Послание за Велигден 2026 од Митрополитот Американско-канадски Методиј

†МЕТОДИЈ
ПО МИЛОСТА БОЖЈА МИТРОПОЛИТ НА
АМЕРИКАНСКО-КАНАДСКАТА МАКЕДОНСКА ПРАВОСЛАВНА
ЕПАРХИЈА,
ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ, ДУХОВНИТЕ ЧЕДА, БРАЌА И
СЕСТРИ ВО
ХРИСТА, ЧЛЕНОВИ НА НАШАТА СВЕТА ЕПАРХИЈА,
ВИ ИСПРАЌАМ МИР И РАДОСТ ОД БОГА
ПОЗДРАВУВАЈЌИ ВЕ СО НАЈРАДОСНИОТ ХРИСТИЈАНСКИ
ПОЗДРАВ
ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!!!

Возљубени мои духовни чеда,

Денес Црквата ја објавува најрадосната и најтриумфалната вест во целата човечка историја: Христос воскресна од мртвите! Оваа објава е многу повеќе од религиозен традиционален поздрав – таа е срцето на нашата вера и темелот на нашата надеж. Сè што Црквата верува, сè што Евангелието проповеда и сè што празнуваме го наоѓа своето значење во овој настан: Воскресението на нашиот Господ Исус Христос. A тоа е затоа што Воскресението е откровение на Божјата победа над најголемата трагедија на човештвото – гревот и смртта. Човекот, уште од самиот почеток беше создаден за живот со Бога. Ние не сме создадени за распадливост, страдање и смрт. Создадени сме за заедница со Бога, за живот исполнет со Неговото присуство, Неговата светлина и Неговата љубов. Човекот беше повикан да живее во вистинска слобода, да го одразува Божјиот образ и постепено да расте во Неговото подобие. Но за жал се случи гревот, и преку гревот човештвото падна во ропство. Зашто гревот никогаш не бил само прекршување на некакви правила. Тој е прекин на односот помеѓу човекот и Бога. Гревот ја рани човечката природа, ги изобличи нашите желби, ја ослабе нашата волја и го помрачи нашиот ум. Поради гревот човекот стана подложен на распадливост, а таму каде што има распадливост, неизбежно доаѓа и смртта.

Чеда мои во Христа Спасителот,

Смртта влезе во светот не само како биолошки настан, туку како духовна трагедија — како разделба од Изворот на животот. И таа разделба ја покажа нашата слабост: човекот не можеше самиот да се спаси и со свои сили да се врати при Животот. Ниту филозофијата, ниту моралното учење, ниту законот, ниту човечките напори можеа да ја излекуваат длабоката рана на гревот или да ја победат силата на смртта. На човештвото не му беше потребна само мудра поука, туку реално спасение. И во тој недостаток, се објави премудрата промисла на Вечниот Бог. Тоа што не можат синовите човечки, го може Синот Божји. Од Својата бескрајна љубов кон човекот, вечниот Син Божји влезе во светот од Него создаден, и ја прими нашата човечка природа. Оној преку Кого сè е создадено стана еден од нас. Тој не дојде како далечен судија или како филозоф со мудри совети. Дојде како лекар на нашите души, како Оној Кој е способен да го исцели човекот. Како што вели Св. Григориј Велики, „Тој стана човек за ние да се обожиме. Тој се понизи за ние да се возвишиме. Тој осиромаши за ние да се збогатиме.“ (Беседа 45, За Пасха). Во таа Негова голема милост ја гледаме тајната на спасението. Тоа не е само техничко простување на гревовите, туку преобразување на човекот, враќање во заедница со Бога и учество во Неговиот живот. Христос во целост се поистовети со човечката состојба. Тој, како и секој човек, почувствува глад, замор, тага, отфрлање, страдање и на крајот искуси смрт. Но во сето тоа, Христос остана без грев (Eвреите 4:15). Во Него го гледаме вистинскиот човек, онаков каков што Бог го замислил, слободен и полн со живот.

Возљубени во Христа Распнатиот,

Крстот е објава на суштината на Христовата мисија. На Крстот Христос се принесе Себеси како совршена жртва на љубов и послушност кон Отецот. Она што човештвото не можеше да го принесе, Богочовекот го принесе за нас. Тој доброволно го прифати страдањето и смртта, не затоа што беше виновен, туку затоа што од љубов застана заедно со човекот. И во тоа се покажа бескрајната милост божја. Бог не го остави човештвото во неговата падната состојба. Наместо тоа, Тој влезе во самите длабочини на човечкото страдање за да го преобрази одвнатре. Го зеде врз Себе товарот на гревот и смртта за човекот повторно да може да се обнови. Христос за нас беше распнат на крст и положен во гроб. Но на третиот се случи нешто незамисливо. Кога сите мислеа дека Синот Божји е поразен, кога злите сили задоволно триеја раце, Христос воскресна од мртвите. Ја победи смртта. Смртта Го „проголта“ Христа, но не можеше да Го задржи (Дела 2:24). Кога Христос слезе во адот, Тој не се сретна со сила еднаква на Себеси (Кол. 2:15). Напротив, смртта се соочи со Оној Кој е Самиот Живот. Како што не учи Св. Атанасиј Александриски, „Со Својата смрт Христос ја уништи смртта, како што огнот ја уништува сламата. Затоа што смртта, кога се соочи со Животот, беше уништена.“ (За воплотувањето на Словото, 27). Таму, во самите длабочини на адот, Христос ги скрши портите што го држеа човекот заробен. Силата што го држеше човештвото во ропство беше скршена од Оној Кој доброволно влезе во неа. И со тоа, Крстот се покажа не како трагичен крај на Еден Живот, туку како светол почеток на животот на мнозина.

Драги мои духовни чеда,

Со Воскресението на Христа започнува ново создание (2 Кор. 5:17). Стариот човек, заробен од гревот и осуден на смрт, се заменува со нов човек обновен во Христа. Она што беше скршено се исцелува. Она што беше изгубено се враќа. Она што беше распадливо се обновува. Гревот повеќе нема апсолутна власт над човекот. Смртта веќе го нема последниот збор. Стравот повеќе не го определува нашиот живот. Христос нè ослободи. Затоа, Воскресението е објава на вистинската слобода. Човекот беше заробен од гревот, управуван од страстите и живееше во страв од смртта. Но Христос ги скрши тие окови. Како што ни вели Св. Апостол Павле: „За слобода Христос нè ослободи.“ (Гал. 5:1) Оваа слобода, се разбира, не е слобода да правиме што сакаме. Таквата слобода често води кон уште поголемо ропство. Вистинската слобода е обновување на нашата способност да живееме според Божјиот образ во нас. Вистинската слобода е слобода да љубиме, слобода да простуваме, слобода да живееме во заедница со Бога. Тоа е реално и можно зашто Христос ја отвори вратата кон овој нов живот. Воскресението не е само настан што се случил пред две илјади години. Тоа е реалност во која сме повикани да учествуваме. Преку молитвата и светотаинскиот живот во Црквата, а посебно преку Светата Евхаристија, ние влегуваме и учестуваме во животот на Воскреснатиот Христос. Во Неговата победа. Во Неговата слобода.

Мили мои во Христа Воскреснатиот,

Секогаш кога се одвраќаме од гревот, силата на Воскресението дејствува во нас. Секогаш кога му простуваме на некој што нè повредил, победата Христова станува видлива. Секогаш кога избираме смирение наместо гордост, љубов наместо омраза, надеж наместо очај – новиот живот на Воскресението се очитува во нас. Да, Христос ги скрши оковите, но ние мораме да одлучиме да не ги ставиме повторно врз себе. Затоа денес Воскресението не е само вест што ја слушаме, туку прилика за нов преобразен живот. Имаме прилика да не живееме повеќе како луѓе на стравот. Да не живееме повеќе како луѓе на гревот. Да не живееме како смртта да има последен збор. Туку да живееме како луѓе што знаат дека Христос победи. Имаме нов, возвишен повик. Како луѓе на Воскресението, со вера, со храброст, покајание и радост. Како оние кои гледаат надеж дури и во страдањето. Кои простуваат и кога е тешко. Кои се борат против гревот не од страв, туку од љубов – затоа што веќе сме ослободени. Воскресението нè повикува да излеземе од темнината на стариот живот и да влеземе во светлината на новиот. Денес Црквата стои пред светот и ја објавува вистината што ниедна темнина не може да ја замолчи и ниедна сила не може да ја уништи: Христос воскресе! Смртта е победена. Гревот е скршен. Портите на адот се разрушени. Животот победи. Затоа да го примиме овој голем дар со благодарност и со нова одлука да живееме според слободата што Христос ни ја дарува. Да ја носиме светлината на Воскресението во нашите домови, во нашите семејства и во светот околу нас. И заедно со целата Црква, со ангелите, со светителите и со целото создание, да ја објавиме победата што менува сè:

Христос воскресна!

Навистина воскресна!

МИТРОПОЛИТ
НА АМЕРИКАНСКО-КАНАДСКАТА
МАКЕДОНСКА ПРАВОСЛАВНА ЕПАРХИЈА
† МЕТОДИЈ