Од 29 јануари 2026 година во кината во Грција ќе започне прикажувањето на филмот „Свети Паисиј“, посветен на еден од најпознатите современи православни светители, чиј духовен лик остави длабока трага во животот на милиони верници.
Станува збор за прва филмска адаптација за свети Паисиј на големото платно, заснована врз успешната телевизиска серија „Свети Паисиј – Од Фараса до Небото“, која беше примена со мошне позитивни критики од страна на публиката ширум светот.
Филмот е во продукција на Институтот „Свети Максим Грк“, сценариото е на Јоргос Цијакас, а режијата ја потпишува Стамос Цамис. Музиката е на композиторот Туомас Кантелинен, додека во актерската екипа учествуваат истакнати грчки актери.
Како што соопштуваат продуцентите, приходите од прикажувањето на филмот ќе бидат наменети за поддршка на здруженијата на многудетни семејства, со што проектот добива и изразена хуманитарна димензија.
Со ова филмско остварување, ликот и духовното наследство на свети Паисиј повторно доаѓаат во фокусот на јавноста, потсетувајќи на значењето на современите светители во животот на Црквата и на верниот народ.
