Онлајн-кино ќе прикаже серија документарни филмови за руските новомаченици

На 5 април 2026 година, на Цветници, на онлајн-кинотеатарот „Око“ ќе се одржи премиерата на серијата документарни филмови „Живо слово“, посветена на новомачениците и исповедниците на Руската Црква, соопштува интернет страницата на Московската Патријаршија.

Серијата „Живо слово“ се состои од четири филмови за руски светители од XX век, обединети со еден подвиг — верност кон своите христијански идеали во годините на прогон на верата во периодот на воинствениот атеизам. Тоа се четири „кино-житија“ — на маченикот-мисионер Николај Варжански „Јас заминувам во вечноста“, на свештеник-исповедникот Роман (Медвед) „Непрекинато стремење кон совршенство“, на маченичката Татјана Гримблит „Би го положила животот за тебе“ и на свештеномаченикот Тадеј (Успенски) „Блажени се чистите по срце, зашто тие ќе Го видат Бога…“.

Проектот опфаќа широка географија на снимање — од Петрозаводск до Томск, од Севастопол до Перм, и вклучува повеќе од 20 часа интервјуа со историчари, истражувачи и свештенослужители, значителен обем архивски материјали, документи и филмска хроника. Филмовите од серијата се одликуваат со разновидни уметнички решенија; на пример, филмот за архиепископот-маченик Тадеј (Успенски) е монтиран во жанрот на филозофска парабола, во чии рамки е пренесен исклучиво говорот на самиот светител — авторите не додале ниту еден збор.

Серијата „Живо слово“ е создадена во периодот 2024–2025 година од тим млади кинематографи: режисерката Екатерина Орловска, снимателот Константин Овчиников, монтажерката Ксенија Јаблочникова, композиторот Роман Лапкин и други, под научно раководство на црковниот историчар и член на Синодската комисија за канонизација на светители, архимандрит Дамаскин (Орловски).

Проектот е реализиран со поддршка на Претседателски фонд за културни иницијативи, филмското студио „Фома Кино“ и продуцентката Анастасија Легојда.

Творците планираат да го продолжат овој проект.

Извор: https://www.patriarchia.ru/article/120326