Патријархот Московски и на сета Рус Кирил деновиве се наоѓа во посета на Валаамскиот манастир во Русија. На 10 јули 2024 година тој ги посети игуменските манастирски гробишта.
Игуменските гробишта се подигнати од игуменот Дамаскин во 1876 година, крај дрвената камбанарија, посветена на преподобен Сергиј Радонешки. На овие гробишта, Патријархот Кирил им се обрати на присутните. Во таа прилика, тој се потсети на првата отслужена Литургија во манастирот во времето на безбожничкиот советски период. Тоа се случило во 1969 година, кога и тој самиот бил учесник во таа прва Литургија.
Потоа, поглаварот на Руската православна црква отслужи помен за упокоените Валаамски игумени. Исто така, Патријархот отслужи помен на гробот на архимандрит Методиј Петров од Македонија, кој долги години живееше во Валаамскиот манастир и е познат по неговата богата и плодна монашка и пастирска дејност. Тој беше и директор на православниот културно-просветен центар „Валаамска светлина“. Отец Методиј се упокои на 22 јули 2021 година.
На поменот присуствуваа и: Митрополитот Санкт-Петербуршки и Ладошки Варсануфиј, Митрополитот Воскресенски Григориј, Троицкиот епископ Панкратиј (старешина на манастирот) и Раменскиот епископ Алексиј (личен секретар на Патријархот). По завршување на поменот, Патријархот Кирил положи цвеќе на гробот на архимандрит Методиј.