Пишува: Катерина Дафчева
Mладиот Виктор, лице со аутизам, подготвен за важна мисија – заедно со нашиот волонтер Кире, ги бираа најважните точки и ги лепеа плакатите за големиот хуманитарен концерт што го организира Фондација Елеуса.
Неговиот аутизам никогаш не бил пречка – напротив, неговата посветеност и ангажман да се информираат жителите на Струмица и Босилово за овој важен настан е вистински пример за тоа како секој од нас може да придонесе на свој единствен начин.
Фондација Елеуса, со својот најнов проект „Со песна до инклузија”, создава една поинаква приказна- музиката како моќна алатка за општествени промени. Овој хуманитарен концерт не е само музички настан – тоа е прослава на различностите и потврда дека заедно можеме повеќе, велат од Фондација Елеуса.
– Особено инспиративен е фактот што во организацијата на концертот активно учествуваат лица со аутизам, даунов синдром, телесна попреченост, ќе ги вклучиме и членовите на глувата и наглувата заедница. Нивното учество не е само симболично – тоа е жив доказ дека секој од нас има што да понуди на општеството, велат од Елеуса.
И во наредните денови нашите активности ќе бидат заеднички со лицата кои имаат потреба од инклузија. Во целокупната организација на концертот рамноправно учествуваат тие лица, заедно со нашите волонтери. Целта ни беше да направиме настан во кој ќе бидат вклучени како директни учесници, а не само како пасивна публика. Немаме зборови да кажеме, колку ги исполнува овој нивни ангажман. Секако тоа ќе биде поттик за нас, и во иднина да планираме вакви настани, додаваат од Елеуса.
– Во рамки на проектните активности ќе оствариме средба со здруженијата на граѓани кои работат со лица на кои што им треба инклузија. Преку прашалници ќе се обидеме да ги детектираме предизвиците пред кои се исправени, а со чие што надминување може да се подобри положбата на овие лица, велат од ЕЛЕУСА, додавајќи дека овие активности се дел од проектот „Со песна до инклузија“ поддржан и од Програмата V2 од Буџетот на Општина Струмица.
На концертот ќе настапи групата Љубојна, која со својот препознатлив музички израз што ги спојува традицијата и современоста создава атмосфера која ќе нѐ потсети дека музиката е универзален јазик што допира до секое срце. Нивните звуци ќе бидат мост што ги поврзува сите присутни, без оглед на нивните различности.
За Елеуса овој настан е повеќе од концерт – тоа е чекор напред во градењето општество во кое секој има свое место и можност да придонесе. Тоа е славење на инклузијата, креативноста и заедништвото.
Оттаму повикуваат да дојдете, да бидете дел од оваа приказна:
– Заедно да создадеме моменти што ќе се паметат и да покажеме дека различностите не се пречка, туку богатство што нѐ прави посилни!
Билетите по цена од 350 денари може да ги набавите во Оптика Сфера.




