Поетски настан во Струмица по повод денот на ослободувањето на градот

Известува: Катерина Дафчева

На 19 септември 2026, во 19.30 часот, на струмичкото корзо пред зградата на Општина Струмица, ќе се одржи поетско-музичкиот настан „Граде мој“, во организација на Фондација „Елеуса“, во рамките на одбележувањето на Денот на ослободувањето на Струмица. Настанот ќе ги обедини староградската музика, поезијата, драмата и визуелната уметност, со учество на музичари, актери и млади таленти.

Староградска музика ќе изведува ВИС „Стихири“, додека членовите на Здружението „Иван Василевски“ ќе интерпретираат стихови посветени на Струмица и нејзините жители. Драмски реплики од делата на струмичкиот и македонски писател Митко Маџунков ќе изведат гимназијалци од СОУ „Јане Сандански“.

Во програмата ќе учествуваат и млади таленти, кои под менторство на уметниците Љупка Галазка-Василев и Георги Кончалиев ќе ги претстават своите творечки видувања на градот.

Преку музиката, поезијата и драмата, настанот ќе се наврати на културната меморија на Струмица и на корзо како традиционално место за средби и градскиот живот.