Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Берлински и Германски г. Марко (Арндт) е архијереј на Руската задгранична Православна Црква, каде што е прв заменик на претседателот на Светиот Синод и надгледувач на Руската Мисија во Ерусалим. Родум Германец од градот Кемниц (роден 1941 година), во текот на студиите по славистика се запознава со православната вера и набргу потоа преминува во Православие. Често патува на Света Гора каде одблизу ја запознава светогорската традиција на монашки живот. За време на студиите по теологија во Белград се запознава со преподобниот Јустин Ќелиски и со неговите ученици – подоцна епископи во Српската Православна Црква.
Замонашен е во Леснинскиот манастир, близу Париз. Ракоположен е во епископски чин во 1980 година во Њујорк, по што заедно со немногубројно монашко братство се населува во манастирот „Св. Јов Почаевски“, во Минхен. Таму започнува црковна издавачка дејност на германски и на руски јазик. Манастирот живее по светогорски типик.
Митрополитот Марко заедно со група поклоници од Германија годинава ја посетија Македонија и се поклонија во најголемите светилишта во нашата татковина. Митрополитот беше примен од Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, и богослужеше во Соборниот храм во Скопје. На крајот од поклоничкото патување, го замоливме за интервју за нашиот црковен портал, на што владиката се согласи.

Дали сте првпат во Македонија и кои се Вашите впечатоци од поклоничкото патување?
Не сум првпат во Македонија. Сум бил тука и порано, мислам околу 1963-64 година и околу 1965 година, како студент. Тогаш ја посетив Вашата земја како славист, а некое кратко време дури и го изучував македонскиот јазик. Меѓутоа, немајќи никаква пракса, во голема мера го имам заборавено.
Сега дојдов со поклониците, со голема радост, затоа што можеме заедно да служиме. Многу ми беше драго да видам колку е побожен народот. За нашите поклоници беше извонредно многу битно да ја видат старата култура и корените на македонскиот народ.
Како еден Германец станува православен, какво е Вашето искуство?
Го примив православието на основа на светите отци, кои ги читав на старословенски и на староруски, како студент по славистика. Подоцна читав и пеев во црква, додека сè уште не бев православен.
Оттаму веќе беше краток и брз чекорот кон крштение во нашата Црква.
Издавате црковен весник и литература на германски јазик. Кои се предизвиците за православното мисионерство во Германија?
Нашите списанија и книги ги издаваме како на руски, така и на германски јазик. Најголемиот дел од луѓето во Германија се крстени – протестанти или римокатолици. Меѓутоа, сè повеќе и повеќе наидуваме на луѓе кои воопшто немаат никаква вера.
Кај првите, римокатолиците и протестантите, мораме да го исправиме она што тие го научиле неправилно. Тоа се дрва кои растеле во неправилен правец. И честопати, тоа е потешко и посложено одошто да се работи со луѓе кои ништо не знаат за верата.
Додека, пак, кај некрстените, потребно е сè да се учи од почеток, меѓутоа тие се, на некој друг начин, „полесен материјал“ одошто крстените. На овие новокрстени православни христијани им е потребно многу внимание. Но, тие се мошне трудољубиви и ѝ се верни на Црквата.
Во манастирот „Св. Јов Почаевски“ во Минхен имате устроено светогорски типик. Како е можно да се пренесе автентичната светогорска духовност во срцето на една современа западноевропска метропола?
Нашите калуѓери со љубов го примаат нашиот типик и се навикнуваат без поголеми проблеми. Секако, во почетокот не е лесно. Но, секој човек може да почувствува дека тука постои нешто радикално поинакво од она што е животот во световното општество.
Дури и во нашиот женски манастир, каде што сестрите живеат по ист ритам, и тие го примаат со љубов и се навикнуваат без големи проблеми.
Сите се држат до тоа да имаат исповед секоја недела и тоа им дава сили за секојдневен живот.
Како ја гледате иднината на Православието во Западна Европа?
Нема сомнеж, во Западна Европа Православието има голема иднина. Само треба во богослужбите и во проповедите да се служиме сè повеќе и повеќе со локалниот, народен јазик.
Кои нешта сметате дека се најзначајни за православните христијани денес, односно кои се главните проблеми со кои православието се соочува, првенствено на духовен план?
За православните христијани најбитно е да имаат редовна и честа исповед и сериозен духовен живот.
Потребно е да имаме сознание дека сме навистина поинакви од останатите граѓани. Да се одликуваме во својот живот, во своето размислување, во својот однос кон сè што нè опкружува.
Учествувавте во процесот на обединување на Руската задгранична Црква со Московската патријаршија. Кои се најзначајните нешта што би ги издвоиле од тој процес?
Најзначајните нешта се: признавањето и прославувањето на руските новомаченици, од страна на Московската Патријаршија. Многу беше битно тоа што се одрекоа од екуменизмот.
Исто така, беше многу важно тоа што Руската задгранична Православна Црква ја зачува својата самостојност.

Какво е значењето на единството на Црквата?
Единството на Црквата се заснова на меѓусебната љубов и уважување. Можеме да имаме мноштво различни традиции и преданија, но ние имаме една единствена вера и љубов.
Која е Вашата порака до православните Македонци во татковината и во дијаспората?
Мојата порака до православните Македонци е да ја држат својата вера неизменета и чиста во сите животни околности, како најскапоцен дар, наследство кое го добиле од своите родители и прародители.
