Игумен Силуан Туманов е претседател на Издавачкиот оддел на Санктпетербуршката митрополија, и е старешина на храмот „Св. Апостоли Петар и Павле“ во Санкт Петербург. Истовремнено, отец Силуан активно се занимава со црковно композиторство и со превод на богослужбени текстови. Неговиот интерес е особено насочен кон разоткривање на историскиот развој на Литургијата, почнувајќи од апостолскиот, односно од ранохристијанскиот период. Во неговата пастирска дејност, тој се одликува со автентичен евангелски пристап кон паството, коешто му е доверено од Бога. Карактеристична е неговата дарба да ја долови суштината на Црквата како тело Христово, односно како богочовечки организам којшто има цел да го преобрази светот во „ново небо и во нова земја“. Многукратно е одликуван од Руската Православна Црква за заслуги во пастирската и црковно-образовната дејност.
Во продолжение го објавуваме интервјуто, коешто отец Силуан Туманов го даде за „Литургија.мк“.

Отец Силуан, Ви благодариме за можноста да поразговараме во врска со значајни теми од црковното живеење. Како претседател на Издавачкиот оддел на Санктпетербуршката митрополија, кажете ни на каков тип изданија најмногу се фокусирате?
Нашиот оддел се занимава со првична проверка и им помага на авторите на најразлични книги. Тоа се историски осврти за храмовите и манастирите во Санкт Петербург, сеќавања на парохијани од храмовите, раскази за светители и светињи на епархијата. Проза, документарна и уметничка, поезија, илустрирани албуми. Нашите соработници проверуваат дали во книгите има сериозни нарушувања на христијанската етика и догматика, по што им помагаат на авторите да ги добијат потребните дозволи за распространување на книгата од Издавачкиот совет на Руската Православна Црква во Москва. Освен тоа, ние организираме и координираме разни настани: предавања, изложби, концерти, собири по повод двата главни празника на Руската Црква посветени на книгата – Денот на православната книга на 14 март и Денот на словенската писменост и култура на 24 мај.
Познат е Вашиот интерес за истражување и обелоденување на суштината на христијанското евхаристиско собрание, познато како Литургија. Колкаво значење има, за практичниот живот на христијаните, познавањето на историскиот развој на овој централен настан во животот на Црквата?
Тука е важно да се истакнат два аспекта. Првиот аспект е дека никакво наше познавање на историјата на Литургијата не ја обезвреднува практиката на нејзиното служење денес. Односно, откако ќе сфатиме што е во Литургијата главно, а што е второстепено, ние немаме право да го намалуваме значењето на личното ниво на благоговејност и на страв Божји пред големата тајна на заедничарењето со Бога, коешто ни е дарувано од Христос.
А вториот аспект е дека, дури и ако немаме можност да го приближиме служењето на Литургијата до историскиот идеал, ние можеме да го промениме нашиот поглед кон она што се случува и со тоа да не го намалиме значењето на претходното искуство, туку да го збогатиме.
Како што гледаме од историјата, од IV век пастирите биле загрижени поради ниското религиозно ниво на христијаните коишто се причестувале, па најнапред го зголемиле нивото на побожната реторика околу Светите Тајни, за да ги поттикнат причесниците да го подобрат својот живот. А откако тоа не помогнало, тие им дозволиле на строго монашките практики да станат заеднички и за сите парохии. За жал, новите христијани, коишто влегле во Црквата не како резултат на проповедта, туку затоа што христијанството станало државна религија, од своја страна претпочитале да се откажат од честото причестување, наместо да го променат својот живот согласно Божјите заповеди. Така, ниту нивото на животот се подигнало, ниту, пак, парохијаните во целина продолжиле да се причестуваат, игнорирајќи ја со тоа директната заповед на Христос и на апостолите.
Но, што ние да правиме на трпезата со Христос, доколку од неа вкусува само свештеникот? Да го зголемуваме нивото на симболизмот. И затоа почнало да се гледа на Литургијата како на „свештен спектакл“, „мистерија“, во која секој дел нè потсетува на некој настан од животот на Исус Христос.
Сосема е очигледно дека вистинската подготовка за причестување трае во текот на целиот живот на христијанинот – тоа е стремежот целиот свој живот да го направи поблагочестив, а не да се практикуваат еднократни пости и читање на молитвени текстови. Историјата ни покажува дека таквиот пристап малку им помага на луѓето да станат христијани по својата суштина, а не само по име.
Разбирањето на историските процеси коишто го менуваат обликот на Литургијата нè потсетува дека причестувањето не е „волшебна таблета против сите болести“, ниту „пропусница за рајот“ којашто може да се заслужи со читање на молитвени текстови и со воздржување од месо, туку заедничка трпеза со Христос, којашто е единствена, неповторлива и, парадоксално, секојдневно повторувана низ целиот христијански свет. А на оваа трпеза сме повикани не затоа што сме прочитале неколку молитви и сме постеле три дена, една недела или дури еден месец, туку затоа што сме ветиле на крштевањето дека ќе Му бидеме верни на Христос, дека ќе имаме добра совест (1Петр. 3, 21) и дека ќе ги исполнуваме Неговите заповеди. А сè останато се одблесоци на средновековната монашка дисциплина, којашто може да ја потпомогне благочестивоста, но понекогаш може и да ѝ попречи.
Не треба да се заборава дека на патот кон Христос луѓето минуваат низ различни етапи на развојот на сознанието. Сите што стојат во храмот немаат исто духовно ниво и не минуваат по ист пат кон постигнувањето на единствената цел. И ако за некого се неопходни традиционалните форми на подготовка за причест, за друг можат да бидат потребни други правила на подготовка – не монашки, туку определени од духовниот отец заедно со самиот христијанин. Најважно е во сè да има љубов, да нема насилство и презир кон туѓото религиозно искуство.
Се занимавате со производство на темјан, под називот „Руски ладан“ а за тоа имате издадено и книга. Вашиот темјан, во голема мера се разликува од темјанот на којшто сме навикнале. На што се должи тоа?
Кога пред 13 години, со благослов на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Санктпетербуршки и Ладошки Варсонуфиј, ја основав производната работилница „Руски темјан“, мојата задача не беше само производство на квалитетен темјан од природни состојки, туку и обновување на старите традиции на правење темјан, развивање нови видови коишто го земаат предвид искуството на благоговението пред Бога од различни земји и континенти, како и популаризација на самата идеја за кадење со темјан пред светињите, како личен израз на посветувањето на целиот свој живот на Бога.
Набавувајќи состојки од различни земји, ние не се плашиме да експериментираме со природни масла и смоли и дрва, користејќи го искуството од различни земји и епохи. Затоа нашиот темјан не е едноставно копирање на успешни грчки обрасци, туку е и креативно осмислување на она што е соодветно за чесна жртва на Бога. Тоа им помага на луѓето да ја отворат својата молитва.
Јас се радувам, по Божја милост, нашиот темјан стана широко познат далеку надвор од границите на Русија и им помага на луѓето да се молат речиси на сите континенти на земјината топка.
Покрај некои други особености, руското и балканското богослужение се разликуваат и во однос на начинот на црковното пеење. Меѓутоа, ако погледнеме во историјата, неколку векови назад, ќе констатираме дека всушност таа разлика и не била толку драстична. Какво е Вашето мислење во однос на овој сегмент од црковното богослужение?
Црковното пеење не е само убав фон за личната молитва на парохијанинот, туку е дел од богослужението и е израз на молитвата на секој што стои во храмот. Секако, традиционалните форми на пеење коишто се развиле во православните манастири во Грција и на Балканот, рускиот знаменски напев и слично, се посоодветни за заедничката молитва во храмот.
Но, црковното пеење не било измислено одеднаш. Некогаш, во првите векови од постоењето на Црквата, пред христијаните стоела задача да изберат од множеството мелодии и созвучја што се слушале околу нив, во еврејската и во паганската средина, односно да го изберат она што можело да ја изрази нашата вера. Затоа, кога поради одредени причини, коишто се од сосема нецрковен карактер, во Русија дошло до нагло прекинување со старообредната, знаменската традиција на пеење, христијаните во Русија исто така тргнале по комплициран пат на избор на потребните мелодии и созвучја што би го одразувале светогледот на жителите во периодот од XVIII до XX век.
Така во Русија се создала сопствена традиција на пеење, повеќе слична на оперското пеење. Зошто преовладеала токму таквата, концертна форма? Затоа што се променил односот на парохијаните: наместо еднодушно собрание на едноверни за заедничка молитва, почнало да преовладува повремено посетување на храмот со лични молби за лични потреби. Веќе неколку векови, соборната свест е крајно ретка. Значи, проблемот е многу подлабок од мелодиите и од формата на пеењето, па не може да се реши со едноставно враќање на знаменскиот или на византискиот напев на певницата. Потребно е да се одговори на клучните прашања: Што е молитвата во храмот?; Кои се функциите на секој што стои во храмот?; Какви обврски оваа молитва му наметнува на секој од нас?, и слично.
Секој духовник, во својата пастирска дејност, несомнено се среќава со проблемот на религиозност, односно обредност. Го нарекуваме „проблем“, затоа што најчесто таа религиозна обредност се развива на штета на суштината на Црквата. Веројатно затоа од таквиот пристап се раѓаат и безброј суеверија. Дали ваквата појава се среќава и во Русија и каков е Вашиот пастирски пристап кон него?
Да, тоа е токму она за што сега зборувавме. Тоа е само една страна на големиот проблем. Човекот во религијата гледа инструмент за решавање на земните проблеми и задачи, а не начин за општење со Бога или за враќање кај Небесниот Отец преку откажување од ѓаволот и од гревот.
Проблемот со „обредноста“ произлегува од погрешната народна еклисиологија, во којашто животот на човекот се одвива одвоено од евангелските заповеди, а храмот се замислува како место каде што верниците треба да дојдат и да си ја „измолат благодатта“ за успешно решавање на апсолутно земни проблеми. За тоа служи и култот со посебни осветувања и благослови, кога светињата се доживува само како заштита или амајлија. Значи, не се обрнува внимание враќањето на целиот свет, кој отпаднал поради гревот, кон Бога, туку на приспособување на светот кон сопствените потреби. Во тоа се состои неправилноста на таквиот пристап кон религијата.
Многумина гледаат со подозривост на личните односи на православниот христијанин со Христос, па дури во тоа се гледа секташтво. Се предлага на Бога да Му се пристапува преку мноштво светители, коишто некои ги замислуваат како „дворјани на Небесниот Цар“, со сите соодветни нијанси – ласкава хипербола („ти си најблизок до Бога и наш верен молитвеник, не нè одбивај“, „немаме друг помошник освен тебе“. Со тие зборови им се обраќаат речиси истовремено на различни светители и на Богородица, дури и не забележувајќи ја противречноста), „поткупување“ во вид на прилози за одржување на светињите, палење свеќи пред сите икони, поклонички патувања, собирање икони, мошти и светињи, но никогаш не со промена на животот преку откажување од лошите навики, со поправање на карактерот и слично.
Но ако се решиме да се бориме против ова, тогаш мора постојано да помниме дека нашите парохиски „незнабошци“ се исто така возљубени Божји деца и се наше паство, за коешто одговараме пред Христос. Јазикот на разумот може да биде игнориран, но човекот секогаш може да го прими јазикот на љубовта. Затоа не треба да се дозволуваат никакви насилни дејства за нагло менување на парохискиот живот, туку треба да бидеме отворени кон потребите на секој човек и да се молиме, што е можно повеќе откривајќи ја смислата на заедничката молитва; да бидеме подготвени нешто да објасниме без надменост и превознесување. Господ ќе помогне да се промени свеста на оние коишто се способни за тоа. А ние треба да помниме дека Господ со љубов ги очекува и ги прима и оние коишто не се способни за тоа.
На крај, што би им порачале на читателите на порталот „Литургија.мк“ и, генерално, на православниот верен народ во Македонија?
Почесто читајте го Евангелието и не плашете се да поставувате прашања, бидејќи вистинската вера не се плаши ниту од чесната наука, ниту од незгодни прашања. Со љубов и вера користете ги можностите што Господ ѝ ги дава сега на вашата света Црква. Помнете дека Господ е секогаш близу и дека треба да го искористиме овој живот како можност да се сретнеме со Него. А тоа ќе исполни со смисла сè што се случува во нашиот живот.


