Видео репортажа од манастирот „Св. Никола“ во Мариово

Телевизијата „24 Вести“ на 19 мај годинава објави видео репортажа од манастирот „Св. Никола“ во Мариовското село Манастир.

Во репортажата во рамките на својата програма „Студио 10“ новинарката Адријана Митевска Момироска разговараше со игуменот на овој манастир, Преосвештениот Епископ Велички г. Никола, кој зборува за манастирот „Св. Никола“ и за монашкиот живот воопшто.

Во разговорот, Неговото Преосвештенство накусо се осврна и на прашањето на признавањето на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија:

„Во смисла на вториот дел од Вашето прашање, до каде стојат работите со признавањето на Македонската Православна Црква, за нас е јасно дека тој процес не само што е почнат, не само што е развиен, туку тоа се веќе едни вообичаено последни фази во коишто другите Цркви би требало да го потврдат тој документ што првично го даде Српската Православна Црква во 2022 година. Кога тоа ќе се случи, на кој начин особено гркофоните Православни Цркви ќе заземат став во однос на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, тоа е прашање на време и не е умесно секој одделно да гради независен и самостоен приод кон тоа прашање. Нашата Црква отсекогаш, уште по воениот период, огромно значење давала на тоа прашање; постои комисија во рамките на Светиот Архијерејски Синод која е задолжена, согласно со ставовите на самиот Синод и на Црковно-народните собори кои се произнесувале по тие прашања, да го гради дипломатскиот приод кон тоа. Но, за нас со самото подигнување на шизмата, односно воспоставувањето на канонското евхаристиско единство со другите Цркви, прашањето може да кажеме дека е завршено во смисла на суштината на црковното живеење, а тоа е Литургијата и литургиското сослужување.“

Репортажата во целост можете да ја погледнете на следната снимка.

Студио 10 - Репортажа од манастирот Св. Никола во село Манастир МариовоСтудио 10 – Репортажа од манастирот Св. Никола во село Манастир Мариово