Високопреосвештениот Митрополит Бачки Иринеј од Српската Православна Црква даде Божикно интервју за српскиот весник „Печат“. Во продолжение пренесуваме извадоци од ова интервју, објавено на 26 декември 2025 година, кои сметаме дека ќе бидат интересни за македонската читателска публика.
На прашањето „каде сме денес, колку нашите управувачки, духовни и интелектуални елити се дораснати на геополитичкиот хаос во кој моќните американско-центрични елити се спротивставуваат на слабеењето на униполарниот свет и на зајакнувањето на неговите алтернативи? Кон која страна на светот, како држава и општество, но и како поединци, денес мораме да се свртиме, кому да му веруваме, што да почитуваме, за што да се бориме?“ владиката, помеѓу останатото, кажа:
Динамиката на политичкиот живот, која со право ја нарекувате геополитички хаос, во последните денови доведе до целосен „коперниковски пресврт“ во светската политика. Она што до неодамна важеше без остаток – американското спротивставување на мултиполаризмот – повеќе не важи. Тукушто објавената Американска стратегија за национална безбедност ги руши основните претпоставки на поредокот што настана по паѓањето на Берлинскиот ѕид. За почеток, како пример, ќе наведам само три нејзини тези: светот е мултиполарен, либерализмот како доктрина повеќе не важи, Русија не е ултимативен непријател. Минатата година во ова време, се сеќавате, иако „со ракавици“, дававме умерено оптимистички прогнози во однос на политиката на американскиот претседател. Предлагам по ова прашање да останеме внимателни, по можност и мудри, но не можеме а да не констатираме дека многу од она што двајцата силно го критикувавме изминативе години, критички го согледува и штотуку објавениот документ за американската безбедносна политика, барем во верзијата што до нас стигнува преку медиумите. Иако рамките на таквата политика несомнено беа назначени во текот на изминатата година, фактот дека кај европските елити, поточно псевдоелити, таа предизвика ефект на експлозија на бомба во дневна соба, зборува дека Соединетите Американски Држави, и во позиција на макар прокламирано откажување од офанзивна политика, претставуваат суперсила од која во голема мера зависат сите други.
Јас немам многу информации (при што не им верувам премногу на медиумските информации во времето на „поствистината“ и хибридното војување), не сум, како што реков, политички коментатор ниту вообразен „аналитичар“, но ќе се осмелам накратко да го изнесам своето скромно гледиште. Сметам дека Србија треба и мора доследно, најдоследно, да се држи до воената неутралност, но дека не треба, не мора и, на крајот, не може да биде неутрална духовно, културолошки и цивилизациски. Духовно, српскиот народ уште од времето на примањето и усвојувањето на православното христијанство се одликува со својата трајна и истрајна ориентација кон „Истокот од висините“ (Лука 1, 78), со свртеност и насоченост кон тој Исток и кон светлината што од Него доаѓа (древна е мудроста: ex Oriente lux – „од Исток доаѓа светлината“; и самиот збор ориентација, изведен од именката ориент, ни ја покажува оваа вистина). Овој израз, „Исток од висините“, како што знаеме, е едно од најубавите библиски имиња на Господ Исус Христос, инспирирано од зборовите на пророкот Исаија (60, 1).
Духовно, значи, ние не сме определени за Истокот во целата негова широчина и разновидност, зашто тој не е само христијански во православна форма, ниту само муслимански, каде покрај разликите имаме и немалку допирни точки, туку и хиндуистички, будистички, конфучијански, шинтоистички…, каде допирни точки, ако ги има, се мерат во промили. Не сме ни за Западот, со кој во првото христијанско илјадалетие бевме заедно, всушност едно, во една Црква, а потоа со векови напоредно, едни покрај други, како православни, римокатолици и протестанти, а денес, за жал, сите сме христијанско малцинство на до неодамна постхристијанскиот, а денес сè повеќе антихристијански Запад.
Во овој контекст, ние сме „над Истокот и Западот“, според мудрите зборови на светиот владика Николај: не сме ни „Исток на Запад“, ни „Запад на Исток“, како што гласи апокрифната книжевна формулација, по „уметничка слобода“ припишана на Стефан Немања, која тој никогаш не ја изговорил, а која неупатените и незнајните ја сметаат за автентична. Ние, всушност – духовно, а потоа и културолошки и цивилизациски, што значи и историски – ѝ припаѓаме на православниот Исток, а не на современиот Запад, кој ни во теорија ни во практика веќе не се вдахновува од христијанството.
Дозволете ми да заклучам со зборовите на бесмртниот Солжењицин: ние не брзаме ни надесно ни налево, ние брзаме нагоре! Затоа сме, секогаш и во секое време, таму каде што е, без оглед на моменталните „политички односи“, вистинската православна васелена, „византискиот Комонвелт“, и големата православна Русија, без која денес нè немаше ни да постоиме, а за чие моќно пловило ќе остане приврзан и нашиот мал српски чамец (чун, како што велеше мојот блаженоупокоен имењак, патријарх Иринеј) на бурното море на денешниот свет.
Понатаму, на поставеното прашање: „слушаме тврдења како ова: ’Во нашата јавност имаме деградација не само на медиумите, туку и на јавниот живот воопшто, во култура на арогантно незнаење – своевидна дебилизација на политиката и културата. Главната негативна последица е радикална примитивизација на нашата јавност’, што понатаму се појаснува како своевиден ’пад во предмодерна состојба’. Дали, пред овие по последици очигледно напреднати негативни антицивилизациски процеси, Црквата се држеше премногу пасивно?“ митрополитот Иринеј во својот одговор истакна:
Најнапред да кажам дека во голема мера се согласувам со дијагнозата, иако сум уверен дека духот на „модерната“ и „постмодерната“ не е толку изгладен како што многумина често го претставуваат. Исклучок правам кај оценката дека „паѓаме во предмодерна состојба“. Постојат идеолошки причини поради кои модерната се разубавува, а зад нив се крие неуспешниот обид општеството да се изгради на атеистички основи или, како што говореше светиот старец Јустин Ќелијски, светот да се уреди без Бога. Односот меѓу слободата и правата на личноста, таканаречените човекови права, кои, впрочем, најгрубо ги газат токму оние што најгласно ги прокламираат, односно прашањето за организацијата на општеството за доброто на сите, во „предмодерното“, „модерното“ и „постмодерното“ доба, треба повнимателно да се анализира, и останува прашањето кое доба би однело превага. Но оваа тема, со Божја помош, би ја оставил за некој нареден разговор или за посебен авторски текст на страниците на „Печат“.
Да не заборавиме како беше спроведена Француската револуција и какви гнасни злосторства ја следеа, поточно, не само што ја следеа како некаков епифеномен, туку беа принос на нејзините првини и вистински показател на природата на нејзините плодови во процесот на градење општество на атеистички основи. Да се гради демократско општество без да се води сметка за духовниот живот на народот е исто како да се очекува жетва без сеидба: ќе никне коров. Тоа денес го доживува Европа, Западот, некогашниот христијански свет. Бог најпрво беше протеран од универзитетите, а потоа и од целиот јавен живот, во сферата на приватното. Тоа е основната причина за „дебилизацијата“ на јавната сфера; зашто каде што нема Бог, таму нема ни човек. Хуманизмот е пропадната идеологија и за тоа треба јавно да се зборува. Сите негови идеи, олицетворени во повикот „слобода, еднаквост, братство“, ги покажаа своите изопачени лица. Зашто однапред беше осуден на целосен неуспех обидот тие да се остварат така што претходно „ќе се убие Бог“.
Денес се наоѓаме на историска раскрсница, судбинска за целото човештво. Или ќе му се вратиме на Бога или врз нас целосно и до крај ќе се остварат злокобните зборови на несреќниот Ниче, со кои го навестуваше „доаѓањето на трагичната епоха“. Самата идеја за вистината за него претставуваше ропство, последното ропство на човекот – сенка на „убиениот Бог“, која треба решително, бескомпромисно и дефинитивно да се отфрли. „Можеби лагата е нешто божествено?“ – се прашуваше тој, злокобно најавувајќи ја ерата на поствистината. „Се подготвува – велеше – катастрофа поради која целата Земја ќе се витка во грчеви. Тоа ќе биде доаѓањето на нихилизмот.“
Се надеваме на Живиот Бог, Животодавецот, дека кај луѓето сепак ќе надвладее разумот и дека – макар во дванаесеттиот час – ќе се сетиме на совеста и ќе се вразумиме, дека ќе му се вратиме на Бога, а со тоа и на вистината, добродетелта, добрината и на сè што е достојно за пофалба, достојно за боголикото битие какво што е човекот. Без враќање кон Бога, сигурен сум, „дебилизацијата на општествениот живот“ ќе биде еуфемизам за состојбата што ќе настапи.
По ова скромно размислување, давам и директен одговор на Вашето прашање дали Црквата – конкретно Српската, а по синекдоха и севкупната, универзална, Католичанска или Соборна – пред овие процеси „се држеше премногу пасивно“ (при што овие зборови не ги разбирам како Ваш личен став, туку како „пренос“ на секојдневните медиумски инсинуации и флоскули): не само што не се држеше „премногу пасивно“, туку, во рамките на својата мисија и дадените можности, се држеше активно. И овој наш разговор, впрочем, го гледам како облик на активно држење и дејствување на Црквата.
Дозволете ми да резимирам! Каде што нема вера во Бога, нема ни место за темелните вредности на животот и моралот, а каде што нема такви вредности, не може да има ни заеднички јазик меѓу луѓето. За тоа сликовито сведочи познатата библиска повест за градењето на Вавилонската кула. Таа повест, а не популарната бајка за „илјада цветови во една градина“, ни ја соопштува и нам, овде и сега, вистината за Патот, Вистината и Животот, за патот што води во живот. Зашто духовната градина е една, ако баштината е една! Баштина тука значи наследство, свештено Предание (она што ни е предадено на чување во Црквата), а со секуларен речник – традиција. Ако сме добри градинари, во нашата градина ќе успеваат хранливи и вкусни плодови, а не отровен коров и трње.
Извор: https://www.tvhram.rs/vesti/vesti-iz-crkve/10545/mitropolit-backi-irinej-bozicni-intervju-pecatu
