Фото-репортажа од канонизацијата на светата Стефанида

Прославата на канонизацијата на новозасветлената Божја угодничка, преподобномаченичката Стефанида Битолска и Скадарска започна со вечерна богослужба во нејзина чест, во Слепченскиот манастир „Св. Јован Претеча“, Демирхисарско. На службата началствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар. Сослужуваа свештенослужители од Македонската, Српската, Бугарската православна црква и од Црквата на Чешките земји и Словачка. Петолебието го благослови Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Црногорско-приморски г. Јоаникиј.

Во продолжение беше отслужена последна панихида за светата Стефанида.

Утредента, на Божествената Литургија (за која поопширно известивме тука), епископот Хераклејски г. Климент, ја обнароди Одлуката на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, со која преподобната маченичка Стефанида Скадарско Битолска се вбројува во ликот на светителите на Православната Црква.

Споменот на преподобната маченичка Стефанида, ќе се празнува во Неделата на Сите Светии, една недела по празникот Педесетница.