Митрополитот Јован за ПЦУ: „Таа група во украинската црква не добила апостолско преемство“

Крушевско-демирхисарскиот митрополит Јован даде интервју за порталот „призма.мк“, во кое накратко ги изнесува своите гледишта во врска со условите што Цариградската патријаршија ѝ ги поставува на Македонската православна црква, во замена за издавање на свој Томос за автокефалност.

„Дилемата дали има или нема Томос не е едноставна, уверува владиката. Вели не грешат ниту оние што сметаат дека МПЦ доби Томос од Српската црква, ниту, пак оние што тврдат дека актот на признавање, сепак треба да ’дојава’ од Цариград“ – пишува порталот призма.мк.

Како што го пренесува порталот призма.мк објаснувањето на митрополитот Јован: „Православните цркви подолго време не успеваат да се договорат кој сега го издава томосот, дали мајката-црква, како во нашиот случај СПЦ, или Константинопол, како што било со векови. Впрочем, пропаднал обидот да се прецизираат правилата. Нашиот соговорник се навраќа на 2009 година, од кога датираат недоразбирањата. На собир во Швајцарија, помесните цркви не успеале да изберат една од двете понудени патеки до автокефалија. Првиот предлог бил Вселенската патријаршија да е главен потписник и без неа да не може да се даде томос, а другите цркви да се само сопотписници, додека вториот предлог томосот да се доделува со консензус на сите цркви.”

„Но, немало договор и затоа не постои обврзувачко решение”, заклучува.

„Најтешко ми паѓа што се бара да се фати страна. Или ќе бидеш на оваа, или ќе бидеш на онаа страна, тоа е најлошото во православието. Треба да се мисли на решение за следните 100 години. Тоа е само еден миг за Црквата“ – вели Митрополитот Јован.

Во врска со условот за дијаспората, тој вели: „Дијаспората е решен проблем. Не знам зошто го спомнуваат. За ова прашање е најден компромис. На сите Цркви им се остава тие да ја раководат дијаспората, новина е што се создава координативен совет што ги вклучува Црквите на конкретната територија“.

Во врска со условот, во вид на барање за промена на името на Македонската црква, Митрополитот Јован смета дека Охридска архиепископија е сосема прифатлив назив, зашто во себе носи историја долга илјада години. „Вселенската патријаршија е гркофонска црква, оттаму за неа и за елинскиот свет, што вклучува уште неколку промени и влијателни Цркви, терминот ’Македонија’ е срцепарателен“ – објаснува тој.

На крајот, Митрополитот Јован истакнува дека најголем проблем е признавањето на ПЦУ. Според неговото толкување, таа е неприфатлива, зашто една од трите групи што ја сочинуваат, го нема апостолското преемство. „На пример, за да стане некој ѓакон, мора јас да направам ракополагање, односно ѓаконот да го добие апостолското преемство од некој што веќе го има. Таа група во украинската црква не добила апостолско преемство“ – објаснува Крушевско-демирхисарскиот митрополит.

Тој потсетува дека не можат да се влечат паралели меѓу македонската и украинската црква. „Нам никој не ни го спори апостолското преемство, зашто Српскиот Патријарх ни го предал уште во 1958 година. Не е истиот случај во Украина“.

На прашањето зошто, и покрај догматските недоследности, Цариград ја призна украинската црква, Митрополитот Јован одговара:

„Јас имав можност да разговарам со најголемиот теолог таму, кој ми беше и професор, сега е починат, Јован Зизиулас. Во еден дијалог ми одговараше на сите други прашања, но за ова прашање немаше одговор. Само велеше – Цариград може да го направи тоа“.

„Руската црква,меѓу другото, се држи и за ова и вели чекај, ако ова вие го признаете – не сте православни“ – објаснува Митрополитот Јован.

Извор: https://prizma.mk/najlosho-e-da-izbirame-strana-pomegu-tsarigrad-i-moskva