† ГРИГОРИЈ,
ПО МИЛОСТА БОЖЈА,
МИТРОПОЛИТ КУМАНОВСКО‒ОСОГОВСКИ,
ИСПРАЌА ПАСХАЛНО ПОСЛАНИЕ
ДО СЕЧЕСНОТО СВЕШТЕНСТВО, БОГОЉУБИВОТО МОНАШТВО И СИТЕ ХРИСТОЉУБИВИ ПРАВОСЛАВНИ ЧЕДА НА КУМАНОВСКО‒ОСОГОВСКАТА ЕПАРХИЈА, ПОЗДРАВУВАЈЌИ ГИ СО БЕЗГРАНИЧНО ВООДУШЕВУВАЧКИОТ ПОЗДРАВ
ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!
„Оној што за престол го има небото, a за подножје земјата, совечното Слово и Син на Бога Отецот, се понижи да седне на бесловесно осле…“ [1]
Христољубиви чеда,
Во текот на целата своја историја, Земјата била место на корупција. Нациите се составени од грешни луѓе со кои владеат грешни луѓе. Правдата е изопачена; „боговите на овој век им ги заслепи умовите на оние што не веруваат“[2]. Светот е исполнет со слепи водачи. Во светот ескалираат насилните злосторства: неправди, убиства, присилувања.
Човештвото се соочува со растечки екстремизам, агресивизам и милитаризам и секој човек и држава се фатени во „хобсовата стапица“. Таа теорија објаснува, зошто се случуваат превентивни удари меѓу две групи; поради билатерален страв од неизбежен напад. Без надворешни влијанија, оваа ситуација ќе доведе до спирала на страв (маѓепсан круг), каде што стравот ќе доведе до трка во вооружување, што, пак, ќе доведе до зголемен страв; „ќе слушате за војни.. гледајте да не се уплашите“[3].
Иако соработката би била подобар исход за двете страни, меѓусебната недоверба води до усвојување стратегии, коишто имаат негативни исходи и за поединецот и за сите луѓе заедно.
Се мислеше дека кога воениот тип општество ќе биде заменет со индустрискиот, веќе нема да создава војни. Меѓутоа, капитализмот создаде нов тип империалистички војни, уште поужасен од претходните. Современата држава практикува груба сила и демонска волја за моќ, што ја разорува духовноста. Од овој порочен круг, светот нема излезено.
Војувањето е такво, што тешко може да има победник. Сите ќе бидат уништени. Во рацете на властите обземени од волјата за моќ се наоѓа страшно оружје, неспоредливо со поранешното, што сега изгледа како детска играчка. Политичката поделба на светот е блоковска, на спротиставени банди. Бандата разбојници секогаш прави остра разлика помеѓу својот круг и оние што се надвор од него: спрема туѓите е гневот.
Војната е премногу валкана појава, зло што раѓа трагедии. Неточно е кога се зборува за праведни и неправедни војни. Поимот „света“ или одбранбена војна е богохулен. Државите не се реално „свети“ и не можат да бидат „свети“ и војните.
Судбината на човештвото во целина зависи од духовното преображение. Христос веќе ја донесе правдата во Своето духовно царство преку Крстот. Еден ден таа правда ќе биде донесена на целата земја [4]. Христос дава способни луѓе за жртва. Христовата светлина ни покажува каков е вистинскиот проблем. Тоа не е некој или нешто друго; гревот е во нас. Не можеме сами да ги скршиме синџирите. Ова е мисијата за која дојде Христос. Он дојде да ни ги скрши синџирите и да нѐ ослободи. Образецот Негов на човеештвото му овозможува да се погледне себеси и светот од вистинската перспектива.
Сите велат дека сакаат мир. Сите се согласни дека целта е мирот. Меѓутоа, ние не се согласуваме со средствата за постигнување на таа цел. Современите војни создаваат космичка катастрофа. Средствата на војувањето се спротивни на Евангелието. Тие нѐ потсетуваат на двобој. Владетелите достигнаа целосна деперсонализација, тие луѓето ги сметаат за робови, или за обичен материјал.
Браќа и сестри совоскреснати со Христа,
Во секој човек царуваат две сили: на светлината и на мракот, на вистината и на лагата, на слободата и на ропството. Дали да се справиме со тешките ситуации преку самоодбрана или одбрана на некој друг? Дали верноста кон Христос и Неговата Црква значи дека не можеме да се бориме за доброто на нашите ближни? Дали за Законот Христов е неприфатливо да се користи несмртоносна сила за да се неутрализира агресијата? Општото уверување беше дека кога нашиот или туѓ живот е загрозен, одбранбеното насилство е дозволено.
Должноста на нас православните е миротворството. Како миротворци и на најлутите противници, на агресорите и мачителите, да им велиме ‒ ќе се усогласиме со способноста да нанесувате страдање, со нашата способност да издржиме страдање. Ќе ја издржиме нивната физичка сила, со нашата сила на душата. Што и да ни направат насилниците, ќе продолжиме да ги љубиме.
Должност на миротворецот е никогаш да не агресира, да не употребува сила, да не поддржува и да не се вклучува во војна против друг. За остварување на оваа Заповед од Христа, првиот проблем за миротверецот е потенцијалниот судир на должностите ‒ дали да употреби сила за да се запре агресорот, кој го загрозува животот на самиот миротворец или животот на невиниот. Во врска со сопствениот живот, должноста е дека нема право на самоодбрана и мора да го „заврти и другиот образ“[5]. Исто така, должноста да се почитуваат другите, ја надминува должноста да се почитуваат себеси. Спротивно, тие кои признаваат право да се бранат себеси од закана (нужна одбрана), признаваат употреба на ограничувачка или оневозможувачка сила, па дури и, ако заканата е смртоносна, „правото“ во нужна самоодбрана да се убие напаѓачот.
За миротворците туѓите права на живот се од повисока должност, отколку должноста да се интервенира за да се заштити себеси. Миротворецот дозволува агресорот врз неговиот живот да изврши агресија од моралност, како пример за мачеништво. Проблемот се интензивира кога е загрозен животот на друг, на кого тој е во позиција да му помогне и кој, како живото-загрозен субјект, го претпочита животот пред смртта.
Навидум, ни се појавува дилемата, миротворецот, кој нема должност да интервенира во заштита на туѓите ствари, дека чекори по несигурен морален пат; второ, дали миротворецот постојано може да го игнорира насилството врз другите? Да, од две можни перспективи. Првата е дека идеалот за исполнување на Заповедта од Христос, односно императивот за миротворството, ја задржува надмоќта над сите други идеали и не треба да биде компромитирана. Втората е дека исполнувањето на миротворството е супериорно дело во однос на животот на загрозениот невин.
Возљубени чеда на Македонската Православна Црква,
Христијаните треба да се издигнуваат кон совршена љубов, којашто е копнеж за состојба на душата невознемирувана од страсти.
Непоколебливо сме убедени дека и нападот и одбранбеноста се крајно некомпатибилни со едноставниот пропис на Божественото Законодавство на нашиот Господ Христос, и со духот на Евангелието; и дека ниту една неопходност во општествено‒политичкиот живот, колку и да е итна или нужна потреба, не може да ги ослободи поединците или нациите од најголемата верност што му ја должат на Оној, Кој рекол: „Сите што се фаќаат за нож, од нож ќе загинат“[6]. Затоа, не можеме да учествуваме во војна[7], во агресивни или воени дејства или задолжителна обука за одбрана, во дејства против друг човек или одбрана од друг човек, на доверител против должник, на политичка опција против друга политичка опција. И нападот и одбраната ја зголемуваат омразата. Враќањето на насилството со насилство, го умножува насилството, додавајќи подлабока парализа на совеста.
Човекот не би можел да воспостави рамнотежа помеѓу нападот и одбраната. Не се впуштајте во напад или одбрана! Нападот и одбраната не можат да се разликуваат, бидејќи оружјето за напад и за одбрана се исти [8]. Помеѓу Заповедите Божји и световниот поредок постои длабок конфликт и тука е невозможно заемното прилагодување.
Треба да се престане „своето“ да се смета за несомнено добро, а „туѓото“ за несомнено лошо. Единствено Евангелието објави оти треба да се има љубов спрема непријателот, да се излезе од маѓепсаниот круг на омразата и одмаздата.
Секој што зазема страна, влегува во билатерална стапица на стравот, којшто предизвикува превентивни удари и отпочнува трка на вооружување.
Одржувајте го единствено копнежот за онтолошка безбедност, а којашто се стекнува преку исполнувањето на прописот на Законодавецот Христос ‒ „љубете ги своите непријатели“[9].
Возљубени во Христа,
Служете Му на Господ Христос со сета понизност на умот! На слободниот човек прототипски модел му е сиромаштвото, оти Христос е образот на смирението, Кој „се понижи и зеде образ на слуга“[10]. Основниот идентитет на Христос е слуга [11]. Желбата за титули заменете ги со копнежот за служење. Да служиме како Христос. Повикани сме да служиме. Да го земеме образецот на Христос, Кого Го следиме, и да станеме слуги како Него. Христос е вистински слуга и водач во секоја смисла. Слугата е кроток. Слугата ги става туѓите потреби над своите. Слугата презема иницијатива да го направи она што треба да се направи, наместо да чека другите да го направат тоа. Слугата се спушта себеси за да ги преземе задачите што другите не сакаат да ги прават. Послужете му на вашиот сопружник. Послужете им на вашите деца. Послужете ги вашите соученици. Служете ги вашите соседи. Служете ѝ на Црквата. Служењето создава лидерство, а владеењето ропство и тиранија.
Господи, „облечи нѐ во оружјето на светлината“[12], Ти, Кој со орудието на смирение, на Крстот си ги победил властите на темнината и беззакониците!
ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!
Велигден, 2025.
[1] Вечерна на Цветна сабота, стихира на, Господи, повикав, глас 6‒ти.
[2] 2 Кор 4, 4.
[3] Мт 24, 6.
[4] Мт 24, 39.
[5] Лк 6, 29.
[6] Мт 26, 52.
[7] сп. Рим 12, 19.
[8] Христос одбива да ја крене раката во своја одбрана, ги укорува учениците кои се обидуваат да Го одбранат со меч и го отфрла повикувањето на „ангелски легии“ да водат „света“ војна против Неговите „непријатели“ (Мт 26, 53).
[9] Мт 5, 44.
[10] Од Василиевата литургија.
[11] „Јас не ја барам Својата слава“ (Јн 8, 50).
[12] Од Литургијата на „Претходно осветените дарови“.