Нов филм инспириран од животот на Св. Мојсеј Мурин, во режија на Јелена Поповиќ — чиј претходен филм „Човек Божји“ ја раскажа приказната за св. Нектариј Егински и освои повеќе награди — е најавен за кино-прикажување низ Соединетите Американски Држави во периодот од 30 јануари до 5 февруари.
Филмот „Мојсеј Мурин“ ја следи приказната на Малик, водач на улична банда од Чикаго, кого го игра Омар Епс. Неговата приказна е инспирирана од светителот од IV век, кој од живот исполнет со насилство се преобразил во еден од првите африкански христијански светители и истакната личност меѓу Отците на пустината. Филмот ги истражува темите на криминалот и искупувањето во современ контекст, правејќи паралела со историското патешествие на светителот — од насилство кон радикално милосрдие.
Во најавата за филмот читаме:
„Неговата баба, богобојазлива жена која го воспитала, на Малик му остава мала икона на Св. Мојсеј Муирн — чија приказна почнува да го следи со визии што не може да ги игнорира. Додека ривалските банди — предводени од немилосрден водач (Кваво) — и корумпиран полицаец (Клиф Чемберлејн) се стегаат околу него, а улиците се на раб на отворена војна, Малик мора да се соочи со минатото кое одбива да го пушти — и со најопасната закана од сите: непријателот во самиот себе.“
Актерската екипа ги вклучува и популарниот музичар Виз Калифа, кој ја игра улогата на шеф на екипата на Малик, кој влегува во борба за моќ со водачот на ривалската банда по име Стро. Кертис Џексон – „50 Цент“ е извршен продуцент на филмот.
Филмот содржи оригинален музички албум продуциран од Виз Калифа, со придонеси од Кваво и други изведувачи. Според Џексон, филмот е суров, емотивен и моќен, насочен кон искупување и вистинска внатрешна преобразба.
