Божикно послание на Митрополитот Агатангел

†АГАТАНГЕЛ
по милоста Божја Митрополит Повардарски,
до свештенослужителите, монаштвото и верните чеда на
Македонската православна црква – Повардарска епархија,
а по повод Рождеството Христово – Божик,
испраќа мир и благослов од Бога,

Возљубени мои духовни чеда,

Денес Господ Бог изобилно ја излеа Својата благодат, во секое кротко и смирено срце овери печат од Неговата божествена светлина. Еве, настапи денот на чистото богопознание, во малиот Витлеем, во скромната и сиромашна пештера се роди Словото Божјо. Далеку од очите на светот, без никаков трескот и раздвиженост, небесното и земното се изедначија по слава и чест. Создателот на сè што е видливо и невидливо, на сè што е живо и совесно, се појави како човек, стана еднаков со нас во сè, освен во гревот. Човештвото повеќе не е оставено самото на себе, го исполни Бог Неговото древно ветување. Низ мембраната на времето се подаде Раката Божја која се положи врз секоја твар, таа во иднина татковски и со огромно трпение ќе ја пази и раководи секоја душа што полага искрена надеж на вечноста. Не постои ништо почудесно и подостоинствено за човекот од она што денес се случи во Витлеем, од она што стана во тесните јасли пештерски. Во рацете на Пресвета Богородица залегна неискажлива возвишеност, која ниту еден ум, ниту една мудрост човечка не може да ја опише или објасни со соодветни зборови. Денес Господ Бог го повои Своето создание во секоја красота и убавина. Величенствено и победоносно, заради вистината, кротоста и правдата, поита да нè завие во Својата топла прегратка. Изобилно ни ја понуди Господ на дар Својата добрина, која до крајот на светот и векот во секој што ќе ја прими во неговото срце ќе твори прекрасни дела и чудеса.

Драги браќа и сестри,

На Божик вселената станува храм Христов. Во малата и далечна витлеемска пештера се устрои првата црква во која богослужеше Вечниот Првосвештеник. Во нејзиниот олтар Пресвета Богородица стана возвишен Господов престол. Ангелите Божји, хорски и милозвучно, едногласно ја најавија славата која се симна од висините. Од сега па натаму, ако има добра волја меѓу луѓето, на земјата ќе царува мирот. Оној што ќе ги усвои и ќе ги живее пораките Христови ќе се соедини со Неговото Пресвето и Пречисто тело, вистински ќе се причести и соедини со Бога и ќе Го прими Духот Кој преобразува и осветува. Секој следбеник Христов во иднина ќе го прими дарот на восиновувањето, ќе се обожи по благодат, ќе ја вкуси вечноста, ќе се збратими со совршенството. Какво големо чудо денеска ни се нуди и послужува?! Еве, Словото Божјо стана тело и се всели меѓу нас, Тоа е полно со вистина и благодат која чека изобилно да се излее во секое срце. Затоа, да ги отвориме портите на својата внатрешност, да се соединеме со величието на Единородниот, да се украсиме себеси со покајание и со добри дела, кои ќе бидат вечен сведок на божикното милосрдие. Денес, секој од нас има можност вистински да патува и содејствува со древните мудреци, па на Бога да му принесе достојни дарови од својата душа. Ниту едно богатство на овој свет не е наше, бидејќи еден ден ќе си замине во неврат. Но единственото нешто што го поседуваме и што не може да ни се одземе е љубовта, токму неа на Бога можеме да му ја подадеме, особено тогаш кога не грешиме, кога не ги повредуваме своите ближни. Затоа, да се облечеме во Христа, во прекрасниот Новороден Месија и да станеме сотрудници во Неговата благочестива мисија, која има за цел да го преобрази светот и да го зацари човекот, поставувајќи го од десната страна на Бог Отецот во вечното Царството Небесно.

Драги браќа и сестри Македонци,

Бескрајно и бесконечно е Божјото снисходење и неискажлива е Неговата божествена возвишеност, бидејќи Он не може да се спореди со видливото создание. На чудесен и таинствен начин Бог станува видлив преку делата на човекот, преку нашите дејствија и постапки. Ете колку е човекољубив нашиот Бог, ни се дава Себеси како дар, и истовремено нè вклучува во Неговата слава. Затоа е голема и нашата одговорност! Ваквите големи почести кои незаслужено ги имаме добиено, не треба да ги изневериме, туку треба да ги оправдаме. Постапувајќи спротивно на дарот кој изобилно ни е даден, ние Бога го срамиме, а себе се изложуваме на поруга. Навистина е тажно да се знае дека сме избрани од Бога, дека сме Негов најубав сад и украс, а притоа да правиме неред во Неговата креација и да Го натажуваме со своите недолични постапки и однесувања. Ние Македонците имаме богата и славна историја, од нашето национално минато имаме одлични примери за храброст, духовна усрдност и благочестие. Од нив, како од благороден извор секојдневно можеме да се напиваме. За секоја наша слабост, за секоја недоумица, при секоја опасност и неизвесност, не треба да одиме далеку по светот за таму да бараме лек и избавување. Доволно е само за момент да се осврнеме на животот и делата на нашите славни сонародници, да ги повикаме во нашата стварност, во нашето денешно секојдневие. Тогаш миговно ќе ги залечиме нашите рани, ќе ги ободриме душите, ќе зацврснеме во духот, преку нивниот пример ќе преуспееме како народ Божји, како семе Светоклиментово. Вака охрабрени и духовно наоружани ќе можеме да се носиме со секоја неправда, од безизлезот ќе најдеме благочестива патека, од немирот ќе преминеме во утеха и смирение, од злото ќе се склониме во најсигурна одаја, во која Господ ќе биде нашиот најдраг гостин. Ете, такви домаќини биле нашите просветители, нашите преродбеници, нашите црковни устроители и возобновители.

Годинава ја прославивме 100-годишнината од замонашувањето на блаженоупокоениот Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Доситеј, чија духовна рожба сме сите ние. Неговата визија, неговата храброст и упорност, го сменија текот на поновата македонска историја. Во неизвесно време живееше овој прекрасен старец, но силна беше неговата верба во Бога. Знаеше од личен опит дека Господ не ги напушта понижените и онеправданите, туку им се открива во сиот Негов сјај и убавина. Знаеше дека токму за нив и за нивно спасение Он се роди на земјата и стана еднаков со нас во сè. Нека даде Господ да бидеме храбри и мудри како што беше нашиот возљубен црковен претстоител. Да ја усвоиме неговата вера и со силна надеж и усрдност, со секое наше дело и постапка, да му поклониме на нашиот македонски народ дарови достојни за паметење. Живееме во тешко време, во време на големи и неизвесни предизвици. Единствено ако се облечеме во Божјата мудрост, ако покажеме Христово трпение, љубов и истрајност, ќе можеме да ги надминеме и да излеземе од нив како победници. Само така ќе можеме да владееме над секое искушение кое се надвиснало над нашите глави. Никогаш не заборавајте дека сме Македонци, дека од Бога сме благословени да бидеме она што сме. Иако сме мал народ, сепак тоа не значи дека ни е мала можноста да правиме големи дела. Секој од нас како личност, како поединец, од Бога е обдарен со скапоцени дарови, секому му е даден одреден број на таланти, кои преку духовен напор ќе треба да бидат умножени и удвоени. На овој начин ќе воспоставиме благочестив поредок во себе самите, во нашите семејства, во нашата посредна и непосредна околина. Секој од нас има слобода, но има и одговорност, животот е бесмислен ако не биде нареден со добродетели. По нив ќе нè паметат нашите потомци, идните генерации Македонци.

Возљубени мои духовни чеда,

Чувајте го мирот со кој денеска се украсивме и кој Новородениот Спасител трајно ни го остави во наследство. Денеска од Бога примивме восиновување, се соединивме со Неговата убавина, станавме Негови сопричесници. Затоа, од сега па натаму, да го правиме она што Нему Му е угодно, да бидеме целомудрени, во секоја прилика да твориме правда, секогаш да ја говориме вистината и да бидеме истрајни и еднодушни во молитвата. Од нашите срца секојдневно нека излегуваат пофални песни кон Бога. Благодарноста и радоста во животот нека не ни бидат туѓинци. Само ако во себе ставиме достоен ред, ќе имаме непорочен поредок во нашите мисли и во делата кои во иднина ќе ги чинеме. Тогаш, и во нас и околу нас, ќе исчезне секој раздор, секое недоразбирање, секоја кавга и немилост. Тогаш ќе бидеме во мир и со Бога и едни спрема други, тогаш од нас ќе никне милосрдието и љубовта која од него произлегува, па ќе бидеме налик на Христос, Кој ни прости и сите нè помилува, и Кој заради нас се облече во човечко тело за ние да имаме дом и живот на небесата. Да Го усвоиме Христа, да се ослободиме од секоја слабост, да бидеме Негови добри домаќини. Како чисти сосуди да влеземе во славата на Новородениот Месија и од срце силно да извикаме: Радувај се вселено, зашто Христос се роди!

Христос се роди, навистина се роди!

На Божик 2025-то Лето Господово

Извор: http://www.povardarska-eparhija.org.mk/pe/index.php?option=com_content&task=view&id=3222&Itemid=104