Ј О В А Н
по милоста Божја, Митрополит крушевски и демирхисарски, до целата полнота на нашата најсвета Митрополија крушевска и демирхисарска,
благодат, милост и мир, од Христа Спасителот наш Кој Воскресна од мртвите
Денес Ви се обраќаме браќа и сестри во Воскреснатиот, за најомилената тема за која проповедаме скоро низ целиот период на годината, а тоа е воскресението и животот вечен. Ние луѓето не сме само жедни за живот во овој свет во кого сме се родиле, туку понапредните меѓу нас, жедни се за вечен живот. Животот во овој свет е многу богат со детали кои можат да нѐ заинтригираат многу години, па дури и векови во вечноста што ја очекуваме по Воскресението Христово, но малку се за да му го задржат вниманието на човека во вечноста.
Ќе слушнеме, некои ќе речат: што би правеле во вечноста? Човекот навикнал земниот живот да му биде многу пократок, па се прашува што би правел во еден живот во кого деновите нема да му се избројани. Донекаде, прашањето е на место, за оној кој бега од обожување, односно живот во заедница со Бога, вечноста би му била мачеништво.
Сигурно во вечноста нема да се досадуваме во безработица, но сигурно и нема да го работиме она што би нѐ правело незаинтересирани, безволни и потиштени. Едноставно, уште сега во овој живот, преку воздржување почнуваме да се прилагодуваме на соживот, прво со Бога, а после и со Неговиот народ, кој е Црквата.
Затоа овие периоди на воздржување, каков што е периодот на Светата Четириесетница кого го поминавме, се периоди на вежба, колку вечноста ќе нѐ заинтересира за самата неа, но и колку ние би биле прилагодливи за живот во неа и со другите кои копнеат по неа.
Таа порака ни ја носи денешниов Велик ден, а ние достојно, тоа значи прочистени да го славиме тој Премин, таа Пасха од смрт во живот. Прославувајќи го Христовото Воскресение ние всушност се радуваме на нашето воскресение, кое ќе го добиеме на дар од Воскреснатиот Христос.
Тој би бил нај скапоцениот дар кој би го примиле, секако по скапоцен од дарот на живот во овој свет, зашто дарот на живот е врзан за животот на планетава земја, а нај скапоцениот дар, вечниот живот, врзан е со второто Христово доаѓање и Неговиот неподмитлив критериум на вреднување.
Ете таквиот критериум да ни биде водач низ животот, правилно да нѐ насочи кон целта на овоземниот живот, а Воскреснатиот Христос да ни даде поддршка по патот до средба со Него.
Христос воскресе!
Ваш молитвеник пред Воскреснатиот во тело
Митрополит крушевски и демирхисарски Јован
Издадено на Пасха 2024 г. во Крушево
Извор: https://krushdem.org/2024/05/05/pashalna-poraka-2024-g/