Со благослов на Митрополитот Гавриил Ловчански, во Ловеч, Бугарија, повторно започнува фестивалот „Денови на православното кино“, организирани од Ловчанската митрополија. Проекциите ќе се одржуваат секој вторник од првата до петтата недела на Великиот пост во параклисот „Воведение Богородично“ при новата катедрала „Св. Кирил и Методиј“, со почеток во 18:00 часот. Првата проекција ќе биде на 3 март, а следните на 10, 17, 24 и 31 истиот месец.
Оваа година „Денови на православното кино“ ја вклучуваат првата сезона од значајниот грчки сериски филм „Од Фараса кон небесата“, кој го прикажува патот на свети Паисиј Светогорец од Кападокија до духовните височини на монаштвото на Света Гора. Филмот ја следи внатрешната борба на светителот и неговото духовно созревање, строгиот подвижнички живот, љубовта и сочувството кон луѓето, како и неговиот дар да утешува, поучува и ја зацврстува верата. Прикажани се бројни средби на старецот со мирјани, духовници и млади кои бараат совет, а не се изоставени ни различни случаи на чуда и пројави на натприродните дарови на прозорливост и исцеление што ги поседувал. Низ сите епизоди одекнува словото на овој толку сакан современ подвижник на благочестието — слово што ја спојува простотата со светоотечката мудрост, смирението и божествената сила – се вели во известувањето од Бугарската Патријаршија.
Извор: https://bg-patriarshia.bg/news/zapochvat-dni-na-pravoslavnoto-kino-2026-v-lovech
