Митрополит Јован за Слободен Печат: Не е потребно да имаме два томоси

Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Крушевско-демирхисарски г. Јован гостуваше на поткастот на „Слободен Печат“ насловен како „Попкаст со Мартин Богатиноски“, кој беше емитуван на 10 ноември 2025 година.

Помеѓу останатите теми за кои говореше, Митрополитот Јован се осврна и на решавањето на црковниот спор, интегрирањето на некогашната Православна Охридска Архиепископија со Македонската Православна Црква, признавањето од страна на Српската Православна Црква и прифаќањето во православниот свет.

На прашањето „Како го доживеавте моментот на помирување со МПЦ?“, тој одговори: „го опишувам како Божја волја сега да се случи тоа што го очекувавме, што го сакавме и посакувавме подолг временски период. Ние не го направивме формирањето на ПОА за да бидеме независна Црква, туку Црквата цела да се соедини. Сега е соединета Црквата во Македонија со многу Цркви.“

Продолжувајќи да зборува за односите во Православниот свет и положбата на Македонската Православна Црква, тој рече: „Мене сега ме боли тоа што има друг вид на раскол, меѓу Вселенската Патријаршија и Руската Православна Црква, и на некој начин некои бараат наше определување, или сте ваму, или сте онаму. Мислам дека не треба да имаме определување, затоа што го поминавме трагично тој период на неединството со другите Цркви. Колку е можно да бидеме добри со сите. Тоа е смислата на животот, тоа е смислата на Црквата, не е политички, сега геополитиката создава свои кланови и ние ќе се приклониме некаде. Не, туку смислата на Црквата единство, единство на Црквите помесни, а потоа на сите нас меѓусебно“.

Новинарот Мартин Богатиноски го постави прашањето: „Добивме томос за автокефалност од СПЦ, автокефална Црква сме, а пак некои медиуми ја туркаат таа тема дека не е завршена приказната и дека треба да добиеме томос од Цариград; дали е завршена работата или е потребно уште нешто?“

„Едно прашање кое требаше да излезе на соборот сеправославен во Крит во 2016 година е токму ова: кој дава автокефалија. Во подготвителните средби во 2009 или 2008 учествував и јас предлогот не беше дефиниран, имаше две иницијации: едното да остане дека само Вселенската Патријаршија може да даде конечен томос, а другиот предлог беше дека сите Православни Црква треба да се согласат некоја Црква да биде автокефална, на предлог на мајката-Црква. Значи, кај нас ако мајката Црква би била Српската, требаше сите други 13 Цркви да се согласат.“

„Бидејќи не се постигна консензус [за ова прашање], автокефалијата не излезе како тема на соборот на Крит. И остана двете опции: или само Вселенската Црква дава автокефалија, или мајката Црква дава, а другите отпосле да се согласат.“

Зборувајќи дали треба да се очекува втор томос, Митрополитот рече: „Мое мислење е дека не е потребно да имаме два томоси. Со една одлука може да биде признаено, но ако се прифати тој начин, кој е првичен, единствен, дека мајката-Црква дава автокефалија, тоа ќе биде и понатаму така“.

Продолжувајќи да зборува на темата за автокефалноста, Неговото Високопреосвештенство рече: „Константинопол ѝ даде [томос] на Украинската Црква [односно на Православната Црква на Украина – ПЦУ] и направи дополнителни несогласувања.“

Владиката зборуваше и за интеграцијата на архијереите на поранешната ПОА во МПЦ; прашан за односот со Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан тој рече дека тој однос е „Сосема коректен“. „Немаме никакви проблеми. Освен што, секогаш нагласуваме, дека епархиите кои ни беа доделени на сите припадници на поранешната ПОА се многу мали и нефункционални. Не заради тоа што се мали, […] работата е во тоа што се нефункционални, што значи дека нема доволно средства да се опскрби администрацијата. […] Ние тогаш ништо не баравме, само за да се реши проблемот, на сè согласивме, меѓутоа сега сакаме да го поставиме на дневен ред тоа прашање на функционалноста на епархиите.“

Помеѓу останатите теми на разговор, беше поставено прашањето дали во иднина Македонската Православна Црква ќе има недостиг од свештеници. На тоа владиката одговори: „Не можам тоа да го предвидам. Ама во секој случај треба да се заинтересираат луѓето кон правите вредности, не да одат во средно богословско или на факултет за да постанат свештеници и да имаат добри приходи и како слушам, да имаат џипови и не знам што. Ако е тоа мотивот, тој е погрешен. Мотивот треба да биде да Го засакаш Бога и да го засакаш откровението и науката Божја. Штом ја имаш неа, сè друго е додаток и сè друго ќе си дојде.“

Разговорот во целост може да се погледне на следното видео:

Попкаст со Мартин Богатиноски | Митрополит Јован: Затворот ми го зеде здравјето, но вистината победиПопкаст со Мартин Богатиноски | Митрополит Јован: Затворот ми го зеде здравјето, но вистината победи