети Григориј Двоеслов, кој и самиот бил папа римски, го нарекува антихрист секој оној епископ што се дрзнува себеси да се нарече вселенски и да претендира на власт со која ќе ја управува целата Православна црква. Така, врз основа на овие принципи, и наречението Вселенска патријаршија има смисла само во предимството по чест, а не по власт. Тоа не означува никаков виш центар за управување на православните по целиот свет, на кого сите православни христијани, мирјани, клирици и патријарси се должни да се покоруваат како потчинети. Еве, ги прашувам нашиве, кои ја поддржуваат оваа идеја на Цариград, кои поттикнуваат некакви вонцрковни „експерти“ да им ја трчаат трката, притоа скриени без име и презиме. Ќе ја преземат ли тие одговорноста ако ова учење на некој иден сеправославен собор се прогласи и официјално за погрешно учење, за што постојат многу издржани основи? Ќе бидеме ли ние единствената Црква во историјата на христијанството што поддржала ерес од нецрковни луѓе. Вакво нешто досега се нема случено. Најблиску до оваа состојба е моментот кога византиските цареви ги тргнале иконите од храмовите, па се собирале и правеле разбојнички иконоборечки собори, кои го нагризувале телото на Црквата со својата лага и невистина. Време е да ги слушаме Отците, да се потпреме на нивното духовно искуство и подвиг, бидејќи тие благодатно го гледаат Бога лице в лице. Врз нивниот подвиг е втемелено сето догматско богословие. Знаат тие добро дека на секој умислена духовна величина божество му е овоземната слава и минливите богатства. Џабе ти е и да го придобиеш целиот свет, ако на својата душа ѝ напакостиш.
Еве, се радуваме и на добиената вест од новинарот дека во блиска иднина нема да се избира патријарх по национален клуч во Александрија, Ерусалим и во Цариград. Ве држиме за збор, сметаме на вашата прошетаност и информираност. За Ерусалимската патријаршија не ви е точна информацијата. Таму нема само Грци и Евреи. Всушност, нема воопшто Евреи, а Грци има само во високиот клир. Речиси целата црковна заедница се Арапи. Се надеваме дека оваа пракса на „важност на националноста“ ќе биде сменета.
На крајот сакам да потенцирам дека се лажни обвиненијата од новинарот дека сум вовел инквизиција. Да, знам дека не сте навикнати ако некој противречи на вашата величина. Но тоа не е инквизиција. Поголеми карактеристики на инквизиција има она што вие сакате да го воведете. Вие сакате да нè замолчите и потчините под власта на самопрогласените моќници. Воопшто не се плашам да останам сам во моите тврдења. Не знам, можно е како што велиш дека ќе бидам надвладеан. Но тоа не ме обеспокојува. Такви примери имало и ќе има во православието. Тоа му се случувало на Св. Григориј Богослов во времето на аријанството. Тој си останал на страната на Бога. Всушност, Бог ја штити Црквата, а не јас како обичен човек. Битно е Бог да не нè напушти, а пофалбите од луѓето се минливи и се како ’рѓата, која го нагризува благородниот метал. За мене е најсвет Господ, Нему сум Му верен, а потоа и на светата Македонска православна црква – Охридска архиепископија, на мојот свет возљубен македонски народ и на мојата преубава и света македонска земја. Господ Бог нека ни ги чува и закрилува во вечни векови!
Извор: https://novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/marshot-na-fanariotite/