ЈОВАН
по милоста Божја, Митрополит крушевски и демирхисарски, до целата
полнота на нашата најсвета Митрополија крушевска и демирхисарска,
благодат, милост и мир, од Христа Спасителот наш Кој се роди во тело
„И ангелот им рече: Не плашете се, зашто еве ви јавувам голема радост која ќе биде за целиот народ. Зашто денес ви се роди Спасител, во градот Давидов, кој е Христос Господ.” (Лк. 2, 10-11)
Луѓето, чесни отци, браќа и сестри, за многу векови пред доаѓањето на Христос Бог како човек меѓу нас, се плашеле од замислени богови и им принесувале жртви за да ги смилостиват. Кога се раѓа Спасителот Кој е Христос Господ, ангелот му вели на човекот да не се плаши, зашто му јавува голема радост, која ќе биде за целиот народ.
Слегувањето на Синот Божји го менува стравот во радост. Тоа станува можно зашто Христос не дојде меѓу нас за да нѐ поседува и владее, туку да ни подари нешто што од искони ни недостига, а тоа е живот вечен и живот во изобилие.
Е како човек да не се радува на тоа? И кога решаваме еден мал проблем и пак сме радосни, а кога го решаваме најголемиот проблем што го имаме, проблемот на смртта, тогаш ли да бидеме индиферентни и да не се радуваме?
На доаѓањето Христово меѓу нас луѓето се радуваат и ангелите. Тие кои сѐ до Христовото воплотување ниту знаеле дека Христос Бог ќе се роди и како материјално битие. Но, ангелите не би биле ангели да не се радуваат на тоа што Бог го благословува иако „единствено е ново под сонцето”. На таква непоматена радост нѐ поттикнуваат и нас луѓето. Зашто денес ви се роди Спасител, ни велат, во градот Давидов, кој е Христос Господ.
Христос се роди, љубени во Господа, да ни донесе надеж во смислата на животот. Да ја осмисли бесмислата на смртноста. Да ни склопи Нов Завет со Бога и Отца.
Ете почетокот на тој Нов Завет го празнуваме, Бога Отца го славиме, за Неговата многумилостива одлука да го испрати Својот возљубен Син за „животот на светот” да го фалиме заедно со Духот Свети Кој исходи од Отца и во сѐ ја исполнува Неговата света волја.
Христос Господ денес се раѓа како што се раѓаме ние луѓето, за да постане како еден од нас, а Неговото пак, да постане наше. А што е најважното што ни го дава? Секако животот вечен. Нема ништо друго позначајно за Неговото доаѓање меѓу нас.
Затоа го славиме уште како дете, зашто Црквата во тоа дете препознава совршен Бог и совршен човек. Затоа и му пее: „Слава во висините на Бога, на земјата мир меѓу луѓето добра волја”. (Лк. 2,14) Исто како што му пеат и ангелите.
Ние православните и кога се радуваме пееме, но пееме и во тагата. Зашто по доаѓањето на Бога меѓу нас луѓето, знаеме дека тагата е обесилена, таа нема влез во вечноста. Се надеваме дека милоста на Бога кој се роди од жена, Пресвета Богородица ќе биде со нас, зашто без милоста Негова ние луѓето не познаваме начин како да бидеме слободни и како слободни битија да влеземе во вечноста.
ХРИСТОС СЕ РОДИ!
Ваш молитвеник во Богомладенецот
Митрополит крушевски и демирхисарски Јован
Издадено на Рождество Христово 2024 г. во Крушево
Извор: https://krushdem.org/2025/01/08/bozhikna-poraka-2024/