Во Крстопоклонната недела, на 15 март 2026 година, во Соборната сала на Православниот универзитет „Свети Тихон“ во Москва се одржа премиерата на новиот филм за свети Јован Шангајски и Санфранциски (би додале и: Битолски) чудотворец – „Аромат на светоста“.
Авторот на филмот, протојереј Петар Перекрестов од соборниот храм „Пресвета Богородица – Радост на сите ожалостени“ во Сан Франциско, повеќе од 10 години собирал материјали за овој филм, од јавни извори и од приватни архиви. Особена вредност на делото му даваат архивските снимки на кои е забележан самиот светител. Во филмот „Аромат на светоста“ нема лични сведоштва од луѓе што го познавале свети Јован, ниту размислувања за значењето на неговиот подвиг. Наместо тоа, во него се претставени само зборовите и поуките на свети Јован, бројни ретки фотографии од владиката, како и архивски снимки на кои можат да се видат светите цар-маченик Николај II и неговото семејство, светиот патријарх Тихон, преподобномаченичката велика кнегиња Елисавета Фјодоровна, како и повеќе од 14 минути снимки од самиот владика Јован. Во периодот од 2024 до 2026 година, филмот беше прикажан во Полска, Швајцарија, Франција и во низа парохии на Руската Задгранична Црква во САД и Канада: во Вашингтон, Монтреал, Лос Анџелес, како и во Свето-Троицката духовна семинарија во Џорданвил и Свето-Владимирската духовна семинарија во Јонкерс (држава Њујорк).
По проекцијата, протојереј Владимир Воробјов говореше за својата особена почит и љубов кон Руската задгранична Православна Црква и го истакна големото значење на обновувањето на црковното единство во 2007 година. Вечерта заврши со поклонение на новата икона на св. Јован со честичка од неговите мошти, како и со разговори со епископот Менхетенски Теодосиј и со авторот на филмот, протојереј Петар Перекрестов.
















