Божикно послание од Митрополитот Григориј

† ГРИГОРИЈ,
ПО МИЛОСТА БОЖЈА,
МИТРОПОЛИТ КУМАНОВСКО–ОСОГОВСКИ,
ПО ПОВОД РОЖДЕСТВОТО ХРИСТОВО,
ГО ИСПРАЌА МИРОТ И БЛАГОСЛОВОТ ОД БОГОМЛАДЕНЕЦОТ ПРЕКУ ПОРАКИТЕ НА БОЖИКНОТО ПОСЛАНИЕ,
ДО СЕЧЕСНОТО СВЕШТЕНСТВО, БОГОЉУБИВОТО МОНАШТВО И СИТЕ ХРИСТОЉУБИВИ
ПРАВОСЛАВНИ ЧЕДА НА КУМАНОВСКО–ОСОГОВСКАТА ЕПАРХИЈА

Бидејќи вие ја знаете милоста на нашиот Господ Исус Христос
дека Он, бидејќи богат, осиромаши поради вас,
та и вие да се збогатите преку Неговата сиромаштија. [1]

Возљубени чеда на Христа Богомладенецот,

Тајната на спасението во сè се совпаѓа со тајната на Воплотувањето. Сè што ја сочинува тајната на спасението се сведува на животот на Божјиот Син во тело. Бог во тело е Спасител. Не бог на некаква филозофска апстракција. Отелотворувајќи се, Бог не остана трансцендентен, туку непосредно иманентен, Бог на непосредна, земна историска реалност, Бог меѓу нас и со нас, Бог во човекот, Бог, Кој стана човек, Богочовек. Во овој свет, Христос веднаш се соочил со отфрлање и непријателство; наскоро, заради Неговото раѓање, биле погубени илјадници новороденчиња во Витлеем. Зарем Христовото раѓање им донело несреќа на тие деца?!

Бог пројавувајќи ја премудроста избра, едниот од Троица, Синот Божји, да се Воплоти, примајќи човечка природа, раѓајќи се во пештера, како смирен и кроток, избегнувајќи ја урбаноста којашто ја произведува трулежноста; и Он го прави тоа заради мирот, така што, од една страна, бидејќи сите луѓе умираа, ќе стави крај на законот за расипаност на луѓето, ќе стави крај на фактот дека Неговата власт е исполнета на телото Господово, така што распадливоста повеќе нема место меѓу луѓето; а од друга страна, за да се вратат луѓето, кои потонале во распадливоста на урбаното и модерното, назад во нераспадливост и да оживеат од смрт. Логосот, Воплотеното Слово Божјо, знаеше дека расипаноста во луѓето не може да се уништи поинаку, освен преку отфрлање на општообврзувачките форми на модерното, спротивно на патот од општата обврзна наука; природата е потчинета од човекот, кој сè повеќе се обидува да ја замени со вештачки предмети кои произлегуваат од технологијата. Напротив, патот до „пештерата на Богораѓањето“ се достигнува во длабочините на постоењето, како егзистенцијални средби со Бога, како излегување од објективизацијата на урбаното и цивилизацијата, од царството на безличноста, кон транссубјективното. Бог, Кој е прекрасниот Господар на небото и на Небесата, избра да живее на земјата како прост и сиромав и да постои во светот како бездомник, Кој нема каде да ја засолни главата. Богомладенецот Христос немаше волја за власт, бидејќи волјата за моќ е ропска волја за тиранизирање на други; и не беше роб на светот и немаше волја за поробувач на другите, оти Христос е најслободниот меѓу синовите човечки и не му попречи на Ирод и понатаму да остане херојот на империјализмот. И тука сѐ се менува. Личноста е слобода и независност во однос на општеството и државата; слободата и независноста на личноста 0д светот на објектите е токму нејзиното богочовештво.

Возљубени чеда во Господа,

Христовото раѓање го донесе Божјиот мир во светот; „ненасилен отпор“; дела коишто не го повредуваат граѓанскиот закон. Општо кажано, ги вклучува оние отстапувања во однесувањето коишто укажуваат на неприфаќање или противење на прокламираните или вообичаените норми на заедницата, без разлика на формата, содржината или последиците. Богомладенецот е апсолутниот миротворец; образец што оправдува дека не се одмаздува или не употребува дефанзивизам (не се брани себеси) или другите невини од агресија. Богомладенецот Христос формираше свој Образец на постоење којшто насочува кон неземни вредности како што е Царството Небесно; дури јасно ни укажа дека секој христијанин треба доброволно да прифаќа казнени мерки преземени од страна на државата, дека смртта е морално посупериорна во однос на насилниот отпор за одбрана на сопствениот концепт; одвраќањето на агресорот заради одбрана на себеси или заштита на другите од агресија – понуди апсолутна забрана за употреба на каков било вид насилство или војување [2], наспроти условното миротворство, коешто ја признава употребата на одбраната под одредени околности; којшто, пак, концепт содржи консеквенцијалистички и пресметки за корисност од себе–одбраната или одбраната на другиот. За условниот миротворец, должноста да се поддржува мирот и ненасилството може да се коси со должноста да се спасуваат или бранат животи од агресија – воена, политичка и законска. За Христос мирот е крајната цел, но употребата на средствата остануваат морално неприфатливи [3], бидејќи каков било дефанзивизам е развој на теорија којашто ги прифаќа одбранбените војувања како праведни, односно имплицирање оправдување на војната заради мир.

Бидејќи Христос се наоѓал во земна држава и кралство, што не е на небото, ниту, пак, на Небесата, туку на земјата, не во вечниот живот, туку среде оние што умираат и се распаѓаат од расипаноста на волјата, во окружување на власта на тиранинот, кој е дело на народните маси што чувствуваат страв од него, премудро знаел прагматично да ги усвои методите на ненасилно дејствување, како ефикасен начин за постигнување – не општествени или политички цели, туку целите на спасението на оние што ќе поверуваат во Него како во Небесен Цар и Бог. Спротивно на тие, кои настојуваат да ги реформираат законите, а кои, што друго би сакале, освен слава, со која, како да сакаат да живеат и после смртта во устите на оние, што ги фалат. Ненасилниот отпор често, но погрешно се зема како синоним за граѓанска непослушност. Напротив, Христос, како христијани, нѐ „ограничи“ со нереволуционерни намери кои се исклучуваат од граѓанска непослушност, а со цел маченички да се избориме за Неговиот Образец, маченички, а не како оние што применувајќи граѓанска непослушност – ќе „навлечат“ врз самите себеси нанесување болки и страдања, туку, зашто ги поднесувале болките и страдањата од тираните кои нив непровоцирано ќе им ги нанесат; и тоа мачениците го правеле со вистинска доблест, непровоцирачки, штитејќи го сопствениот концепт, Христовиот Образец, поднесувале неправда со вистинска побожност и тоа во неброено множество.

За христијанинот не постојат непријатели [4]. „Непријателот“ е објективизација на постоењето во коешто исчезнува човековиот лик. Затоа нема ништо почудовишно од благословувањето на војната од страна на христијанските цркви, од самата фраза „христољубиво војување“. Човекот е обврзан да биде војник, повикан е да војува, но во аскетската вежба за спасение, и тоа – кога аскезата нема да се трансформира во ропство, односно творејќи добри дела како преобразувачка „моќ“ на човекот во Христовиот Образец на смирението. Христос богомудро знаеше дека човекот го демне ропството на светот на материјата од сите страни, силата на која што не е само беспомошен да ja победи со војна, туку може да значи дека Неговата „сила“ ќе се употреби за победа со пониска состојба од војната; и тоа не ја намалува Неговата Божествена семоќност (παντοδυναμία). Бог како сеправеден законодавец и сеправеден судија, и бидејќи Е Љубов – не сака луѓето насилно да ги приведува кон добро, ниту да им ја уништува слободата. Иако Е единствен праведен и единствен семоќен, Он премудро знае дека „секогаш пропаѓа она, што не наидува на општо признание“ [5].

Возљубени,

Нема сомнение дека Бог можеше да го објави Законот од Небесата [6], но знаеше дека е корисно за луѓето да го восприемаат, слушајќи го зборот одблизу, за да можат посилно да веруваат. Дополнително, мудрата причина, зошто тоа е направено на овој начин, непосредно, Личносно, може да се види од следново, дека ако Бог со својата семоќност го кажеше зборот, и на тој начин проклетството беше решено, тогаш ќе се покажеше моќта на Наредбодателот, и човекот би станал каков што бил Адам пред престапот, добивајќи ја благодатта однадвор и не приспособувајќи ја на своето човечко тело и дух. Богочовекот Христос знаел дека не само детерминизмот, туку и идетерминизмот е некомпатибилен со слободната волја; и првиот и вториот концепт се неопходни за слободна волја на човекот, бидејќи изборот вклучува претпочитање за еден правец на дејствување во однос на друг. Богомладенецот го донесе мирот. Богочовекот Христос на апостолите им jа остави службата на помирувањето; апостолите и целата наследна јерархија Христова должни се да објават дека Законот Божји е предвечно донесен од Советот Божји и дека секој човек е предмет на тој Закон; од друга страна, пак, во едниот Бог постојат својства на љубовта, но и правосудните својства, како и начелото на неповредување на слободната волја на човекот. Бидејќи Божјата волја е хармонична во сите нејзини својства и дејства; во Него е невозможен судир, или противречност или немоќ, оттука Богочовекот не го повредува принципот на неотуѓивост на правото на избор, дека секој има право да ги изрази своите тврдења, дури и кога Он е отфрлен од луѓето.

Единствено Евангелието објави оти треба да се има љубов спрема непријателот, да се излезе од порочниот круг на омразата и одмаздата. А тоа значи пресврт во светот, радикално негирање на законите на природниот свет и општествениот поредок што царува во него. Помеѓу поредокот Божји и световниот поредок постои длабок конфликт и тука е невозможно взаемното прлагодување, тука се можни само промените. Христијаните се индетерминисти (слободни) во однос на општествено–политичкиот поредок и не се трудат да го изменуваат, а се детерминисти тврдејќи дека изборот вклучува претпочитање, персонално преобразување на оние што се детерминираат за еден правец на дејствување во однос на друг, на Христовиот во однос на општествено–политичкиот. Вистината што се открива во Егангелието не е апсолутна, туку конкретна и се наоѓа во царството на субјективноста, а не во царството на објективноста.

И светите апостоли делувале така; тие го проповедале името Христово не само на места кадешто се наидува на општо признание. Навистина проповедале и таму каде што тоа било крајно презирно – проповедале, но не присилно и не го менувале општествено–политичкиот поредок, туку се држеле до Словото Христово, сеќаваjќи се на она, што го беа слушнале од Добриот Учител: „Кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, и Јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец небесен“ [7]. Среде клетви и клевети, тие зборувале за божествените дела, среде најтешки прогони и најсвирепи казни, тие не можеле да бидат спречени да проповедаат за човечкото спасение и покрај огромниот бес од човечки навреди. Го проповедале својот концепт – Образецот на спасението, не воделе општествено–политичка војна, туку ги совладувале закоравените срца на луѓето и им го вдахнувале мирот на праведноста, што доведе до голема слава на Црквата Христова. Говореле за самата Божја слава, зашто нивниот Учител, ги беше научил – не да бидат добри заради човечката слава, велејќи им: „Пазете да не ја покажувате својата праведност пред луѓето, за да ве видат; инаку нема да имате награда од вашиот Отец небесен.“ [8].

Драги наши духовни деца,

Образецот ни е даден од смирената и кротка Личност на Господ Исус Христос. Со своето учење за Богочовечката љубов како средство за спасение, Господ Христос не бара од човекот ништо повеќе, отколку што Он самиот покажал и направил со својата љубов. Кој ја има Христовата љубов, со неа ја има и Божјата и човечката сила да ги извршува Христовите дела. И светлината на Божествената Љубов, која ги прегрнала Божјите чеда, нема да биде победена од сеопштото зло кое сега се создава во светот против сѐ што е свето.

Возљубени чеда на Македонската Православна Црква,

Ние нема да отпаднеме од даруваното ни синовство преку Раѓањето Христово и ќе се издигнеме како воини на Небесниот Цар, војувајќи за Православната Црква, за добрината, милосрдноста и љубовта. Бидете храбри, стојте во верата, бидете мажествени, тврди. Со нас е Бог! Нека милосрдноста на Спасителот не нѐ остави ни во овој живот, ни во идниот. Во името на тој и таков Бог, Кој е Љубов, и во името на таа и таквата Љубов во која се повикани сите луѓе и сите народи, ве поздравуваме вас – наши духовни чеда.

Со радоста од Раѓањето Христово да се просветат вашите срца!

ХРИСТОС СЕ РОДИ!

Честито и од Бога благословено новото 2025-то лето Господово


[1] 2 Кор 8, 9.

[2] Види: Мт 5, 39.

[3] Тогаш Исус му рече: „Врати го ножот на местото негово; зашто сите што се фаќаат за нож, од нож ќе загинат;“ (Мт 26, 52).

[4] Види: Мт 5, 44.

[5] Cicero, De Officiis II.44‑89.

[6] Мт 26, 53.

[7] Мт 10, 33.

[8] Мт 6, 1.

Извор: https://koe.mk/божикно-послание/