Во Грузија од крајот на 2024 година се снима долгометражен филм за животот на свети Гаврил Исповедник, современото лице на грузиското православие. Филмот го носи насловот „Борбата – отец Гаврил“, а режисерот Георги Качавара работел дванаесет години за да го реализира овој проект. Во филмот учествуваат низа познати грузиски актери. Главната улога му е доверена на актерот од Младинскиот театар Зура Авсаджанишвили.
Снимањата се одвиваат во различни краишта на Грузија: во Тбилиси и Мцхета, во Поти и на други места. Филмот започнува од моментот во животот на отец Гаврил кога тој го пали портретот на Ленин, по што започнува најтешкиот период од неговиот живот. Тогаш тој имал триесет и шест години.
Режисерот Георги Качавара, член на филмските академии на Бразил и Грузија, раскажува за филмот:
„Снимаме двочасовен игран филм за светиот преподобен отец Гаврил, исповедник-јуродив. Во филмот е прикажан неговиот тежок живот – раскажувањето започнува од моментот кога, на комунистичката парада тој го запалува огромниот плакат со ликот на Ленин, за време на испрашувањата им вели на чекистите: ‘Таму треба да виси распетието на Христос, а не портретот на Ленин. За што му е на човекот слава? Славата Му припаѓа на Христа Бога’. Во затворот му нуделе да признае дека сè извршил по наредба на Црквата, а за возврат му ветувале дека ќе му го поштедат животот. И покрај долгите мачења и страдања, отец Гаврил останува непоколеблив. Странскиот печат известувал за овој сензационален случај. Во текот на седум месеци тој бил држен затворен во психијатриска болница… Во овој филм гледачите ќе видат многу интересни и малку познати настани…“.
Актерот кој ја толкува улогата на светецот раскажува за своето преобразување во овој тежок лик:
„Филмот покажува како човекот, со својата вера, се исправува против онаа безбожна држава, против еден чудовишен поредок, и поради тоа минува низ огромни страдања. Го носат во психијатрија, затоа што сметаат дека има психички проблеми, потоа го фрлаат во затвор. Таму станува жртва на измачувања, поднесува многубројни страдања, но како човек што живее во вера и со внатрешна сила, сè поднесува достоинствено. Отец Гаврил е пример за човечност: храбар, достоинствен, би рекол и артистичен – сè тоа се спојува во него. Восхитува неговата верност кон Христос, особено ако се има предвид периодот во кој успева да ја зачува: се исправува против тие атеисти, против една огромна империја, за која неговото убивање не би значело ништо. Но младиот човек, проникнат со вера, таа исклучително силна личност, издржува до крај, сè поднесува и, всушност, го победува злото. Би рекол дури дека уште од самиот почеток, штом започнува таа борба, тој веќе бил победник, постигнувајќи го тоа единствено со кротост и смирение“.
На прашањето како го проучувал ликот на својот херој, актерот одговара:
„Кога се допираме до светец или до нешто свето, по правило пристапуваме со особено благоговение. А тоа благоговение пречи во одигрувањето на улогата. Затоа решив да ја прикажам личноста која поминала низ сето тоа, со своите емоции и доживувања. За едни тој бил пијаница, за други – светец, за трети – никој или едноставно пациент во психијатријата, па дури и хулиган… За мене беше важно да се прикаже неговата лична сила, издржливоста на болката, трпението, непоколебливоста во верата – наспроти трагичните настани низ кои поминал“.
Актерот признава дека, додека се подготвувал за улогата и го проучувал животот на отец Гаврил, тој се вратил кон верата, која дотогаш ја доживувал само како дел од грузиската традиција и идентитет.
Извор: https://dveri.bg/component/com_content/Itemid,100724/catid,19/id,74767/view,article/
