Српскиот Патријарх Порфириј му го врачи орденот Свети Сава од прв ред на Никита Михалков

Неговата Светост Српскиот Патријарх г. Порфириј на 27 октомври 2024 година, на големата сцена на Народниот театар во Белград му го врачи орденот Свети Сава од прв степен на г. Никита Михалков, прославениот режисер и актер, народен уметник на Руската Федерација.

По маестрално изведената драма 12, од Никита Михалков и браќата Пресњаков, од страна на врвните уметници собрани во Државната буџетска установа за култура Никита Михалков од Москва, Неговата Светост Српскиот Патријарх г.г. Порфириј излезе на големата сцена на српскиот национален театар и порача:

– Почитуван Никита Сергеевич, Ви благодарам за оваа прекрасна и возбудлива вечер и оваа претстава која ги открива најдлабоките тајни на човековата личност и животот.

– Посебна особеност на руската култура и уметност воопшто е што се занимава со прашањето за смислата на човековиот живот, а тоа е исто така и особина на Вашето творештво преку кое српскиот човек препознава еден од најголемите уметници и творци на полето на филмската и сценската уметност и тоа не само во Русија туку и во целиот свет воопшто – нагласи Светејшиот Патријарх и заклучи:

– Некој одлучи дека поради Вашето достоинство и човечка чесност, поради Вашето отворено сведочење на православните евангелски вредности, да Ви го укине примањето на златни предмети: палми, школки, мечки, лавови… Нашата Српска Православна Црква, препознавајќи го Вашето сведочење на автентичниот, здравиот, нормалниот, во согласност со Божјиот план човек, кој всушност е универзален човек, одлучи да Ве награди со своето највисоко признание, орденот на Свети Сава од прв степен.

Овие зборови на Патријархот многубројната публика, која ја исполни Големата сала на Народниот театар до последното место, ги проследи со нескриено одобрување и голем аплауз.

Во грамотата што го придружува највисокото одликување на Српската Православна Црква се наведува дека, на предлог на Српскиот Патријарх Иринеј и Епископот Бачки Иринеј, орденот на Свети Сава од прв степен на г. Никита Сергеевич Михалков, филмски и театарски автор и актер, му се доделува во знак на признание за неизмерливиот придонес во претставувањето на православниот етос и култура во светски рамки, а особено за братската помош и сострадалната љубов секогаш покажувана кон Српската Православна Црква и нејзиниот верен народ.

Светејшиот Патријарх г. Порфириј потоа на присутните им објасни дека предлогот за одликување на големиот уметник бил покренат уште за време на блаженопочинатиот патријарх Иринеј. „Но како што обично бива: еден сее, друг окопува, трет жнее, а четвртиот, кој е најмалку заслужен, има благослов да се храни од таква богата трпеза. Достоен!“ – порача патријархот Порфириј.

Следуваа зборовите на благодарност на г. Никита Михалков:

– Кога човек работи за награди, тие никогаш не се доволни. Постои икона на Мајката Божја Неочекувана радост. Денес ѝ се поклонувам на таа икона за оваа неочекувана радост. Не сметам дека сум навистина достоен за оваа голема награда, но сум уверен дека бил во право рускиот филозоф Василиј Розанов кога рекол: Човек без вера не ми е интересен. Родени сме да бидеме интересни затоа што веруваме. Благодарам!

На свеченоста во Народниот театар присуствуваа и: Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Бачки г. Иринеј, Неговото Преосвештенство Епископот Новобрдски г. Иларион, викар на Српскиот Патријарх, г-ѓа Ивана Димиќ, главен и одговорен уредник на Светосавско ѕвонче и г. Светислав Буле Гонциќ, управник на Народниот театар во Белград.

Извор: https://spc.rs/patrijarh-porfirije-urucio-orden-svetog-save-nikiti-mihalkovu/