Духот на вистината не ја остава Црквата без утеха

Го пренесуваме интервјуто коешто о. Серафим го даде за јунскиот број на романското списание „Фамилиа Ортодокса“.


Иако толку блиску до нас, културата и црковниот живот на нашите православни соседи ни се непознати. Секако, минималната склоност да ги познаваме и разбираме во дух на братство би нè збогатила и би нè зајакнала во нашите искушенија, гледајќи какви тешки крстови носат оние до нас.

Разговараме со отец Серафим од Слепченскиот манастир, опитен и баран духовен отец во општество кое поминало низ огнот на суровите политички и црковни бури, но жедно повеќе од кога било да пие од живата вода Христова. Единственото нешто што може да донесе вистински мир.

Секако, историјата на крајот ќе ја одмери исправноста на политичките мерки кои исто така имаат влијание врз црковниот живот. Она што останува, сепак, е напорот на секој човек и секој народ да го заслужи своето спасение и да го сака својот ближен, дури и кога општата логика ги поттикнува да го сторат спротивното.

Редактор Татијана Петраке

Оче Серафиме, искушенијата низ кои поминале христијаните во Северна Македонија во мало ја отсликуваат драмата на паднатото и разединето човештво – етнички, културно, политички. Кои се предизвиците со кои се соочуваат овдешните христијански православни заедници?

Тоа прашање точно се однесува на она што е наследено од посткомунистичкиот период, но истото обременето од струите на протестантизмот во источниот дел од нашата земја и струите на магискиот поглед врз животот, помешани со изсламизацијата во западниот дел. Кога на ова ќе се додаде, за жал, и недуховниот пристап на старешинството од нашите соседи, добиваме една состојба којашто би требало од корен да се зафати со обновување на столбовите на верата, кои се потпираат на Светоотечкото учење.

Народот во Македонија, оние духовните, како што пишува во Светото Писмо, преку своите молитви до Бога испратени, изнедрија одреден број на богоугодни Отци кои преку своите молитви до Седржителот, за македонската жедна душа за Бога, измолија небесна роса – да се истрае до ден-денес. Овде, треба да ги спомнеме Св. Јоаким Крчовски, мноштво монаси и монахињи по празните манастири, коишто држеа одреден зафат на небесна вода, помеѓу кои и Св. Стефанида, и во поново време Св. Гаврил Велички Лесновски, и многу други, чии срца сочувани за Бога воскликнувале: „На Твоето Име слава воздај Господи“ Пс.115.

Драмата на човештвото кое што треба да се спасува, иако денес се однесува на Едната Света Соборна и Апостолска Црква, чие земно старешинство нашло многу непотребни причини за разединување, се однесува и на секоја клетка, макар и најмалата, во душата на секој православен христијанин кој повторно треба да се приближи до сите оние нешта кои ја привлекуваат благодатта во умот, мислите и срцето, но исто така, треба да научи и како се губи истата благодат. Знаеме дека борбата секогаш е внатрешна и треба добро да научиме против кого се бориме – сопствените страсти и демонот. Тоа е науката Христова. Останува да се шири колку што може повеќе, односно колку Бог ќе допушти, а од друга страна, да се одолее на времето кое донесе мноштво нехристијански ветрови, едни потекнуваат од схоластичкиот запад и учењата во ова време, а други од демонот кој што бара плодна почва да го унижи Христовото учење.

Како да ги надминеме нашите политички и културни предрасуди и да ги гледаме сите православни како браќа во Христа?

Само на еден начин, само преку Христа. Секој од нас ако својски се бори, духовно трудејќи се да не заборави дека во секој човек има боголика душа, тој ќе се моли Господ да му даде разум и светлина во секого да ја препознае таа боголика душа, на тој начин се возљубува секој човек кој што доаѓа во нашиот живот. Политиката, т.е. полисот, мислењето на мноштвото, никогаш не се совпаѓало со зборовите Христови: „садо мало“ Лк.12,32. Светот повикува на некакво однесување, за тоа имаме две евангелски пораки. Едната е: „на царот царевото, на Бога Божјото“ Мат.22,21, а другата е: „бидете мудри како змии и незлобливи како гулаби“ Мат.10,16. Особено втората секогаш ќе ни го избиструва погледот за преку Христа и Евангелието да погледнуваме на ближниот и во тој наш евангелски поглед да простуваме повеќе од седумдесет пати по седум. Култот, односно културата за христијанинот е постојано во длабоко покајание да се искаже и воздаде слава и благодарност на Господа. Тоа, го зафаќа христијанинот во секоја мисла и целокупно битие, а тој преку дела ја покажува својата вера. Кога така Го возљубиме Бога, неминовно меѓу нас и Него постои ближниот. И кога секој христијанин би се потрудил да се исповеда, да го чита Светото Писмо, да се причестува, тој ќе сфати дека освен Христа во неговиот живот друго не му е потребно, а патот до Христа и го води да има љубов кон ближниот.

Единството на православните христијани е особено денес попотребно од кога било, а сепак колку малку успеваме да го постигнеме. Како го гледате овој аспект?

Тоа е поради падот на духовноста на оние кои треба да бидат духовни, кога тој пад се случува, наместо духовноста доаѓаат до израз едни од најопасните страсти кои ги зафаќаат оние на кои им е доверено стадото. Лозарите се обременуваат со самољубие, властољубие, и не помалку често, среброљубие. Овие страсти доведоа до комплетна паднатост на старата црква. Заради овие страсти Христос дојде и тие не Го препознаа, а и секој од нас заради овие страсти не препознава кој се приближува кон него, човекот кој доаѓа во неговиот живот – човек ли е со своите прегрешенија и падови или можеби ангел? Најпрво кај луѓето оладува гостољубието, тоа гостољубие кое што толку убаво го има на фреските во храмовите и се нарекува Авраамово. Ретко се примаат денеска ближните во Името Христово, ретко се слуша реченицата: што е мое и твое е, а уште поретко во пракса се гледа поздравот: Христос помеѓу насе и ќе биде.

Овој недостиг на братољубие го гледаме не само на макро ниво, туку и во нашите христијански заедници и нашите семејства. Како да го излекуваме нашето срце од овој недостиг на љубов?

Секако дека овој недостиг на љубов најпрво се пројавува во домашната Црква – христијанското семејство. Тоа е недостиг првенствено на молитва, потоа средениот духовен живот на секоја личност поединечно, разбирањето на бракот како Света Тајна, брак кој што понатаму треба да подигне деца, кои треба да бидат воспитувани да воздаваат слава на Бога и да го љубат својот ближен како себеси. За жал, денес децата во домашната црква најчесто се соочени со тоа да имаат пред себе пример на раскарани родители. Потоа, негувањето на индивидуалноста која го раѓа нетрпението и судирите едни со други, од кои што се умножува злото во светот. Поради сето ова, над човештвото се создава една огромна црна топка, којашто тежнее да го задуши слободниот христијански дух кој се стреми кон Христа. Само покајанието, односно животот во покајание може да го тоа разруши. Ова е состојбата поради којашто можете да видите зошто постои толкава разединетост и наместо да се служи на Бога во духот и вистината, се свртевме кон светот и се повеќе стануваме зависни од него.

Како Вие, како духовен отец, ги поддржувате христијанските семејства во култура која е непријателски настроена кон семејството?

Ние, во исповедите и собирите само ја констатираме таа култура, нејзините пипци и нејзиното настојување да не постои семејството. Со чести собири, со постојани исповеди, Духот на вистината не ја остава Црквата без утеха и одговори за било кое искушение кое што доаѓа до Неа. На тој начин, после секоја литургија кај нас е востановена трпеза на љубовта, а после неа одговараме на сите прашања коишто ги заплискуваат мирјаните, а и монасите. Да не заборавиме да напоменеме на исповедите кои се однесуваат на секого посебно, за ако се застрани на било кој начин, повторно да се исправи патот кон Господа и семејството да ја има таа благодат која во Светото Писмо е содржана во зборовите: „Јас ви говорам за Христа и Црквата“.

Вие сте монах, игумен и почитуван духовник. Како успевате да ја негувате љубовта кон Бога кај младите што ги раководите преку Вашата пастирска дејност.

Единствен начин е тоа, нема друг, треба да ги возљубам повеќе од себеси и секогаш да се биде подготвен да се положи душата за оној кој ти е доверен од Бога. Со секого треба да се трудиме да бидеме сѐ: со најмалиот – најдобар другар, како што расте – најдобар пријател, како што поима- татко од кого нема да се срами и плаши. Тоа треба да се постигнува, а јас сметам дека уште многу треба за да го постигнам тоа, но по Божјо благоволение на секојдневната Проскомидија се запишани сите тие со имињата, а целосно потопени и измиени во Крвта на Агнецот Кој покрива и простува по милоста Негова.

Како го гледате односот на христијаните кон политичкиот живот?

За христијанинот не треба да има политички живот, иако треба да има мислење за состојбата околу него. За христијанинот има пријателски живот и согледување на општеството и неговите норми преку Евангелието. Тој треба да има слобода да може да го каже своето мислење за сето она што не е евангелско во општеството, тој треба да има слобода во општеството со својот глас и збор, да настојува да не бидат одземени оние вредности кои се спасоносни за секој човек. Тој треба да има слобода да каже НЕ на сето она што го нарушува неговиот пат на спасение, односно, сето она што Светите Отци го окарактеризирале како погубност во животот.

На крајот, Ве молам да упатите збор на охрабрување за христијаните од Романија кои исто така се соочуваат со предизвиците на еден свет кој себеси се нарекува пост-христијански, трансхуман и постхуман, и со турбуленциите на еден социо-политички живот разбрануван од раздор и опортуниза

Зборовите Христови „Не плаши се стадо мало“, не се изгубени во времето, „стадо мало“ се однесува најпрво на семејството во кое што мажот и жената треба да бидат едно во Христа нашиот Спасител, имајќи љубов помеѓу нив, и таа љубов да ги опфати и нивните деца. Тоа нема да биде возможно ако не се исповедаат и причестуваат, односно потребно е да го средуваат духовниот живот. „Стадо мало“ се однесува на заедницата христијанска во секоја парохија, каде што сите парохјани се трудат да живеат во слога и едномислие кога се работи за духовните работи. Пастирот на таа парохија треба да ја познава секоја овца, да ја посетува, да содејствува и помага во секојдневните можни искушенија каде што христијанинот не може да се снајде. А парохјанинот тоа ќе го докажува на литургиите кога ќе се причести. „Стадо мало“ се однесува и на епархијата каде што епископот во обличје Христово ја сведочи Црквата и се моли за сите, бидејќи Црквата е народот Божји собран околу својот епископ на Света литургија и причестен.

Не плаши се, стадо мало!

На верните во Господа, Господ им го ветил Царството небесно. Затоа и христијаните во Романија, нашите браќа и сестри, нека се радуваат во Господа и нека не се плашат од ветриштата на времето. Нека секој постојано се сеќава на жртвата Христова, што Он ја направи да го откупи секој човек и колку може повеќе нека се моли имајќи вера дека сѐ ќе помине, а Христос ќе остане за да ги прибери своите.

Нека благодатта која Он ја излива на целиот човечки род, биде со романскиот православен народ сега, секогаш и во вечни векови. Амин.

Извор: https://familiaortodoxa.ro/2025/06/17/duhul-adevarului-nu-lasa-biserica-fara-mangaiere/