Соопштение од Брегалничката епархија

Возљубени во Господа духовни чеда мои

Со голема тага и болка во душата утринава ја примив страшната и тажна вест што се случи во нашата Епархија, поточно во градот Кочани. За сите починати коленоприклоно го молам воскреснатиот Бог да ги насели меѓу ангелите и светителите во Царството Небесно и ова страдање да им го прими како мачеништво.

Сочувствувам во болката и тагата со родителите, роднините и со сите кои на било кој начин се погодени од оваа страшна несреќа.

Во овие тешки моменти, да бидеме едни покрај други, пружајќи утеха на оние кои што им е потребна во овој тажен миг.

Се молиме на семилостивиот Христос, Лекарот и Исцелител, да им ги исцели телесните рани и да им подари брзо оздравување на тешко настраданите.

Ги повикувам сите натажени луѓе, да имаат вера во воскреснатиот Бог, дека човекот како икона Божја, не е создаден да го нема, но е создаден како Образ Божји за вечен живот и Царство Небесно.

Вечен спомен и Царство Небесно на сите упокоени во Христа Воскреснатиот!

Со болка во душата, надлежен Митрополит Брегалнички Иларион

Од канцеларијата на Македонската Православна Црква – ОА, Брегалничка Епархија, Штип

Извор: https://www.bregalnickaeparhija.org.mk/