Видео запис за песната „Христос воскреснува“

Песната „Христос Воскреснува“, проследена со видео запис, несомнено претставува своевидно освежување на домашната уметничка и теолошка сцена, освежување кое е накалемено на нашето богато православно предание, и, истото тоа предание го актуелизира на начин разбирлив за современиот човек.

Оваа впечатлива песна ја пеат повеќемина дечиња, кои секоја недела се собираат и се причестуваат на литургиите, кои се служат во Манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ (МПЦ-ОА), с. Маркова Сушица, покрај Скопје.

Жизнерадосната и торжествена композиција е на Маја Стојановиќ Крстиќ (магистер пијанист по класична музика), а теолошки издржаниот текст е на м-р Дарко Крстиќ (психолог), внук на нашиот познат писател од Охрид, Анѓелко Крстиќ.

Младите и нежни детски срца со песната „Христос Воскреснува“ даваат еден од одговорите за значењето на празникот Воскресение Христово. Тие пеат за светлата иднина на животот во Христа, живот кој е целовит, а не растурен, живот кој е спасоносен и вечен. Христос Воскресна!

Христос Воскресе!Христос Воскресе!