На 26 февруари 2026 година во официјалната руска кинодистрибуција излегува новиот документарен филм „Мрежа“, изработен од телевизискиот канал „Спас“. Филмот раскажува за правилата по кои постои Интернетот, за ризиците и заканите што тој ги носи, како и за тоа како влијае врз луѓето.
Гледачите ќе видат како мрежните корпорации ги експлоатираат и монетизираат човечките слабости и пороци, уништувајќи ги животите и судбините на оние што потклекнале на дигиталните измами. Секој втор жител на Русија признава дека е зависен од мобилен телефон и од Интернет, а психолозите оваа состојба ја изедначуваат со зависноста од алкохол и дроги. Во особено ризична група се децата. Многу тинејџери постојано се онлајн и не можат да поминат ни неколку часа без мобилен телефон. Виртуелниот живот на многумина им изгледа посветол од реалниот, а анонимноста и маските на аватарите понекогаш придонесуваат за ослободување на темните страни на човечката душа. Авторите на филмот тврдат дека во Русија 10 милиони деца се вклучени во деструктивни заедници на социјалните мрежи.
Во своето обраќање на XI Меѓународен фестивал на православни медиуми „Вера и слово“ во октомври 2025 година, Неговата Светост Патријархот Московски и на сета Рус Кирил изрази загриженост во врска со прекумерното навлегување на луѓето во интернет-просторот: „Не е тајна дека постојат одредени манипулации поврзани со користењето на информатичките технологии. Намерното искривување на фактите и различните јазични манипулации ја придружуваат рекламната дејност, политичките кампањи, како и меѓународните конфликти… Расте генерација што се навикнува да го согледува светот околу себе низ призмата на виртуелниот свет, во кој секој збор, секое видео и фотографија, па дури и секој човек, може да се покаже како дигитален фалсификат. А ние се наоѓаме само на почетокот на овој лизгав пат, чиј краен исход може да биде целосно бришење на границата меѓу реалното, постоечкото и виртуелното, ефемерното, односно непостоечкото“.
Хероите на документарниот филм „Мрежа“ се тинејџери кои страдаат од зависност од видеоигри, возрасни кои изгубиле цели богатства во онлајн-казина, деца кои минуваат низ рехабилитација од зависност од мобилни телефони, волонтери кои спасуваат тинејџери од сајбер-криминалци, како и активисти кои ги разобличуваат креаторите на суицидалните групи. Експерти за сајбер-безбедност, психолози и свештеници зборуваат за опасностите што ги носи потонатоста во виртуелната реалност и за тоа како зависноста од Интернет ги крши човечките судбини.
„Дигиталниот свет е вистинска џунгла, во која нема семафори и правила — таму насекаде се поставени замки и вирови на вовлекување, кои, ако е добро, ни го крадат само времето, но во суштина многу често ја одземаат и душата, и психичкото здравје, па дури и животот“, вели генералниот директор на телевизискиот канал „Спас“ и генерален продуцент на филмот, Борис Корчевников. „Ние направивме филм во кој се обидовме да ги прикажеме технологиите на вовлекување на човекот во виртуелниот свет и тешките последици од тоа: психолошки и духовни нарушувања. Во него за првпат се разоткриени не само незабележливите замки на Мрежата, туку истовремено се дадени и медицински, социјални и евангелски погледи на проблемот на ‘дигиталното цунами’, пред кое сите ние стоиме и од кое ни е потребна заштита“.
Гледачите на филмот не само што ќе дознаат за манипулациите на Интернетот, туку и ќе откријат правила за животот онлајн кои ќе помогнат во заштитата од дигиталното цунами.
Информативни партнери на проектот се радиото „Вера“, радиото „Радонеж“ и платформата „Смотрим“.

