Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Новозеландско-Сиднејски г. Тимотеј и портпарол на Светиот Архијерејски Синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, даде интервју за „Вечер“, кое е објавено на 3 мај 2024 година.
Во разговорот со новинарката Елизабета Арсоска, Митрополитот Тимотеј се осврна на актуелни прашања од животот на Црквата, Томосот добиен од Српската Православна Црква, притисоците од Цариградската Патријаршија и состојбите во Синодот.
Во продолжение, ова интервју го пренесуваме во целост.
Ваше Високопреосвештенство, во пресрет сме на празникот над празниците – големиот Велигден, празник кога се слави победата на животот над смртта, љубовта над омразата, успехот над неуспехот… вредности, кои денес како да се подзаборавени. Многу искушенија го нападнаа човекот: сиромаштија, болести, непризнавање… Сè помалку се мудрите луѓе, не оние кои мудро молчат, туку оние кои мудро постапуваат… Која е Вашата поука, каде да ја најдеме искрата надеж во воскреснувањето Христово за нов, мирен, ненасилен и здрав живот?
Од преголема љубов кон човечкиот род, Господ Исус Христос дојде помеѓу луѓето, прими човечко тело, и стана во сè сличен на нас освен во гревот. Сето ова Спасителот го направи од љубов, а со цел да го спаси човечкиот род. Тој не само што дошол туку претрпел и секакви страдања и маки, а на крајот бил распнат и како најголем грешник помеѓу двајца разбојници. Тој беше и погребан, а на третиот ден и воскреснал, а преку Воскресението дојде и спасението на човечкиот род од вечната погибел и од ропството на гревот и сатаната. Со Воскресението Христово е победена лагата, омразата, гревот и сите останати слабости што го обезличуваат човекот и што го прават да биде слуга на нечестивиот. Со Воскресението ликува љубовта, правдата и вистината, и торжествува Христос како победител над смртта и гревот и над секое зло. А секој кој верува во Него, а особено во Неговото Воскресение, добива инспирација и силна надеж за нов живот и за просперитет, и за победување на сите зла што ги носи овоземниот живот кај секој човек, независно од неговата ученост или општествена положба. Потребна е искрена вера и силна надеж, па колку и да е човекот паднат и грешен, да запаметиме дека нема грев и престап што е поголем од љубовта Божја, и што Семилостивиот Господ нема да го прости. Секако, само доколку човекот искрено се кае и бара помош од Воскреснатиот Христос.
Годинава, верниците ги поминуваат велигденските пости среде двојна, макијавелистичка изборна кампања во која „целта ги оправдува средствата“. Можно ли е во ваква атмосфера да ги отвориме своите срца за највозвишениот дар – љубовта и да ја примиме светлината на Христовото воскресение?
Македонската православна црква – Охридска архиепископија е богочовечка институција, и како своја задача има сите луѓе подеднакво да ги прегрнува, да ги прифаќа и да им помага, а сè со цел спасение на нивните души. Додека, пак, партиите, независно од нивната ориентација, имаат друга цел, што го кажува и значењето на името партија, а тоа е партизација или поделба. Според тоа, и да сакаат да дејствуваат поинаку, можностите им се ограничени. Во народот постои една изрека која вели: секое гребло влече кон себе. Па, така е и со партиите. Но, тоа на вистинскиот христијанин не треба да му смета вистински да го прослави Празникот над празниците, светлото Христово Воскресение, празник којшто ни дава љубов и надеж за идниот живот, а преку изменување на сегашниот.
Како од Ваша реална призма изгледа македонската општествено политичката слика во моментов? Дали во истата сцена се пресликува и ликот на МПЦ-ОА?
Македонската православна црква – Охридска архиепископија не е повикана да дава оцени и процени за политичката слика и сцена, не само денеска туку и воопшто. Како што рековме, Црквата е повикана сите луѓе да ги прибира, подеднакво да ги поучува и подеднакво да ги сака, а со цел спасение на нивните души. Политичката сцена е таква каква што е, како што е и во многу други плуралистички општества, каде што се напаѓаат едни со други, со аргументи или без аргументи, а сè со цел да се спечали некој глас повеќе. Вашето, пак, прашање, дали и ликот на МПЦ-ОА се пресликува, сметаме дека е несериозно, затоа што во Црквата ние немаме партии, ниту, пак, имаме изборни кампањи. Бидејќи, пак, Црквата ја сочинуваат луѓе од македонското народно ткиво, секој има право на личен избор на партија или идеал. Но, тоа е лично право и тоа никој никому не може да му го скрати. Но, официјалниот став на МПЦ-ОА е јасен и гласен, дека ние не поддржуваме ниту една партија, а ќе соработуваме со секоја што е добронамерна и што работи за доброто на нашиот народ и за нашата света Црква.
И искушенијата на МПЦ-ОА не запираат. На Третата недела од Великиот пост бевте домаќин на најблискиот соработник на Вселенскиот патријарх, Митрополитот Кирил, со кого имавте и заедничка богослужба. Но, оваа посета на високиот гостин, наместо светлина фрли сенка, откако преку еден македонски медиум имаше неколку пораки меѓу кои и тоа дека МПЦ-ОА од СПЦ доби лажен томос кој е срам за Црквата. Што лично Вам Ви рече и дополнително, како македонските владици реагираат на овие пораки?
Искушенијата се составен дел од животот на секој човек, па следствено и во рамките на МПЦ-ОА. Црквата ја раководи Светиот Дух, а ние, архијереите и останатите чинители во Црквата, сме помошници преку кои дејствува благодатта Божја. Преку таа благодат се поминуваат сите препреки и искушенија што доаѓаат независно од нашата желба и волја. Што се однесува, пак, до ставовите на митрополитот на Имврос и Тенедос г. Кирил, можеме да кажеме дека тоа се ставови на Вселенската патријаршија што не се нови. А за неговата формулација дека томосот е лажен, можеме да кажеме дека подобро е тоа да им го објасни на оние цркви кои го признаа тој томос, како што се Српската православна црква, која и го издаде, Руската православна црква, Романската православна црква, Бугарската православна црква, Црквата од Чешка и Словачка. Ако овие цркви прифаќаат лажни томоси, тогаш можеме да разговараме и размислуваме за такви квалификации. Но, колку што нам ни е познато, според одлуката на последната конференција во Шамбези за тоа како да се доделува автокефалност, јасно и гласно се вели дека онаа црква од која се одделува еден дел треба да даде согласност и да издаде томос. Потоа треба да ги информира останатите православни цркви истиот да го прифатат, а најпосле Цариградскиот Патријарх заедно со оној кој го издал томосот да излезат со заеднички потпис, повторно во согласност со останатите православни цркви. Овој принцип Цариград очигледно не го почитува, повикувајќи се на тоа дека прашањето за автокефалност не било на дневен ред на соборот во Крит. Меѓутоа, прашањето за автокефалноста не е расправано со векови, што не значи дека некој треба да чека нови вселенски собори. Ова е уште појасно ако се знае дека во XIX век најголем дел од црквите се прогласени за автокефални без никакви собори туку во согласност со црквата од каде што се одделиле, а Цариград, пак, им издал томос. Нашата света црква не ги прекратува разговорите со Вселенската патријаршија за изнаоѓање на решение за издавање на томос и од Цариград, а со што целосно ќе се заокружи решавањето на автокефалниот статус на МПЦ-ОА.
Вселенскиот владика го користи името Црква на Охрид, но недвосмислено користи и изговара името Охридска архиепископија? Ни се наметнува ли ново име на црквата?
По однос на прашањето за името на нашата света црква, Македонската православна црква – Охридска архиепископија го следи примерот на останатите православни цркви коишто се формирани во поново време, како што се: Српската, Бугарската, Албанската, Чешката и Словачката, но, истовремено, го користи и еклисолошкото или црковното име, а тоа е Охридска архиепископија. На ваков начин го користат црквите што се од најраните времиња, оние петте најстари патријаршии, или т.н. пентархијата. Според тоа, Охридска архиепископија е име што треба да се респектира, бидејќи со тоа име добиваме и десетвековна реална историја, а секој што барем и малку се разбира од историја, треба да биде горд на ова, а не да се вознемирува поради истото.
Има ли притисоци од Фанар за МПЦ-ОА ја признае Православната црква во Украина, а за возврат да го добие долгоочекуваниот томос?
Како што кажавме, разговорите со Вселенската патријаршија не се прекратени, иако се малку успорени, но се одвиваат, и се надеваме дека во иднина тие ќе бидат интензивирани, а со цел да се дојде до разумно решение за постигнување на крајната цел, а тоа е и Цариград да издаде томос на МПЦ-ОА. Во овој момент не можеме да тврдиме кога ќе се случи тоа. Истовремено, се надеваме дека и прашањето со Украинската православна црква во скоро време ќе биде разрешено, а најпрво и со престанувањето на војната во Украина.
Што, според Вас, е потребно за МПЦ-ОА да влезе рамноправно во семејството на целата православна икумена?
Сметаме дека ова прашање е одговорено во претходните одговори, но ние и со томос од Цариград и без него сме во екумената на православните цркви, бидејќи можеме да сослужуваме со останатите православни цркви, без оглед на тоа дали нѐ признаваат како автокефални или не. Најважно е сослужувањето и заедничкото учество со останатите православни цркви во светиот Путир, во светото Тело и Крв Христови.
Колку се вистина гласините дека во Синодот, особено по интегрирањето на ПОА во редовите на МПЦ-ОА, има несогласувања?
Не знаеме од каде Ви се ваквите информации, но тие се апсолутно неточни. Синодот работи во два состава: во мал работен состав и во пленарен. Досега сме имале две пленарни седници, и кај ниеден архијереј од поранешната ПОА не сум забележал дека има поинакви ставови и размислувања од официјалните ставови на МПЦ-ОА, како помеѓу својата паства така и во јавноста. Но, и Синодот го сочинуваат луѓе, па според тоа, од толкав број луѓе нормално е да има и поединци кои размислуваат поинаку. Но, тоа не е ништо ново, и секој има право да мисли, размислува и да заклучува. Одлуките во САС на МПЦ-ОА се носат или со мнозинство или едногласно, и тие се задолжителни за секој еден од нас и за оние за кои се однесуваат.
Ја користам оваа прилика, да Ви се заблагодарам за интервјуто, а на сите наши верници да им го честитам Празникот над празниците – светлото Христово Воскресение. Христос да воскресне во сечија душа и да изгони секаков мрак и темнина. Во сите нас да засвети радоста и љубовта на Воскресението, сега и во сета вечност. Сите Вас Ве поздравувам со древниот поздрав: Христос воскресе!
Извор: https://www.vecer.press/intervju-vladika-timotej-od-vselensk/