Интервју со проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски: Да го читаме Светото Писмо и да живееме според него

Проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски е македонски теолог и универзитетски професор. Тој е редовен професор на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што предава предмети од областа на Старозаветната теологија, вклучувајќи Библиска историја и археологија, Вовед во Стариот Завет и Егзегеза на Стариот Завет.

Своето високо образование го започнал на истиот факултет, каде што дипломирал теологија. Потоа продолжил со постдипломски студии на Понтификалниот универзитет „Грегоријана“ во Рим, Италија, каде што магистрирал и докторирал во областа на библиската теологија.

Во периодот од 2010 до 2014 година, Ѓорѓевски ја извршувал функцијата амбасадор на Македонија при Светата Столица (Ватикан).

Проф. д-р Ѓорѓевски е автор на бројни научни трудови и книги, меѓу кои се издвојуваат: „Месијански псалми“, „Пентатеух“ (Толкување на избрани текстови од Мојсеевото Петокнижие), „Старозаветна исагогика“, „Девтероканонски книги“ и „Општ вовед во Светото Писмо на Стариот Завет“. Учествувал на повеќе од 40 меѓународни конференции и форуми во земји како Италија, САД, Германија, Романија и други.

Во периодот од 2016 до 2023 година, тој бил декан на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје.

Од 2020 година го раководи Македонското библиско здружение како негов Генерален секретар.

Проф. д-р Ѓорѓевски е признат како еден од водечките македонски библисти и теолози, со значаен придонес во развојот на богословската наука и образованието во Македонија.

Македонското библиско здружение неодамна го прослави јубилејот – 30 години постоење. Основна мисија на ова здружение е: „Да изнајде начин Библијата да биде достапна, пристапна и значајна во секојдневието на сите луѓе во нашата земја“. Како сте задоволни од постигнатото во оваа сфера?

Основната заложба на здружението се заснова врз познатата евангелска порака – одете и научете ги сите народи (сп. Матеј 28,18), разгласувајќи ја радосната вест дека Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да има вечен живот (сп. Јован 3,16). Не може да го знаеш ова, а да не го споделиш, да го премолчиш или да го сокриеш. Пораката е една и иста, но низ вековите биле употребувани различни можности и средства истата да се забележи, а потоа понатаму и да се пренесе. Библијата како книга е вообичаената денешна претстава за Светото Писмо, но првите текстови биле запишувани на папирус, па имале форма на свиток. Дури потоа, преку употребата на пергаментот таа добива форма на книга. Хартијата е пронајдена многу подоцна, а првите отпечатени изданија се појавуваат дури пред пет века. Денес, освен во печатена форма, Библијата е достапна во дигитална форма, сите досегашни преводи на Новиот Завет се снимени во аудио формат, евангелијата се издадени во Брајово писмо, а веќе неколку години се снимаат кратки видеа на знаковен јазик според избрани текстови од Новиот Завет. Но, има уште многу што може и треба да се направи. Според христијанско аскетско искуство, духовниот подвиг нема status quo состојба: ако не се напредува, тогаш се назадува. Па така, изнаоѓањето начини на достапност на Светото Писмо до секој човек останува непрекинат подвиг. 

Кои цели ги има Македонското библиско здружение, и Вие лично, како негов Генерален секретар за во иднина?

Ако се мисли на некои идните планови, би го издвоил оној за еден нов превод на Стариот Завет од оригиналните јазици. Пред две години беше објавен првиот превод на Новиот Завет од оригиналниот грчки текст, додека минатата година излегоа од печат две изданија на Псалмите: едното е превод од староеврејскиот текст, а другото од старогрчки јазик. Замислата е на ист принцип да се продолжи понатаму и со превод на останатите книги од Стариот Завет. Целиот процес би траел долго, можеби и десет години, но на крајот за првпат би имале Библија како превод од оригиналните јазици.

Во кои активности на здружението можат да се вклучат оние кои се заинтересирани да помогнат?

И досега дејноста на здружението се одвива со помош и соработка со црквите, но и со поединци. Имено, црквите се тие кои во најголем дел ја овозможуваат достапноста до печатените изданија. Потоа, голем број на настани во минатото, како што беше седмицата посветена на Светото Писмо, беа организирани заедно со црквите и оние кои посветено го читаат и разгласуваат запишаното во Светото Писмо. Исто така, имајќи предвид дека една од главните заложби на здружението е печатењето на библиските текстови, а во насока на подобрување на најновите изданија, добредојдени се сите забелешки за евентуални технички и други пропусти.

Колку преводи на Светото Писмо на македонски се направени до сега?

Би си дозволил да се задржам на преводите на Библиското здружение, кои се вообичаените и општоприфатени македонски библиски четива. Познато е дека првиот целосен превод на Новиот Завет на македонски јазик е отпечатен во 1967 година, додека целото Свето Писмо на македонски јазик за првпат се појави во 1990 година. Потоа следеше период на ревидирање на текстот, што резултираше со две изданија на Библијата во 2006 година: едното со девтероканонските книги, а другото без нив. Пред петнаесетина години се започна со нов превод на Новиот Завет, што излезе од печат кон крајот на 2023 година, а минатата година беа издадени две изданија на преводот на Псалмите.

Од кои извори и од кои јазици се овие преводи?

Преведувачките библиски потфати започнуваат уште за време и непосредно по Втората светска војна, но веднаш по возобновувањето на Македонската православна црква Синодот донесува и одлука, кој извор и од кој јазик да се преведува Светото Писмо. Решено е да се следи канонот и текстот на црковнословенската Библија, којашто со векови наназад е Свештеното Писание на овој народ. Па така, првите преводи се угледаат на овој текст, иако притоа се користени и преводи на други современи или соседни јазици. Потоа, во 2006 година, при ревидирањето на текстот на Стариот Завет е употребуван и еврејскиот оригинален текст, со што е воопштен претходно поставениот критериум. Да не изумиме дека состојбата, посебно со старозаветните текстови, е крајно сложена. Оригиналните текстови во најголем дел се напишани на еврејски јазик, но во тоа време истите се уште не се воедначени и содржат различни текстуални варијанти. Преводот на грчки јазик, што се случува неколку века пред Христа, често користи поинаква текстуална подлога (посведочена и во Кумранските ракописи), за разлика од текстовите коишто денес ја чинат еврејската Библија. Инаку, Црквата во првите векови природно се служи претежно со грчкиот превод (познат и како Септуагинта), па на тој начин истиот влегува во сеопшта употреба, во богослужбените текстови, како и оние на црковните отци.

Дали сметате дека е добро да постои еден официјален превод на Светото Писмо на македонски, или, пак, доколку постојат неколку различни преводи тоа се смета за збогатување?

Според моето скромно мислење, најважно за еден превод е да биде точен, верен, јасен и разбирлив, подготвен според критериумите поставени од Црквата. Доколку како таков биде препознаен и општоприфатен, тоа би му овозможило да стане евентуално и официјален превод. Инаку, доколку постои можност, секако дека е добро да постојат повеќе преводи, а постојните колку е можно почесто да се ревидираат.

Дали преводите на Светото Писмо се ревидирани од официјално тело на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, и дали би требале да бидат?

Составен дел од секој преведувачки процес, кој е исклучително важен и неодминлив, е оној на прегледување и ревидирање на текстот пред истиот да ја добие завршната форма. Според моите сознанија, ниту еден преведувачки проект не бил реализиран без црковна согласност, коешто се однесува и на сите лица коишто биле вклучени во процесот на преведување.

Дали различните христијански цркви и деноминации читаат различни верзии од Светото Писмо, односно дали македонскиот читател треба да внимава Светото Писмо што стигнало до него да биде од Македонската Православна Црква?

Претходно бев спомнал дека постојат две различни изданија на ревидираниот текст од 2006 година: едното со, а другото без девтероканонските книги. Покрај некои мали разликувања во називите на книгите или во употребата на термините, главната разлика меѓу двете изданија се состои во бројот на старозаветните книги. На почетокот од изданието со девтероканонските книги, коешто брои вкупно 77 книги, стои дека тоа има благослов од Светиот синод на Македонската православна црква. Тоа се должи на ставот на Православната црква која го прифаќа поширокиот канон.

Колку се чита Светото Писмо во Македонија во споредба со другите земји од регионот и пошироко?

Резултатите од едно скорешно анкетно истражување на Обединетите библиски здруженија во соработка со Галуп во 2023 година во над 85 земји во светот покажаа дека 26% од испитаниците во Македонија имаат Библија, само 9% ја употребуваат, односно читаат барем неколку пати месечно, 65% никогаш не ја отвориле, но дека дури 51% се заинтересирани да дознаат повеќе од неа и за неа. Состојбата во регионот не е многу различна, но во однос на другите земји е многу понадежна, имајќи предвид дека има најголема отвореност и заинтересираност за Светото Писмо.

Како да се доближи Светото Писмо до македонскиот читател?

Постојаните преведувачки потфати и ревизии, различните изданија на Светото Писмо или само некои негови делови во печатена, дигитална или аудио форма, подготовката на кратки видеа со библиски мудросни текстови и размислувања за секој ден од годината, се значајни обиди за овозможување на достапноста и за приближување на Светото Писмо. Но, вистинскиот подвиг се остварува само кога се љуби и кога се живее според Светото Писмо. Да, Библијата е, без сомнение, најпреведуваната и најважната книга што воопшто некогаш е напишана. Таа е првата отпечатена книга, која културно и духовно го обликувала поголемиот дел од светот во којшто живееме. Но, ништо од сето тоа ако не дозволиме тоа што во неа е запишано да го обликува и нашиот живот. Светото Писмо е сведоштво на Божјата љубов, што ни овозможува средба со Бога. Кога ќе го отвориме Светото Писмо, ние се наоѓаме во присуство на Оној кој ни говори, но и на Оној кој од нас очекува одговор. Затоа не е доволно само да го имаме, туку треба и да го читаме; да го читаме сами или да слушаме кога ќе биде читано, дома или в црква. И не е доволно само да го читаме, туку според Светото Писмо и да живееме.