Естонскиот православен композитор Арво Парт повторно беше именуван како најизведуван жив композитор во светот, според годишните рангирања составени од „Бахтрак“, британска платформа специјализирана за анализа на музиката – известува романската црковна новинска агенција „Базилика“.
Според естонските медиуми, рангирањето го истакнува извонредното меѓународно влијание на Парт, иако јубилејната година беше значајна за повеќе од обични статистики. Неговиот син, Михаел Парт, изјави дека изведбите биле обележани со необично внимание од публиката, што укажува на сè поголема желба за музика со „внатрешна, духовна длабочина“ – и за уметност што може да служи како обединувачка сила во сè пофрагментираниот свет.
Арво Парт, речиси едногласно сметан за најголемиот композитор на Естонија и една од највлијателните живи личности во класичната музика, наполни 90 години на 11 септември минатата година.
Неговите дела – воздржани, светли и во голема мера рамнодушни кон модата – продолжуваат да заземаат единствено место во концертниот живот, редовно појавувајќи се покрај Бах и Бетовен во програмите низ Европа, Северна Америка и Азија.
Пет дела во Топ 10
Според податоците на „Бахтрак“, пет дела на Арво Парт минатата година се најдоа меѓу десетте најизведувани современи композиции во светот.
Станува збор за „Fratres“, „Da pacem Domine“, „Magnificat“ и „Cantus in Memoriam Benjamin Britten“. Неговото хорско дело „Tribute to Caesar“ исто така влезе во првите десет.
Зад Арво Парт, во првите пет, се најдоа Џон Вилијамс, Филип Глас, Џон Адамс и Томас Адес.
Минатата година, центарот посветен на следење на уметничката активност на естонскиот композитор регистрирал 1.130 концерти и шест музички фестивали посветени на Арво Парт во 2025 година.
Музиката на естонскиот композитор исто така е во центарот на програмата на сезоната 2025–2026 во престижната Карнеги Хол во Њујорк, додека Лајпцишкиот Гевандхаус го именува за композитор во резиденција за периодот 2025–2027.
Во февруари, Естонското хорско здружение го прогласи Арво Парт за Хоров композитор на годината.
Арво Перт и Православието
Православието е темелот врз кој естонскиот композитор ја изгради целата своја уметничка идентитетска визија. По период на длабока творечка криза во 1960-тите, Перт премина во Православието во 1972 година.
Оваа промена беше проследена со години молк и интензивно изучување на григоријанското пеење и средновековната полифонија, процес што доведе до раѓањето на неговиот уникатен стил наречен tintinnabuli (од латинскиот збор за „ѕвончиња“).
Неговата музика длабоко ја одразува православната духовност и често се опишува како форма на звучна молитва. Парт го користи принципот на едноставност и економија на средства, инспириран од исихазмот.
Ова влијание е очигледно во неговите зрели дела што директно користат литургиски текстови, како „Kanon Pokajanen“ (Покајен канон) или „Triodion“. Личност која радикално влијаела врз неговото размислување и творештво бил свети Софрониј Сахаров.
Двајцата се сретнале во 1980-тите во Велика Британија, кога естонскиот композитор емигрирал на Запад.
Извор: https://basilica.ro/arvo-part-top-popularitate-mondiala-90-ani/
