† ГРИГОРИЈ,
ПО МИЛОСТА БОЖЈА,
МИТРОПОЛИТ КУМАНОВСКО‒ОСОГОВСКИ,
ПО ПОВОД РОЖДЕСТВОТО ХРИСТОВО,
ГО ИСПРАЌА МИРОТ И БЛАГОСЛОВОТ ОД БОГОМЛАДЕНЕЦОТ ПРЕКУ ПОРАКИТЕ НА БОЖИКНОТО ПОСЛАНИЕ,
ДО СЕЧЕСНОТО СВЕШТЕНСТВО, БОГОЉУБИВОТО МОНАШТВО И СИТЕ ХРИСТОЉУБИВИ ПРАВОСЛАВНИ ЧЕДА НА КУМАНОВСКО‒ОСОГОВСКАТА ЕПАРХИЈА
„Од Сион ќе излезе законот, и од Ерусалим – словото Господово… Ничкум ќе паднат гордите погледи човечки, и она, што е високо кај луѓето, ќе се понизи.. Зашто иде денот на Господа Саваот против сè што е гордо и надуено и против сè што е превознесено – и тоа ќе биде понизено… Во тој ден човекот ќе ги фрли своите сребрени и своите златни идоли… Престанете да се надевате на човек, чие дишење е во ноздрите негови, зашто – што знае тој?“[1]
Возљубени чеда,
Човекот преку гревот отпадна од добробитието, од изборот единствено на доброто, сепак тој повторно беше вратен во добродетелноста преку Воплотувањето на Бог во човекот. Со тоа дело на Богочовекот Христос, човекот беше подложен на спасителна промена, тој да има супститут за идолопоклонството и наместо да им служи на тварите, да има можност да Му служи на Творецот, Кој е создател на човекот и на сè видливо и невидливо. Бог, Творецот се испразни од својата слава, не за друго, туку за човекот да може да учествува во Неговата полнота. Какво богатство на добрина! Преку Воплотувањето, Синот Божји се јавува како совршен образ на невидливиот Бог Отец, со што човекот може доброволно да пристапи кон можноста за напредување кон духовен живот.
Неизмерна е љубовта на Бог кон човекот, заради што и се роди како Единствен човекољубец. Неспознатлив во своето величие на Суштината, Бог стана познатлив во Својата љубов, во Словото со Кое ги создаде сите ствари и ги утврди Заповедите како образец за човековото усовршување во доброто. Човекољубието што го нормираше како императив има посебна суштина и не е слично со делата на хуманизмот. Хуманизмот делува наметливо, врбува и асимилира, тој има тенденција Воплотувачкото човекољубие на Бог да го прикаже како заеднички историски изглед – иако тие не можат да се сметаат за идентични или комплементарни без контрадикција.
Хуманизмот е агностички глобален проект, тој е лажен проект на капиталиситичката индустрија; скептичен е за присуството на Божествените енергии во светот и не верува во натприродно, во учеството на нетварното во создаденото. Тој длабоко продира во совеста на човекот, перфидно разработувајќи му го разумот со позитивно потврдување и валидирање на неговиот потенцијал, насочувајќи го, дека и без Бога во себе, автономно ќе се усоврши преку создавање услови во светот за подобро, побезбедно, поеколошки и похумано место. Хуманистот верува во благородни дела на овој свет, како што се: соработка, образование, наука, истражување, сочувствување, толеранција, имагинација, отворена дебата, човекови права итн. Не постои хуманизам со чисти мотиви и без вграден интерес. Тој ја исклучува компонетата човекољубиво страдање за другиот. Мотивите на филантропските дела се испреплетеуваат како утилитаристички, политички и капиталистички. За остварување на тие цели, потребно е човештво кое не е сурово, себично, измамничко и насилно, туку човек кој ќе биде хуман, филантроп, кооперативен, чесен, неагресивен и мирен.
Модерниот хуманизам е прогресивистичка животна филозофија заснована на слободата на мислата, научното истражување и рационалноста на човековото дејствување. Иако делата на хуманизмот се посветени за благосостојбата на луѓето и општествените реформи, тој поредок што се гради во овој свет е производ на заблудата за слобода на мислата и всушност значи богоотуѓеност. Наместо хуманизмот да се стреми кон ослободеност на мислата од материјализација, тој делува во епифеноменализам и мислата му е поттикната од физичките настани, коишто произведуваат материјална последица. Затоа делото на хуманизмот не може да произведе добро, притоа без да вгради интерес и затоа, хуманитаризмот од луѓето создава должници и агностици.
Хуманизмот се заснова на агностицизам; верува дека човештвото ќе се усоврши преку рационална анализа, набљудување, експериментирање, научни методи, усовршување на медицината, технологии за симбиоза помеѓу луѓето и машините, развој на социјална политика и владеење на правото.
Хуманизмот гради висок морал којшто не дозволува болка или штета на човештвото, туку поставува морал кој бара: ублажување на болката на другите, утеха за оние што се ранливи и слаби, среќа, благосостојба и романтичност на општеството како целина, стремеж кон правда, сочувствителност, чесност, свесност, грижливост. Хуманизмот тврди дека емпиризмот, донесувањето одлуки засновани на докази и етички насочено научно истражување се најдобрите достапни алатки за борба против болести, намалување на криминалот, заштита на природата, пријателството меѓу луѓето, поддршката на демократијата.
Возљубени чеда на Христа Богомладенецот,
Хуманизмот е убеден во еманципаторскиот потенцијал на технологијата и дека човекот ќе се самоусоврши без Божја помош. Хуманистите не веруваат во натприродното, туку во видливото, проверливото и рационалното, во човечката генијалност, талентот, љубезноста и етиката.
Во согласност со сегашните научни сознанија, хуманистите веруваат во усовршување на единствениот живот и дека треба да се и ужива во него. Хуманистите имаат натуралистички поглед на светот; науката и истражувањата се ослободени од верата во Бога. Тие имаат тенденција да втурнат огромни човечки маси во изградбата на „похумано општество“. Хуманизмот има за цел да изврши своја реконструкција и да добие нова организирана форма „добротворност“, каритативност и агапе со лажната сличност со Христовиот лик. Во концептот додаваат и христијанско поимање на љубовта со цел тој да се манифестира и како специфична форма на филантропија што ќе биде институционализирана, на пример, со основање болници и добротворни установи и развој на „филантропска идеологија“. Идолите на коишто човекот му се клања попримаат лажен лик на доброто.
Хуманизмот застапува прогресивна животна филозофија, којашто, без натприродното, ќе ја потврди способноста и етичката одговорност на човекот кон поголемо добро на човештвото. Затоа тој е ангажиран во несебична работа за помагање на луѓето, работејќи сочувствително за нивната благосостојба, ублажувајќи им ја болката. Целта му е светот да поверува дека хуманистот е грижлив добротвор, кој исклучува неправедност и дека човекот нема потреба од богопознание, туку ќе се самооствари преку науката и таа ќе му донесе бесмртност. Несомнено хуманитаризмот ја исповеда љубовта кон човекот и се однесува кон него со грижа како единствено суштество, чие постоење не е од Бога. Хуманизмот делува на социјалната структура и ја отфрла духовната структура во човекот. Но, не треба да се верува оти социјалната структура автоматски создава нов човек. Човекот настојува да реализира праведна и рамноправна распределба, со цел да поверува во сопствениот капацитет за создавање натчовек. Оптимизмот е лажен и антиесхатолошки. Хуманизмот не верува сериозно во постоењето на друг свет. Есхатолошката перспектива му е туѓа. Верува во човечко царство, а есхатологијата го потсетува за крајот и несигурност на тоа царство. Човекот верува во бесконечноста на своето царство и мрази сѐ она што го потсетува на таквиот крај и затоа Го мрази Христос. Оттаму, секако, не произлегува дека не е потребно да не се менуваат социјалните структури, туку ненарушувајќи му го изборот на човекот, барем да му се укаже дека „секој кој верува во Христос … ќе има Живот вечен“[2].
Злото има цел човекот да стане богоотуѓен. Тоа е активно финансирано од филантропите и креиран со своја метафизичка суштина (добротворство) како бестелесно, коешто има силно тежнеење преку човекот да се воплоти во светот на природните ствари.
Филантропите тежнеат да крунисаат моќен лик. Да владееш значи да служиш, а не да командуваш. Христос немаше волја за моќ. Филозофот Ниче, исто така, верувал дека смислата на животот е да се подготви Земјата за појавата на натчовекот[3]. Оттука е трансхуманистичкиот поглед на постмодерниот човек, човекот на иднината, најконкретен човек, кој ја надминува исклучивоста, изолираноста, а ги уважува социјалните, професионалните и националните особености, кој од неисклучивоста создава идол. Најконкретниот натчовек го создава моралот на Кајафа, безличностен морал на дражавата и тој е „кнезот на овој свет“, кој хипнотезирачки ќе застане на чело на империите, кој во свеста на богоотуѓеното човештво ќе поттикне поробувачка зависност и кој војува против Христос со необјавена војна.
Неправедно е, исто така, да се каже оти хуманизмот секогаш е себичен и дека мисли само на профитот. Хуманитарецот воопшто не мора да биде себичен и егоистичен човек, може да има несебична љубов спрема буржоаскиот дух, можна е дури и несебична љубов спрема парите и профитот. Сепак, тој во себе репродуцира богатство, иако може да биде и аскет и воопшто да не размислува за животните задоволства и удопства, дека богатството и парите не значат среќа. Меѓутоа, за нас е најважно да поимаме дека хуманитарецот е роб и другите ги прави робови на пребогатењето. Употребата на хуманизмот е утилитаристичка, максимизирање на богатството со цел да се намали болката на сиромашните, притоа да им се вгради волја за добротворство, откако ќе се збогатат. Најстрашен е робот кој станал господар. На тој начин, хуманизмот го мултиплицира верувањето дека човекот поседува морална алатка за усовршување во доброто преку хуманитарните акции на добротворните фондации. Така, безличната сила поробува, под чија власт се наоѓаат и филантропите.
Драги наши духовни деца, витлеемци,
Главната заблуда во животот на човекот е желбата за задоволство и одбивноста кон страдањето. И човек сам, без водство, подложен на хуманистичката апатеистичка идеја ‒ дека прашањето за постоењето на Бог е ирелевантно, бидејќи човекот нема практични последици од Бога, човекот во себе го извршува најтрагичниот процес на декомпозиција на верата, оставајќи ја надежта единствено во рационалноста на сетилата. Истиснувајќи ја верата, човекот му се предава на овој водач ‒ кој бара максимизирање на задоволство, намалување на болката и го избегнува страдањето. Празен од верата во Бога, човекот се впушта кон усовршување на добротворството коешто е двокомпонентно, бидејќи секогаш го вградува интересот за репродукција на своето богатство кај посиромашните, кои поверувале во добротворството на хуманизмот и настојуваат на секој начин и тие да станат хуманитарци. Веруваат дека тоа е целта на животот. Помеѓу домостројот Божји и световниот поредок постои длабок конфликт и тука не постои заемно прилагодување, тука се можни само промените. Но, човекот никогаш не може да живее во уживање и не може да го избегне страдањето. Тоа не е целта на животот. Страдањето на Христос е спасително дело за човекот, проста, но неодолива евангелска вистина, којашто аналитичкиот разум на хуманистите не е во состојба до крај да проникне во внатрешната архитектоника на страдањето на Богочовекот Христос.
Христос, бесконечно човекољубив и длабоко жалостив, брзо ќе ни дојде на помош, ќе нè избави од канџите на нашите непријатели, какви и да се тие и од каде и да доаѓаат. Не се сомневајте во тоа, само верувајте! Зашто вистината на Севистинскиот е оваа: „Сè е можно за оној што верува“[4]. Ние кои поверувавме во спасителното Раѓање на Синот Божји во тело, ќе копнееме да бидеме негови возљубени угодници, со целата своја душа, цело свое срце, целиот свој ум, целото свое битие, целиот свој живот, целата своја вечност. Христољубивите чеда и понатаму ќе останат двокомпонентни во своите дела, бидејќи поимаат дека „верата без дела е мртва“[5]. Тие ќе бидат сиромашни добротвори со вера во Христос, кротки и незлобливи по природа, смирени по дух, помагачи на сираците, милостиви дарители на сиромашните, утешители на оние што плачат, помагачи на угнетените и добротвори. Христољубивите чеда нема да го користат лебот (пребогатењето) како средство за човековото поробување, а согласно зборовите „гледајте да не ја покажувате својата праведност пред луѓето, за да ве видат; инаку нема да имате награда од вашиот Отец небесен. И така, кога даваш милостина, не разгласувај, како што прават лицемерите по синагогите и по улиците, за да ги фалат луѓето.. А ти, кога даваш милостина, да не знае твојата лева рака што прави десната, за да биде твојата милостина тајна“[6].
ХРИСТОС СЕ РОДИ!
Честито и од Бога благословено новото 2026-то лето Господово!
[1] Ис 2, 3‒22.
[2] Јн 3, 16.
[3] Nietzsche, Also sprach Zarathustra. Ein Buch für Alle und Keinen, 1883-1885, Erster Teil. Zarathustras Vorrede.
[4] Мк 9, 23.
[5] Јк 2, 20.
[6] Мт 6, 1‒4.
