Архиепископот Дамјан Синајски зборува за затворањето на манастирот „Св. Екатерина“
Архиепископот на Синај, Фаран и Раито, и игумен на манастирот „Св. Екатерина“ на Синајската гора, во интервју за американскиот весник на грчки јазик „Етникос кирикас“ зборуваше за настаните поврзани со манастирот, кој се наоѓа на работ на „иселување“ поради судска одлука на Египет која него и Синајското братство ги смета за „узурпатори“, игнорирајќи 15 века постоење на манастирот. Денес, во манастирот живеат околу 18 до 20 монаси.
Во продолжение го пренесуваме овој разговор во целост.
Архиепископ Дамјан Синајски
Архиепископот Дамјан се наоѓа овие денови во Каиро, од каде телефонски ја даде оваа изјава доцна вечерта на 29 мај, четврток. Планира да се врати во Атина за 7 до 10 дена. Тој рече: „Повеќе од десет години постојано сме по судови бидејќи ни ја негираат сопственоста на оваа сува земја, која ја сметавме за наша и ни е оставена од светите луѓе кои живееле тука. Од една страна, тоа се свети места што ги посетуваат поклоници и од кои египетската држава има корист, но не сакаат да ги признаат како наша сопственост.“
Тој додаде: „Нè уверуваат, конкретно од Археолошката служба, дека може да ги користиме, но не се наши. А токму ние, со сопствен труд и средства, чуваме од шестиот век до денес една неверојатна духовна и културна скапоценост. А сега ни велат дека немаме никакво право на управување.“
Високопреосвештениот нагласи: „Силно протестираме, но сите наши протести се залудни, бидејќи посилниот вели: ’Така сакам – така ќе биде’.“
Тој подвлече: „Ова е голем удар за нас – и срам. Сакаме, како и со векови наназад, да можеме да управуваме со тоа што сме го зачувале, често и со сопствени финансии. А сега Археолошката служба вели: ’Ќе правите како што ние сакаме’.“
Архиепископот Дамјан рече: „Имам 91 година, а во манастирот сум од својата 27 година. Можете да замислите каква болка чувствувам. Кога го прашавме што ќе се случи по судската одлука за ‘иселување’, тој рече: „Тоа е искривување на правдата.“
Објасни: „Уште во 1980 година владата кажа дека во подрачја без катастар, сопствениците треба да поднесат пријава. Ние први пријавивме сè – градини, цркви, вкупно 71 досие. Ни издадоа потврда за прием. Очекувавме комисија која ќе го признае нашето право. Наместо тоа, по 20 години, државата дојде и рече: ‘Тоа е многу, не ви припаѓа’. А ние сме тука од шестиот век!“
Тој подвлече дека: „Тогаш започнаа немирите со радикални муслимани, и почнаа да нè гледаат како освојувачи, како да сме купиле земја неодамна, како некои што неодамна стекнале имоти по незаконски пат.“
Архиепископот Дамјан додаде и: „Властите велат дека вршиме узурпација и нè тужат, дури и бараат пари за тоа. Во моментов, нема ниту еден адвокат во Египет што знае грчки или е Грк – да нè брани.“
На прашањето што ќе преземат понатаму, тој одговори: „Во оваа ситуација, почнавме да покажуваме дека сме вознемирени и рековме: или ќе ни дадете решение, или ќе го затвориме манастирот. Но, тоа никогаш не го направивме – не сакавме да предизвикаме вознемиреност, ниту да го попречиме меѓународниот туризам, ниту да ги оштетиме Египќаните. Постигнавме договор со Египќаните, со локалната власт на Јужен Синај и со грчката држава. Дојдоа експерти од Грција и се договоривме манастирот да се движи послободно, да му се признае некакво право на сопственост, бидејќи не можеш да живееш само со духот – потребна е и материја. Ако немаме земја, како ќе живееме? Само со донации и со раце испружени за помош?“
Тој додаде: „Иако договорот беше готов, ни го изменија и ни го прикажаа сосема различно. Дури и кога големиот г. Сиси сакаше веднаш да се потпише, на крајот не му дадоа значење, повикувајќи се на банални изговори. Иако Претседателот на Египет и Премиерот на Грција направија договор, друг од Египет ми зборуваше нешто сосема различно. Конкретно, побарав да го видам г. Сиси, но ме упатија до египетскиот министер за надворешни работи во Атина, кој ми кажа сосема други работи.“
Во четвртокот, имал состанок со негов претставник и грчкиот министер за надворешни работи, Георгиос Герапетритис.
На прашањето каде се наоѓа сега случајот, рече: „Египќаните се обидуваат да го потиснат проблемот, велат дека го сакаат манастирот, но всушност го задушуваат.“
И подвлече: „Тие не сакаа ова да се обелодени, но самите го изнесоа – и ние се браниме. Ова е голема, меѓународна работа.“
На прашањето дали некои патријарси или архиереи контактирале со него, тој одговори: „Да, многумина.“
И заврши со зборовите: „Од срце му благодарам на ’Етникос Кирикас’ затоа што секогаш нè поддржувате и се грижите за нашиот манастир.“