Естонскиот композитор Арво Парт е одликуван со Гетеов медал за 2026 година за неговиот исклучителен придонес кон современата култура. Православната духовност претставува суштински дел од неговото творештво, а неговата музика е длабоко поврзана со верата и светите текстови.
Одликувањето е доделено кон крајот на август годинава, на свеченост во Вајмар, а во името на композиторот го прими неговиот син, Мајкл Перт.
Гетеовиот медал е официјално одликување на Сојузна Република Германија, кое од 1955 година им се доделува на странски личности од областа на образованието и културата за нивниот придонес кон унапредувањето на германскиот јазик и култура.
Жирито го сочинуваат претставници на значајни германски културни институции, на Сојузното министерство за надворешни работи и на Гете-институтот.
Не се откажал од верата во Бога
Во пофалниот говор (laudatio), музикологот и новинар Бјорн Готштајн ја истакна способноста на музиката на Арво Парт да допре до луѓе од различни средини и култури: „Преку својата музика, тој допира до луѓе од сите средини и култури и ги трогнува.“
„Дури и кога тие не го споделуваат религиозното убедување на Парт, кое секогаш се наоѓа во основата на неговата музика. Во оваа музика постои непоколеблива вистина. Таа нуди утеха и нè учи на смирение“ – рече Бјорн Готштајн.
Музикологот се осврна и на периодот кога Арво Парт се соочувал со притисоците на советскиот режим: „Можеме само да се обидеме да замислиме што значи да живееш како уметник во земја која ти наметнува десетгодишна забрана за изведување на твоите дела, затоа што не си подготвен ниту да се потчиниш на државниот интерес, ниту да се откажеш од верата во Бога.“
„Чувство на единство во заедничарењето“
Мајкл Перт зборуваше за улогата што зборовите ја имаат во процесот на компонирање: „За татко ми, зборовите, особено оние од светите текстови, честопати се изворот од кој се раѓа музиката.“
Синот на композиторот објасни дека „она што го пренесува текстот, благодарение на музиката, може да ни се обрати над границите на јазикот и на религискиот контекст“.
„Она што ни се пренесува преку музиката понекогаш е истовремено едноставно и тешко објасниво: мир, полнота на љубовта, чувство на единство во заедничарењето“, додаде Мајкл Перт.
Ја открил музиката преку верата
Гете-институтот изработи и видеоматеријал посветен на естонскиот композитор, во кој се претставени неговиот духовен и уметнички пат.
Во материјалот се потсетува дека, во периодот на своите духовни и уметнички трагања во 1970-тите години, Арво Парт го открил грегоријанското пеење и делата на свети Силуан Атонски, а на почетокот на истата деценија преминал во Православие.
Подоцна, советскиот комунистички режим го засилил притисокот врз него, а во 1980 година композиторот ја напуштил Естонија заедно со семејството, најпрво се населил во Виена, а потоа во Берлин.
„Тој ја живее својата духовност и се изразува преку својата музика“, вели во видеоматеријалот Јаан-Еик Тулве, уметнички директор на Центарот „Арво Парт“.
Потсетуваме дека на 4 октомври 2025 година во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“, во Скопје, се одржа бесплатен концерт на естонскиот камерен хор „Калев“, кој изведе неколку композиции од Арво Парт.
Извор: https://basilica.ro/compozitorul-arvo-part-premiat-medalia-goethe-2026/

