Епископот Хераклејски г. Климент е роден во Скопје на 20.02.1972 година. Основното, средното и високото богословско образование, како и магистерските класични студии на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ ги завршува во својот роден град. Автор е на радио емисии со теолошка содржина на радио „Либертас“. По тригодишниот престој на Света Гора, е замонашен од григоријатскиот игумен Георгиј (Капсанис), а по заминувањето од Атос во 1995 година е игумен во Водоча. Од 1998 година е зрзески игумен и го обновува монашкиот живот во пелагониските манастири Зрзе, Варош и Трескавец. Во 2005 година е избран и ракоположен за викарен епископ на Преспанско–пелагониската епархија. Од 2006 година ја извршува должноста секретар на Светиот Архијерејски Синод (САС) на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА), а во 2024 година е назначен за портпарол на Синодот.
Избран сте за синодски портпарол на МПЦ–ОА и вашата должност започнува на 1 јануари 2025 година. Како пристапувате кон оваа позиција?
Позицијата на портпарол за мене е ново послушание што го добив од Синодот. Свесен сум дека говорењето пред лицето на јавноста е голема одговорност и уверен сум дека транспарентноста и заемната комуникација меѓу Црквата и јавноста се особено значајни. Истовремено, знам дека моето досегашно искуство е недоволно доколку не се пројави благодатта за да ме упатува кон она што ми е доверено со новата задача.
Каква е поновата хронологија на портпароли во МПЦ–ОА?
Доколку се навратиме на поблиското минато, ќе се потсетиме дека и Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, тогаш како Брегалнички Митрополит, уште во осумдесеттите години бил портпарол на Синодот. На таа позиција тој е за време на мандатот на Архиепископот Гаврил, продолжува за време на Архиепископот Михаил и останува сè до 1999 година кога е избран за Поглавар на МПЦ–ОА. По неговиот избор за Архиепископ, за портпарол на Синодот назначен е блаженоупокоениот Митрополит Тимотеј кој на тоа место е од 1999 до 2024 година. Дедо Тимотеј дваесет и пет години беше црковен гласноговорник. Јавноста го памети по неговиот карактеристичен настап во еден исклучително важен период исполнет со различни предизвици за нашата Црква. Со него како портпарол нè поврзуваат речиси две декади соработка. За нас вработените во Канцеларијата на Синодот тој беше непосреден архијереј кој несебично го споделуваше и пренесуваше стекнатото искуство.
Функцијата портпарол во МПЦ–ОА постои четириесет години. Тоа наследено искуство ќе ви биде од полза?
Да, секако дека ќе се ползувам од искуствата и на двајцата портпароли затоа што благодарение на нивниот влог во македонското црковно јадро беа поставени основите за градење релации со медиумите и јавноста. И двајцата имаа различен пристап, но настапуваа со иста цел. Нашево време кое е под притисок на брзите технолошки промени и мноштвото информациски канали бара постоечкиот комуникациски модус да биде надградуван. Тоа подразбира нагласена транспарентност и употреба на разбирлив јазик што навремено информира со цел на јавноста јасно да ѝ бидат предочени црковните ставови, одбегнувајќи ја можноста за погрешни интерпретации и недоразбирања. Во современото македонско општество од голема важност е кога Црквата го знае влијанието и практично ги разбира значењето и улогата на медиумите.
При вашето назначување за портпарол можеа да се сретнат коментари дека последниве години не сте се појавувале во јавноста. Кој е вашиот коментар?
Од кого и да се, тие констатации се точни. Лично моја беше одлуката последниве години доброволно да се повлечам од медиумскиот простор во кој претходно бев повеќе присутен.
Интересно, а претходно сте работеле во медиум, во радио „Либертас“?
Да, тоа беше одамна. Во деведесеттите години, по едно гостување на Македонска телевизија кај Ведран Андоновски, бев предложен да изработам радио прилог со теолошка содржина. По емитувањето на прилогот, заради интересот кај слушателите, бев ангажиран да подготвам цел сет на емисии со наслов „Богословски созерцанија“. Преку рецензии на филмовите на Тарковски, Параџанов, преку осврти за музиката на Анастасија, толкувањата на ликовите на Достоевски, фрагментите од поезијата на Блаже Конески, во студиото се отвораа теолошки теми со можност заинтересираните да се вклучат во живо. Разговорите со слушателите беа непосредни и наликуваа на денешните поткасти. Тие јавни дискусии и отворени дијалози во тоа време на транзиција, и тоа не само на капиталот, туку и на вредностите, сведочеа за духовната жед кај мојот современик. Со радио емисиите прекинав кога заминав на Света Гора.

Со кои светогорски старци се сретнавте на Атос?
На Света Гора го имав благословот да разговарам со старец Паисиј Светогорец во неговата келија во Панагуда, да бидам замонашен од григоријатскиот игумен Георгиј (Капсанис), да слушам како беседи чудесниот Василиј (Гондикакис). Таму сретнав светли ликови, доживеав незаборавни мигови. Иако поминаа над триесет години од моето замонашување, сè уште мислам дека тишината што ми се откри на Атос е мерката со која се вреднуваат и зборовите и делата. Светогорците умеат во словото што го изговараат да ни ја доловат и тишината која зрачи од нивните зборови. Кај нас таков беше Епископот Гаврил Велички Светогорец.
Ја спомнавте поезијата на Конески. Ќе ги споделите вашите впечатоци за литературата, литературните кружоци во времето пред да станете монах?
Читајќи ја поезијата на Блаже Конески, често помислувам дека неговите стихови содржат елементи на теопоетика. Одредени автори велат дека со терминот теопоетика се нагласува принципот на творештво, именување, обликување и богообликување, но на начин на кој луѓето, преку посредништвото на книжевноста и литературата, Го спознаваат Бога. Се сеќавам дека во периодот на доцните осумдесетти во градот се формира литературен кружок „Малиот принц“ во кој дел од скопската средношколска младина, откривајќи ги богатствата и убавините на македонскиот јазик преку лично поетско творештво го негуваше пишаниот збор. Паметам дека таа група на млади ентузијасти добиваше поткрепа од одредени авторитети, кои во нив препознаваа потенцијал и квалитет. Од тоа книжевно јадро подоцна излегоа и познати имиња како Ана Димишковска, Игор Исаковски, Лидија Димковска и други, а во сферата на духовноста и тројца епископи. Едниот е владиката Давид (Нинов) кој сè уште пишува и објавува дела што се преведувани на повеќе јазици, а другиот е епископот Никола Велички кој својот книжевен јазик го надгради со богословска мисла. Со оваа креативна група на луѓе, дружејќи се со стихот и книгата, растев и јас. Неколку години подоцна некои од нив станаа жители во возобновените со монашки живот македонски манастири. Кога сме кај монашките почетоци, некој што самостојно ја пробиваше својата патека на литературното творештво, независно од спомнатиот кружок, е владиката Методиј (Златанов), наш поет, педагог и архијереј. Тој со својот личен израз преку визуелната поезија го збогатува духовното наследство во современата македонска книжевност.
Дали мислите дека претходното искуство на работа во медиум ќе ви биде од помош и што за вас претставува црковниот гласноговорник?
Во последниве декади се променија многу нешта и времето ќе покаже колку ќе ми биде од помош таквото искуство. Црковниот гласноговорник го доживувам како посредник меѓу синодското тело што го застапува и јавноста. Тоа подразбира дека гласноговорникот му служи и на Синодот, но во одредена смисла и на јавноста што ја информира за прашањата од јавен интерес. Тој не е само известувач или преносител на ставовите на Синодот – за тоа служат синодските соопштенија. Тој контекстуализира, појаснува и на прашањата на новинарите дава соодветни, разбирливи и прецизни одговори.

Се приближуваат Божикните празници, а вие вообичаено тој период од годината сте во манастирот Зрзе. Што се случува периодов во Зрзескиот манастир?
Да, за Божик сум во Зрзе со монашкото братство. Тие денови Црквата дише со химнографијата од богослужбениот поредок на Воплотувањето на Логосот. Раѓањето на Богомладенецот го отвори патот кон опитното богословие на преобразувањето преку несоздадените енергии. Што се однесува до зрзеското секојдневие, освен редовните манастирски послушанија, актуелна е работата на фрескоживописот во монашката трпезарија. Браќата иконописци работат на композицијата Тројцата Богослови и на фреските на преподобен Јован Лествичник и на преподобен Андреј Рубљов.
Ви посакуваме успех во вашата нова должност.
Ви благодарам и се надевам на успешна соработка со вашиот интернет-портал. Кога веќе говориме за вас, би сакал да го истакнам вашиот труд околу објавувањето на кратките житија на помалку познатите светители. Градењето на заедница со светителите носи тивка радост, а радоста дава сила која нè придвижува кон Христа. Ја користам оваа можност вам и на читателите на Литургија.мк да ви посакам убави Божикни празници.