Руската православна црква му додели орден на режисерот Емир Кустурица

Режисерот, сценарист, глумец и музичар Емир Кустурица е одликуван од Руската православна црква со Орден на Преподобниот Серафим Саровски од прв степен, заради неговиот придонес за зачувувањето на традиционалните вредности во општеството и сведочењето за евангелските идеали на љубовта и братството.

Ова е наведено во писмото со честитка по повод 70 роденден на Емир Кустурица од Неговата Светост Патријархот Московски и на сета Рус г.г. Кирил. 

Емир Кустурица е роден во Сараево, Босна и Херцеговина во 1954 година. Филмска режија завршил на Филмската академија во Прага. Добитник е на две награди „Златна палма“ на филмскиот фестивал во Кан, носител е на францускиот орден „Витез од редот на уметноста и книжевноста“ и на други бројни одликувања од Србија, Чешка, Италија, Русија. Национален амбасадор на УНИЦЕФ во Србија. Поранешен член на босанската музичка група „Забрањено пушење“, актуелен член на составот „No Smoking Orchestra“.

Писмото на Патријархот Кирил, објавено на интернет страницата на Московската Патријаршија во продолжение го пренесуваме во целост.

Почитуван господине Кустурица, 

Од сè срце Ви ја честитам 70-годишнината од Вашето раѓање. 

Вашето повеќеслојно творештво, кое со текот на годините стана препознатлив знак на современата српска уметност и автентичниот „балкански стил“, е сакано од милиони љубители на убавото ширум светот. Вашите филмски остварувања, кои ги поставуваат вечните прашања за смислата на животот и моралниот избор, се одликуваат не само со длабок симболизам и нестандардни уметнички решенија, туку и со добар хумор и живописни, незаборавни ликови на хероите. 

Задоволство е да се истакне дека, како православен верник, се стремите убедливо да сведочите за евангелските идеали на љубовта и братството, за важноста на цврстите семејни врски и следењето на високите морални принципи. 

Во знак на признание за Вашиот придонес во зачувувањето на традиционалните вредности во општеството и по повод оваа значајна годишнина, сметам дека е праведно да Ви биде доделен Орденот на Преподобниот Серафим Саровски (I степен). 

Ви посакувам полнота на душевни и телесни сили, ведрина на духот, непрекината Божја помош и нови творечки успеси. 

Со почит, 

+Кирил 
Патријарх Московски и на сета Рус 

Извор: http://www.patriarchia.ru/db/text/5890064.html