Прва православна песна на холандски јазик

На празникот Воведение на Пресвета Богородица, на YouTube-каналот „Orthodox Benelux“ беше објавена православна песна на холандски јазик со наслов „Gods Kinderen“ („Божји деца“) – известува интернет страницата на Српската Патријаршија.

Се работи за препев на холандски јазик на познатата српска православна песна „Деца небесни“. Песната ја изразува христијанската копнеж по Небесниот Леб и припадноста кон Бога и Неговото Небесно Царство. Во холандската верзија на песната се нагласува дека земниот живот, и покрај своите благодати и благослови, не може да го избави човекот од смртта, и дека спасението може да се стекне единствено преку Бога и Неговото вечно и непропадливо Небесно Царство.

Песната ја изведува група пејачи од различни српски православни парохии во Холандија и Белгија. Групата е составена од пејачи со холандско, српско и мешано српско-холандско потекло, а сите се родени и израснати во Холандија. Самата составеност на пејачката група на извесен начин го отсликува мостот меѓу српскиот и холандскиот идентитет обединети во православната вера.

Музичкото видео претставува автентични сцени од животот на Српската Православна Црква во Холандија, вклучувајќи света Литургија, света тајна брак, средби на деца и, пред сè, масовно крштевање на холандски катихумени. Светата тајна Крштение беше извршена во реката Лек, по што новокрстените го примија Светото Причестување во црквата Света Троица во Ротердам.

Сите кадри во спотот прикажуваат вистински настани од црковниот живот; не се користени актери, ниту имало инсценирани снимки. Преку спотот, исто така, се препознава и универзалноста на Православната Црква, преку кадри од луѓе со различно етничко и културно потекло кои го наоѓаат своето прибежиште под закрилата на Српската Православна Црква – Христовата Црква, која во својата прегратка ги прима сите народи на земјата што Го бараат Христа и спасението. Снимањето на спотот беше извршено во парохијата Света Троица во Ротердам, во Дордрехт, на бреговите на реката Лек, како и на различни селски локации во живописната општина Моленланден.

Првото православно музичко видео и првата песна снимени на холандски јазик претставуваат придонес кон мисионерските напори, како и израз на благодарност што сè поголем број Холанѓани пристапуваат кон Светата Православна Христова Црква. Песната и спотот се снимени со благослов на Неговото Преосвештенство, епископот париски и западноевропски г. Јустин.

Gods Kinderen - Orthodox BeneluxGods Kinderen – Orthodox Benelux

Извор: https://spc.rs/sr/news/aktuelno//15253.prva-pravoslavna-pesma-na-holandskom-jeziku.html