Велигденско послание на Митрополитот Агатангел

†АГАТАНГЕЛ

По милоста Божја Митрополит Повардарски,
до свештенослужителите, монаштвото и верните чеда на
Македонската православна црква, односно Повардарската епархија,
а по повод Воскресението Христово – Велигден,
испраќа мир и благослов од Бога,

Драги браќа и сестри!

Воскресението на нашиот Спасител е јасна потврда и верно сведоштво дека Господ Бог бескрајно го љуби човекот, дека Он, со Својата семоќна рака, е наша сигурна поткрепа и закрила во сите дни до свршетокот на светот. Споменот на ова неповторливо и благородно дело, како скапоцен украс се чува во внатрешноста на секоја христијанска душа. Неговите сјајни и божествени нитки јa проникнуваат целата наша цивилизација, тие му овозможуваат на човештвото да ја исткае историјата во фина и света покривка и ткаенина. Сеќавањето на Воскреснатиот Христос е темелот врз кој почива и самата Света литургија, односно секое наше молитвословие, чинодејствие и богослужба. Воскресението е основа и на секоја наша радост, од неговиот цврст материјал е изградено секое наше празнување. Тогаш, во тоа благословено време, кое е претвкус на блаженото и незалезно Небесно Царство, целосно и вистински ни се дарува Синот Божји, Кој по Неговото човекољубиво снисходење засекогаш е соединет со нас и со нашата слаба и несовршена природа. На секој празник, при секоја наша молитвена радост, при секое наше отворање на срцето, Он, повторно и повторно, ни се покажува во Својата воскресенска слава. Побрза Господ да се насели во нашето внатрешно битие, па, иако сме грешни и недостојни, со Себе и во Себе нè преобразува. Тогаш Он, со Својата крепост и милосрдие благоизволува да нè восинови, да нè води и поддржува во секој благочестив порив и подвиг, а круна и награда на сè ќе биде нашето лично воскресение.

Заради Христовиот благослов и застапништво, заради Неговото ветување и воскресение, секој од нас трајно ќе биде населен во вечните Небесни живеалишта. Затоа ние христијаните, како искрени следбеници на Христовата светлина, сме верни рожби и на Неговото воскресение. Сиот наш живот, сета наша мисла и делување е во делокругот на Христовата спасоносна рамка. Во подножјето на Воскреснието Христово е првиот чекор на секоја наша надеж, во Неговите пазуви е построена сета наша утеха, во Христовите длабочини неизвалкано се чуваат сите наши претстави и погледи на стварноста.

Христос воскресна, драги браќа и сестри, и ги скина сите ланци на ропството, Христос стана од гробот и нè избави од канџите на смртта, Христос пострада на крстот, но преку ваквото Негово смирение го поплочи и олесни нашиот иден пат кон слободата. Христос ја победи смртта и ни овозможи блаженство и живот, кој целосно ќе се оствари, осмисли и опредмети во вечноста, во Царството на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Возљубени мои духовни чеда!

Воскресението Господово има сечовечка сила и значење, бидејќи Христос е родоначелник на новото човештво. Она што е поврзано со Неговата човечка природа, истовремено го засега и целокупниот човечки род. Христос воскреснува, за да го воскресне сето Негово поколение. Христос станува од гробот, за да овозможи воскресение на секој што ќе се соедини и причести со Него. Он најпрво ја разорува силата на смртта, а потоа следејќи го верно во сè, по Него неминовно ќе тргне и сето создание, кое од почетокот престојува во Неговото огромно милосрдие.

Воскреснувајќи од мртвите, како несомнена првина и почеток на ова величествено дело, Господ Исус Христос направи воскресението да биде можно и за слабиот и несовршен човек. Заради семоќното дејство на Исусовото воскресение, човечката слабост го испива лекот кој нуди исцеление и избавување од понорот и погубноста. Иако природната смрт сè уште како појава постои во овој свет, сепак Христос со Своето славно воскресение го искорна нејзиниот остар бодеж, целосно ѝ го разруши нејзиното осило. Смртта е конечно поразена, таа престана да биде за нас ужас, проклетство и страв. Преку благодатта Христова, таа сега е мост и премин кон вечноста. За секој верник кој се надева на Господа, таа е само привремен и минлив сон по кој ќе следува прекрасно будење, ќе следува најсветол ден во кој ќе нама залез, ниту конечност.

Според тоа, смртта е трајно обезвластена! После Воскресението Христовото, во вечни векови се зацарува животот! Ова е главната придобивка, која ние ја добивме од Воскресението Христово. Заради Христа и Неговата снисходлива љубов, сите наши овоземни духовни напори и воздишки добиваат смисла и вреднување. Добрите дела повеќе не умираат заедно со човекот. Напротив! Тие стануваат залог за нашето идно воскресение. Преку нивниот нематеријален квалитет ќе биде изграден нашиот дом небесен, во кој ќе се всели преслаткиот мир Божји, што изобилно ќе биде излеан во вечноста за секого што се уподобил на Бога.

Возљубени мои Македонци и Македонки!

Со голема болка и тага во срцето, сведочиме како дел од денешниот свет не чекори по патот на воскресението и безглаво се нурка во црната кал на смртта и безнадежноста. Живееме во време кога злото се прогласува за добро, а неправдата за мудрост и снаодливост. Ова неминовно се случува кога некој станува туѓинец на мирот и благодатта Божја. Кога ќе се искриви претставата за моралноста, неизбежно се свива и претставата за стварноста. Ова, и тоа како влијае на нашиот однос и кон оној што ни е близок роднина и пријател, но и кон оној што директно не го познаваме. Кога човек ќе потоне во егоизам и себичност, за него престанува да постои другиот и различниот. За него секој станува далечен и неважен, за него е прифатливо и дозволиво другиот да се омаловажува, да се поробува, па дури и да се убива. Војната е врв на нељубовта и омразата. Уништувањето и поделбите се карактеристика на нечестивиот и на неговите слуги. Затоа, не смееме да бидеме пасивни и незаинтересирани набљудувачи на реалноста. Секој од нас е еднакво одговорен и за својата душа, но и за светот кој како дар од Бога ни е даден за управување. Затоа, најпрво ќе мораме да почнеме од себеси, од своето срце, од своите мисли, од делата на нашите раце и постапки. Освојувањето на острите врвови во нашите души, ќе стане видливо сведоштво и поука и за нашиот ближен. Откако себеси ќе се доведеме во правилен ред и поредок, ќе можеме да влијаеме и на својата непосредна околина. За преуспевање и напредок на нашата татковина Македонија не постојат други и поразлични патеки. Ќе мора како македонски народ Божји да го запалиме огнот во храмот на нашите срца. Тогаш во врзол од свеќи ќе можеме надалеку да ја пренесеме незгасливата светлина и топлина на Воскресението Христово, која денес изобилно се излева, која сјае, гори и недогорува.

Престојувајќи во радост и смирено во воскресната слава, со нејзината делотворна сила да ги осветлиме и украсиме нашите градови и села. Само на тој начин ќе имаме плодни ниви и благородни житни полиња, само така ќе имаме богати домови и среќни семејства. Македонија и македонскиот народ отсекогаш Му биле верен сотрудник на Бога. Од Апостол Павле, па наваму, е склопен овој сечесен и сенароден завет. Тој нека се потврди и запечати и на овој Велигден, нека остане и понатаму неизвалкан и нека се пренесе во наследство на богољубивиот македонски православен род.

Драги браќа и сестри!

Потребно е да ги учиме и утврдиме нашите деца во секоја правда и вистина. Со помош на воскресенската благодат, татковината да ја претвориме во голема работилница на секоја добрина. Македонија нека стане лулка на животот, ништо нека не биде испречено помеѓу нас и љубовта Христова. Ќе воскресне и оваа земја, ќе дојде денот кога ќе биде победена и згазена секоја неправда која ни ја нанесоа силните од овој свет. Тоа нека не биде причина, ниту пречка, на денешниов величествен ден да станеме и ние великани во доблеста. Учеството во овој празник нека биде исполнето со Христовата божествена светлина. Достоинствени сме биле и во маките и страдањата, достоинствени да бидеме и во радоста. Љубете се меѓу себе, по тоа ќе познаат дека сте Мои ученици – вели Господ Исус Христос. Он на дело, непосредно со Својот живот, ни покажа какви луѓе треба да бидеме. Да се угледаме на Неговите зборови, да ги усвоиме и примениме Неговите поуки, и така духовно прочистени, со смирена молитва на усните, и со искрена надеж во светлата иднина меѓусебно да си го честитаме празникот на Неговото Воскресение. Велигден нека стане составен дел од сите дни во нашите животи, нека се преточи неговата благодат во нашето секојдневие, а радоста од овој празник никогаш нека не ги напушта нашите срца!

Христос Воскресе – Навистина Воскресе!

На Велигден во Велес, 2026-то Лето Господово

Извор: http://www.povardarska-eparhija.org.mk/pe/index.php?option=com_content&task=view&id=3259&Itemid=104