Во текот на својата посета на Русија во април 2025 година, Светејшиот Српски Патријарх Порфириј даде интервју ексклузивно за рускиот теолошки портал „Богослов.ру“. Интервјуто е објавено на 5 мај 2025 година со наслов: „Кризата во која се наоѓаме на крај ќе стане причина за триумф на љубовта и единството на Црквата“.
Во ова интервју се обработуваат неколку теми: Значењето за Србија на Русија и на Руската Православна Црква, признавањето на Македонската Православна Црква, зошто научно-техничкиот напредок не води до духовен и културен напредок и зошто идните свештеници треба да студираат во странство.
Во продолжение пренесуваме превод на делот од интервјуто што се однесува на Македонската Православна Црква, а најдолу е видео снимка од целото интервју.
„Секогаш има предизвици, секогаш има недоразбирања, но секогаш се работи за истиот проблем. Постојат две логики: едната е логиката на човекот, човечката логика, а втората е, ако може така да кажеме, логиката Божја, логиката на Евангелието и логиката на Црквата. Кога и да наидеме на проблеми, предизвици, па и на недоразбирањата што ги спомнавте, ако сакаме да ја употребиме човечката логика или ако таа е поважна и ја надвладува Христовата и Божјата логика, ќе одиме во безизлези и ќорсокаци. Во човечката логика секогаш има калкулации, интереси, утилитаризам, човечката логика сака да се брани себеси и своите права, а кога ќе се најдеме и во областа на правото, ако тоа стане поважно од Христос и Неговата љубов и Неговата промисла, повторно сме во ќорсокак, што пак, не значи дека правото не е важно – и тоа е важно, само мора да биде осмислено, проникнато, преобразено со Божјата благодат, мора да биде гледано преку Крстот Христов и тајната на Неговото Воскресение.
Го спомнавте и македонскиот раскол, а слава Му на Бога, со Неговата љубов и промисла е исцелено недоразбирањето или исцелен е расколот, па сега таму имаме браќа и сестри во потполната смисла на зборот. За нас, во конкретниот случај беа важни Црквата и црковниот етос, а не земските интереси. Многу луѓе тоа не можат да го разберат, па некој од нашата црква вели: ‘Направивте компромис, ги предадовте интересите на српската црква, на српскиот народ, продадовте српски земји’ итн. Меѓутоа, историски гледано, дури и во канонската смисла на зборот, црковните територии, епархиите на просторот на денешна Северна Македонија, припаѓале на јурисдикцијата на нашата црква само од 1920 до 1966/67 г. А, во сите други историски периоди, дури и во времето на свети Сава, епархиите, во црковната смисла на тој збор, од територијата на денешна Северна Македонија, не ѝ припаѓале на Српската православна црква.
Значи, дури и да погледнеме во контекстот кој всушност не постои за нас, да речеме дека е ’легитимен’, дури и во таа смисла не направивме нешто што е спротивно на ’интересите на Српската православна црква’. Друго нешто е тоа што во политичката смисла на тој збор, тие територии некогаш им припаѓале на владетели на српските држави. Понекогаш српските владетели имале свои територии длабоко во Грција, некои дури имале амбиции и биле толку моќни, да станат цареви на Византиското царство. Меѓутоа, како црковни луѓе никогаш не смееме да ги мешаме политичките параметри и контексти со црковните контексти, но дури ниту тоа не е суштински важно за Црквата. За Црквата е суштински важна грижата за спасението на конкретниот човек. Црквата ги има сите можности, право и обврска, размислувајќи за спасението на секој човек, да донесува одлуки кои му служат на тоа спасение и во овој конкретен случај, како што тоа е случај и во принцип кога зборуваме за начинот и за одлучувањето и за структурата и природата на православната Црква.
Ние на нашиот Собор одлучувавме соборно. Ниту една одлука кај нас не е одлука на еден, дури и ако тој е патријарх, кај нас црквата функционира според принципот на соборност, каде што првиот е прв меѓу еднаквите на себе – primus inter pares, а не прв кој нема рамноправни меѓу своите браќа. Оваа одлука во нашата црква е донесена едногласно, со полнотата на Соборот, токму затоа што, благодарение на Бога, со Божјата благодат и Неговата промисла, сите отци на Соборот размислуваа молитвено, исклучиво за спасението на луѓето кои живеат и на територијата на Северна Македонија и ја донесоа одлуката која ја сметаа за најспасоносна и најдобра и за нив, но и за сите нас.
Така што, кога зборуваме за поделбите и недоразбирањата кои отсекогаш постоеле низ историјата од причините што ги спомнав пред малку, тие постоеле секогаш кога доминирала човечката логика и индивидуалистичката свест, поединечната свест, а не соборниот интерес, ако можеме да го употребиме зборот интерес за Црквата – за сите недоразбирања, јас ги гледам како искушенија, а искушенијата ги гледам како предизвици, кризите ги гледам како шанси.
Денес кога имаме некои недоразбирања и кризи во нашата православна Црква, нив ги гледам како можности и повик – секој од нас пред Христа да се испита себеси, своето срце и своите причини. Тогаш, кога ќе се види себеси во Христа како во огледало, да направи сè за да го надмине својот егоизам, својата затвореност и да направи сè за да го стекне својот брат, сè што е во согласност со љубовта Божја и со словото Христово што е напишано во Евангелието и со искуството на Црквата, што е дефинирано преку нашите догми и е формулирано преку каноните на Црквата. Сигурен сум дека, така да речеме, кризата во која како православна Црква се наоѓаме во овој момент, на крајот ќе биде причина за триумф на единството, на љубовта, на меѓусебното разбирање и на сведочењето на Црквата како една, света, соборна и апостолска Црква, која е дар, голем дар за секој од нас и не е наша лична сопственост со која располагаме и со која имаме право да се коцкаме, за кој било од нас да се наметне себеси како поважен од другиот.“
Следува снимка од целото интервју.